Sv._Kiril

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени вредни икони поврзани со ликот и делото на свети Климент, копии од фрески од повеќе цркви и манастири во Македонија, како и фотографии од објекти во кои се изложени моштите на охридскиот заштитник ...

И годинава, по 48. пат, Република Македонија ќе го чествува Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј. По тој повод, во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на св. Кирил“, во Понтификалниот универзитет „Урбанијана“ на 23 мај во 18 часот ќе биде отворена изложбата „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“ на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј - Охрид. Со изложбата, која е во духот на големиот празник, Република Македонија  го одбележува и значајниот јубилеј 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.

Во рамките на изложбата ќе бидат претставени вредни икони поврзани со ликот и делото на свети Климент, копии од фрески од повеќе цркви и манастири во Македонија, како и фотографии од објекти во кои се изложени моштите на охридскиот заштитник.

За изложбата е изработен и двојазичен каталог со пригоден текст за св. Климент Охридски и неговото значење за македонскиот народ, како и за неговите ликовни претстави во Македонија и на балканските простори.

 Како дел од културната програма, во истиот простор концерт ќе одржи реномираниот македонски гитарист Дарко Багески, кој ќе исполни композиции од македонски и од странски автори.

Во текот на изминатите години, во рамките на традиционалното чествување на делото на светите браќа Кирил и Методиј во Рим,  со поддршка од Министерството за култура беа претставени вредни изложби, меѓу кои: „Македонски бронзи“, „Антички теракотни фигурини од Македонија“, архивската изложба „Македонија низ вековите“, „Словенски ракописи од Македонија од 13 до 19 век“ кои беа презентирани во престижните Ватикански музеи, изложбата на „Македонска резба“ која беше поставена во монументалниот простор на  комплексот Виторијано во Рим.

Во оваа смисла, со годинашната изложба на Заводот и музеј од Охрид насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност“, Република Македонија  го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.

Извор: Министерство за култура на РМ