Скопје, 16 април (МИА) - Со исклучителна скромна свеченост завчеравечер беше отворен 20. саем на книгата, во „Метрополис арената“ на скопското Сајмиште. Саемот, кој годинава е преименуван во Денови на книгата, го отвори Слободан Деспотовски, заменик-министер за култура, иако беше најавено тоа да го сторат министерот Арификмет Џемаили и претседателот на МАНУ, Георги Старделов, пишува „Дневник“. Понекој посетител-љубител на книгата, неколкумина автори дојдени на сопствена иницијатива и издавачите беа публика за отворање.

Книгата има двајца автори: тој што ја пишува и тој што ја чита. Се вели дека таа му е најдобар пријател на човекот. Не знам дали е тоа така, но сигурно е дека книгата е пријател без кој човекот не може, рече, меѓу другото, Деспотовски. Во понудата се стотици странски хит-романи, историски дела, монографии, енциклопедии и понекоја нова книга од домашни автори. Седумдесетина издавачи до крајот на неделава (20 април) на читателите ќе им ја презентираат светската книжевна мисла.

За денеска се закажани само три промоции. „Александар Македонски“, книга од група македонски автори, ќе биде презентирана во 12 часот на штандот на „Матица македонска“. Уредувач на изданието е поетесата Светлана Христова-Јоциќ. Во книгата се поместени повеќе текстови и размислувања што наши книжевни истражувачи ги напишале за Александар Македонски, за античките Македонски, за културните влијанија и промени што на нашиот простор се случувале низ историјата. Автор на уводот кон книгата е Петре М. Андреевски, кој во својот текст напишал дека нашата нација не треба да се дистанцира од своите антички предци.На штандот на „Три“ во 13 часот ќе биде промовирана „Петта димензија“ од Митко Керамитчиев, а во 18 часот таму ќе ја промовираат и „Тркало на судбината“ од Александар Имшираѓиќ.

Споменикот „Бели мугри“ со кој требаше да биде одбележана 100-годишнината од раѓањето на Рацин нама да биде подигнат, објавува весникот. Членовите на Советот на Општина Велес со мнозинство гласови решија дека на Велес не му е потребен таков паметник. - Во градот има премногу споменици, нема потреба од уште еден, затоа сме против неговата изведба, рече Томе Јаневски, советник од ВМРО-ДПМНЕ. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, остро се спротивстави на таквата одлука. На следната седница повторно ќе разговараме за изградба на споменикот. Се надевам дека советниците ќе сфатат каква грешка направија.

Во прилог на достојно одбележување на јубилејот се предвидува поставување скулптура во просторот посветен на најголемото Рациново дело, стихозбирката „Бели мугри“, изјави Коцевски. Скулптурата треба да биде поставена во централното градско подрачје спроти зградата на поштата, во непосредна близина на единствениот „споменик од стихови“ поставен на фасадата од десната страна и мурал со ликот на Рацин исцртан на фасадата од левата страна на зградата. Споменикот не требаше да биде голем и требаше да биде изработена во бронза. Се работи поставувањето на муралот на Рацин, по мотив на Коробар со текст од „Тутуноберачите“.

Македонскиот тенор Благој Нацоски вечерва ќе дебитира во најпрестижната оперска куќа во Торонто, „Канадиан опера компани“, со улогата на Гроф Алмавива во операта „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, објави „Утрински весник“. Претставата ќе се одржи во новоотворената сала на Канадската опера „Four Seasons Centre“ која има капацитет од 2.100 седишта. Диригент е Мигел Харт-Бедоја од Перу, а режисер Мајкл Патрик Албано од Канада. Нацоски е првиот Македонец кој настапува во овој театар, додека со оваа улога досега има настапено во театрите „Карло Феличе“ во Џенова, Италија и во Националната опера на Полска во Варшава.

- Имаме прекрасен прием од Канаѓаните и овде има прекрасна атмосфера за работа. Соработката со колегите е на највисоко ниво и ова е можеби најкомпактниот тим што досега сум го имал во една оперска продукција, вели Нацоски. На претставата се очекува да присуствуваат амбасадорот на Република Македонија во Отава Сашко Насев, генералниот конзул во Торонто Бранко Трајковски, како и пратеникот во Канадскиот парламент со македонско потекло Луј Темелковски. По утрешната премиера следуваат уште 10 репризи кои ќе се одржат до 23 мај. Билетите за сите 11 претстави се распродадени уште пред неколку месеци.

Од вчера Симон Трпчески има свое концертно пијано, кое со вкупната опрема чини 120.000 евра, а му го купија членови на македонската бизнис елита, на иницијатива на норвешкиот амбасадор во Македонија, пишува „Вечер“.

 - Не заслужив да свирам на таков инструмент. Секаде во светот ми нудат избор на неколку пијана, само дома имам проблем. Тоа е тажно. Како и да е, јас преминав преку нешто што беше многу тешко и мачно за мене и што кој било професионалец во светот не би го направил. Не сакате да знаете какво е чувството да мораш да креираш на таков инструмент, а публиката и критиката да те впива со очи и уши", изјави пред околу три години Симон Трпчески по концертот во Универзална сала.

По ова сериозно предочување дека најекспонираниот интернационален пијанист кој потекнува од Македонија нема соодветен инструмент на кој може да свири, накратко се огласи Министерството за култура и тогашниот министер Илиријан Бекири, со ветување дека можно е барањето да се стави во Програмата за култура. Но, ништо не се случи. Конечно, сопругата на амбасадорот на Норвешка во Македонија Норун Ворланд Виби ја обедини бизнис елитата во Македонија и од вчера Симон Трпчески има свое концертно пијано, модел Д, со црна боја, произведено во Хамбург со вкупна вредност од 120.000 евра. 

Во скопските села Сарај и Матка на 19 мај почнува снимањето на филмот „Војната заврши“ на режисерот Митко Панов, долгометражно првенче на македонскиот режисер кој живее и работи во странство и е единствен Македонец добитник на престижната награда во Кан „Златна палма“, објавува „Време“. Филмот „Војната заврши“, прво долгометражно остварување што се снима годинава кај нас, третира емигрантска приказна на релација Балкан - Швајцарија и говори за распадот на семејството, моралните норми и за традиционалните вредности.

- Темата е современа - глобализацијата на светот и мешањето на културите, односно судирот меѓу современиот живот  што го нуди западниот свет и традиционалните вредности кои се уште постојат во балканскиот регион. Конфликтот со кој се соочува главниот лик е да ја сочува својата човечност во време на непријателства, политичка нестабилност и воени судири. Неговото бегство во Швајцарија само ја зголемува неговата лична драма, која придонесува за уште поголем морален распад. „Војната заврши“ е филм за борбата меѓу два света, филм што зборува за предностите и за слабостите на тие два света, вели продуцентот на филмот Мони Дамевски.  хс/дма/10:10