Њујорк, 8 април (МИА) - Весникот „Вашингтон пост“ ја доби Пулицеровата награда во категоријата во служба на општеството за репортажите на Дејна Прист, Ан Хол и фотографот Мајкл де Сил, кои што го откриваат лошиот однос кон ранетите ветерани во болницата „Волтер Рид“, што предизвикаа силна реакција на јавноста и промена на федералното законодавство.

Наградите за истражувачко новинарство беа доделени на Волт Богданич и Џејк Хукер од „Њујорк тајмс“ за нивните репортажи за токсичните материјали во лекарствата и други производи увезени од Кина, и на „Чикаго трибјун“ за открието во врска со недоволното регулирање од страна на Владата на производството на играчки, бебешки колички и детски седишта за автомобили.

Во категоријата „вести“ наградата Пулицер ја доби повторно весникот „Вашингтон пост“ за вестите во врска со масовното убиство на студентите на Технолошкиот универзитет во Вирџинија.

Повторно новинар од „Вашингтон пост“ - Стив Феинару, доби награда за меѓународно новинарство за репортажите по повод незаконските договори со приватни фирми во Ирак за логистично обезбедување на американските вооружени сили.

Наградата за фотографија беше доделена на Адрес Латиф од Ројтерс за фотографиите на фатално ранет човек за време демонстрациите во Мијанмар.

Жирито под председателство на Мајкл Орискес, извршен издавач на „Интернешенел хералд трибјун“, додели уште 14 награди за новинарство и осум за литература, драма и музика.

Објавувањето на Пулицеровите награди на Колумбискиот универзитет во Њујорк ќе биде проследено со свечена церемонија на доделување идниот месец.

Наградите „Пулицер“, по името на Џозеф Пулуцер - новинар и издавач од унгарско потекло, се доделуваат од 1917 година. Тие изнесуваат по 10.000 долари, што е многу помалку од многу други награди за новинарство, но нивната професионална и морална вредност им го одредува местото на најпрестижните награди за новинарство во САД. нд/7:40