Квалитетот, а не националноста е репер за Европа

Европскиот идентитет е конгломерат од многу народи, нации, јазици, тоа е луксуз и треба да се негува, рече Дорис Пак

 

Европската нација не е стара со векови, но составена е од безброј помали и поголеми нации, некои од нив стари со милениуми. Затоа мора да го сочуваме културниот идентитет. Без култура, ќе ја загубиме битката. Ова беше една од поентите на европарламентарката Дорис Пак, која учествуваше на собирот наречен „Форум Скопје“, што викендов се одржа во македонскиот парламент. За проблемите во културата, формите на соработка и поврзување на институциите од цела Европа зборуваа истакнати европарламентарци, дипломати, политичари, професори, новинари, публицисти, раководители на културни институции од земјава и од странство. Беа отворени многу прашања - зошто буџетите за култура се секогаш најмали, зошто Европската комисија и Европскиот парламанет не сторат нешто повеќе за културата, зошто се' уште се затворени границите за уметниците. Излагачите имаа единствен став - дека земјите од Југоисточна Европа културолошки отсекогаш биле дел од Унијата. Европскиот идентитет е конгломерат од многу народи, нации, јазици. Тоа е луксуз и треба да се негува. Културата и образованието се душата на Европа. Мора да ги обединиме овие два елемента и многу да работиме на нив - рече Пак.Таа дебатираше на тема „Имплементација на културата како движечка сила за развој на Европа“.

АКО НЕ СИ ДОБАР - НАДВОР СИ

На прашањето зошто Унијата не вложува доволно во културата, Пак одговори: Европската Унија е формирана како економски и индустриски простор, а не како културен или образовен. Сега гледаме дека тоа не била успешна формула, бидејќи културата и образованието се дел од секојдневјето. Затоа се обидуваме полека да го измениме тој начин на размислување.Таа додаде дека постојано се обидува да влијае врз Европската комисија и Европскиот парламент за да ги убеди да одвојуваат повеќе пари за култура.Тешко ми оди, но мора да има повеќе пари за Југоисточна Европа - рече Пак.Специјалниот координатор на Пактот за стабилност на Југоисточна Европа, Ерхад Бусек, беше еден од најсилните излагачи на форумот. Тој ја претстави актуелната слика на европската социолошка, културна и политичка сцена.

- Со развојот на технологијата, националното ниво во Европа почна да губи важност. За сметка на тоа почна да се случува ренационализација, која е опасна за Европа. Владите сфаќаат дека полека го губат влијанието и не избираат начин како да се наметнат за повторно да станат важни. Тоа е примитивно, но се случува - рече Бусек.Решението е, предложи тој, во создавање многу блиски контакти на регионално и локално ниво. Да се прави размена на ученици (наместо размена на парламентарци), да се интензивира манифестацијата „Европски град на културата“, да се направи парламент на фондации, да се организираат тркалезни маси за новинари на регионално ниво, да се интензивира работата на граѓанскиот сектор, да се финансираат успешни приказни на кое било ниво. На укажувањето дека земјите од ЕУ немаат ист третман иако се рамноправни членки, Бусек рече:Веќе одамна националноста не е репер во Европа. Треба да си добар, не национален. Ако не си добар - надвор си - рече Бусек.

ЕВРОПА - ПРОСТОР ЗА СИТЕ

За актерката и продуцентка Лабина Митевска, Европа се' уште е континент поделен со визи, пасоши, граници. Тоа мора да се смени. За Европејците нема друга алтернатива, освен да се отворат просторите за сите - рече Митевска.Хелена Дрновшек-Зворко, амбасадор за култура во Министерството за надворешни работи на Словенија, предложи на дебатите за културата да учествуваат и политичарите, бидејќи секогаш се начнува темата за политиката во културата.Милена Драгичевиќ-Шешиќ, ректор на Факултетот за уметност на белградскиот универзитет, потенцира дека во секоја земја постои одредена доза фатализам, но не смееме да дозволиме такви предрасуди да блокираат каков било развој и напредок. Да направиме солидна база на луѓе во Европа што се подготвени да ги следат и да ги прифатат разликите - рече Драгичевиќ-Шешиќ. Форумот продолжи вчера со дебати на тема културата и бизнисот.

Тридневниот собир во Скопје го организираа „Паблик рум“, Европската алијанса во Македонија и Министерството за култура, под покровителство на Владата и на Собранието.

Вим Вендерс, Европеец во САД

Со анегдота од животот на познатиот режисер Вим Вендерс, Дорис Пак се обиде да илустрира што значи поимот „да се чувствуваш како Европеец“. Вендерс на Пак неколкупати и' рекол дека мора да се научи да се чувствува европски, бидејќи во себе не може да пронајде такви чувства на припадност. Кога се вратил од САД и' рекол: Научив кога отидов во Америка. Таму се чувствував како Европеец. Културата е единствената работа на која ни се љубоморни Американците. Културата мора да ја зачуваме.

Весна Ивановска- Дневник