Македонскиот крст од Велјуса доби благослов
Специфичниот и единствен крст од фасадата на црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ е првиот христијански симбол од Македонија што доживеа меѓународно признание за оригиналност

 

Специфичниот и единствен крст од фасадата на црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ во струмичкото село Велјуса е првиот христијански симбол од Македонија што доживеа меѓународна афирмација како Македонски крст. Афирмацијата дојде преку фалеристички организации од повеќе земји, по неодамнешната промоција на крстот од Велјуса на медалите со кои МПЦ одликува дваесетина истакнати личности. Фалеристичките организации што се занимаваат со проучување на одликувањата, без каква и да е забелешка прифатија оригиналниот крст да се нарекува Македонски крст. Во МПЦ наведуваат дека се' уште е рано да се каже дали крстот, кој се' повеќе се наоѓа во црковна употреба, ќе стане и општ симбол на Црквата во Македонија. Повеќе земји со доминантно христијанска вероисповед имаат специфични крстови, кои се нарекуваат според името на земјата или на градовите. Такви, на пример, се Руски крст, Грчки крст, Римски крст, Ерусалимски крст... Струмичкиот владика Наум вели дека е најбитно тоа што крстот почна да се прифаќа во меѓународни рамки.Најбитно е тоа што ние на овој начин го заштитивме симболот што со својот изглед е единствен и на нашиот простор. Точно е тоа дека изгледот на крстот е специфика на секоја црква и дека ние се' уште не сме се определиле за една уникатна форма. Идејата со употребата на крстот од Велјуса на медалите на МПЦ беше тој да добие меѓународно признание и афирмација, а потоа ќе се види на кој начин ќе ја има примена во рамките на МПЦ - вели владиката Наум, чија епархија го иницира тој медал.Досега се' уште не е утврдено кој е авторот на крстот чиј единствен орнамент се наоѓа на фасадата на црквата во Велјуса. Само се знае дека црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ е изградена во 1085 година и дека нејзин ктитор бил Емануил, тогашниот епископ струмички. Непознатиот мајстор го соѕидал крстот на фасадата со малечки црвени тули, така што тој во основата го има квадратот чии четири страни претставуваат основа на која е направен крст со страници со иста должина.Роберт Митевски, експерт по фалеристика кој учествуваше во креирањето на изгледот на медалот, вели дека веќе стасале позитивни реакции од фалеристички организации.

- Пофалби за изгледот на медалот и за мотивот на крстот ни дојдоа и од Србија, земја чија црква се' уште не ја признава автокефалноста на МПЦ. Медалот и орнаментот на крстот што се наоѓа на реверсот сега се влезени во сите светски каталози со назнака дека станува збор за Македонски крст. Во фалеристиката нема поделби по национална или некоја друга основа и затоа не очекувам дека ќе има некакви реакции или отпори поради името - вели Митевски.Тој наведува дека, на пример, во Република Хрватска е заштитено решение што се нарекува Хрватски тролист и претставува крст во форма на детелинка. Пред осум години, по повод јубилејот 2000 години на христијанството во Македонија, беше промовирана збирката „Крстови од Македонија“, која содржи над стотина крстови што како предмети се најдени на почвата на Македонија.

Бранко Горгевски -Дневник

 

Посети:{moshits}