Се отвора дигиталниот центар за културно наследство

Генералниот директор на УНЕСКО, Коиширо Мацура, ќе го отвори Регионалниот центар,сместен воМузејот на современата уметност

Генералниот директор на УНЕСКО, Коиширо Мацура, вечерва во 18 часот свечено ќе го отвори Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство на земјите од југоисточна Европа, сместен во Музејот на современата уметност, на скопско Кале. Центарот има 141 квадратен метар во приземјето на Музејот, во просторот на поранешната столарска работилница. Во пресрет на посетата на шестчлената делегација од Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, МСУ вчера беше место на работна акција. Петнаесетмина работници го чистеа дворот, ја косеа тревата, го уредуваа просторот. Регионалниот центар (во почетокот) ќе функционира како тело во рамките на Управата за заштита на културното наследство. Се прави со донација од 300.000 евра, кои пред околу четири години ги одобри италијанската влада. Сите активности се одвиваат под надлежност на Меѓународната агенција ИМГ. Лани во август УНЕСКО одобри 330.000 евра за Центарот во Скопје.Во просториите засега се вградени камери и се поставени неколку компјутери. Се' е реновирано, а во главната просторија има галерија. За почеток, Центарот ќе го посетуваат вработени од заводите, музеи и центри за конзервација од земјава, за да почнат да ги учат „правилата на игра“, вели Паско Кузман, директор на Управата за заштита.

- Тие полека ќе почнат да внесуваат податоци, ќе опипаат како функционира системот. До крајот на годинава ќе се доопреми целиот простор - вели Кузман.Подготовките за отворањето на Центарот вчера ги следеше Зоран Павлов, раководител на секторот за документација, меѓународна соработка и општи работи во Управата за заштита. Тој појасни дека Центарот ќе го користат сите што имаат каков било допир со културното наследство - луѓе од заводи, музеи, центри за конзервација, Кинотека, од библиотеките, од архивите во земјава. Главната обука почнува во мај, а ќе ја пренесуваат експерти од италијанската програма „Минерва“, која се занимава со различни видови процеси на дигитализација на културното наследство. Извесно е дека во Центарот ќе работат осуммина експерти од различни области. Но, луѓето од техничките струки ќе мора да го познаваат културното наследство. Во проектот ќе бидат вклучени студенти од Архитектонскиот и од Природно-математичкиот факултет, од кои ќе се очекува да помогнат за имплементацијата на програмите. Ова е проект што УНЕСКО ќе го финансира една година. Но, уште отсега треба да почнеме да размислуваме како ќе функционира и ќе се развива понатаму. Ако сакаме да биде вистински Регионален центар, Владата ќе треба да одвои сериозен буџет. Дигитализацијата е траен процес, кој треба постојано да се надградува - вели Павлов. Компјутерите, скенерите и другата опрема ја набавува УНЕСКО, а за софтверскиот дел се користи основата од донацијата на Светската банка (за дигитализација на заводите и музите) од пред неколку години. Тој систем ќе биде надграден. Регионалниот центар ќе биде поврзан со сите институции за заштита на културното наследство во земјава. Павлов додава дека регионалноста не значи база на податоци на целото културно наследство од југоисточна Европа. Регионалноста значи дека тука ќе се одржуваат состаноци, конференции за културно наследство. Соседите ќе може да го користат Центарот, но тоа не значи дека своето културно наследство ќе го чуваат кај нас - вели Павлов.

Весна Ивановска