Поглаварите ќе си одат на гости на верски обреди

Водачите на петте верски заедници се договориле во наредниот период наизменично да присуствуваат на одредени обредни свечености во една или друга црква или верска заедница, што ќе придонесе за поголема толеранција и меѓусебно почитување меѓу верниците



Верските лидери еднаш месечно на заеднички состанок

Апел за однесувањето на верниците за време на изборниот процес и насоки како верниците да ги прославуваат големите верски празници се дел од темите за кои разговараат поглаварите на петте верски заедници на нивните редовни состаноци што се случуваат еднаш во месецот. На последниот состанок тие се договориле во наредниот период наизменично да присуствуваат на одредени обредни свечености во една или друга црква или верска заедница, што ќе придонесе за поголема толеранција и меѓусебно почитување меѓу верниците.

Верска стратегија

Според заедничката одлука, верските лидери имаат практика на состанување, која ќе се одвива ротирачки, односно местото на состанување секогаш ќе биде различно.

Тоа ќе го одредува поглаварот на одредената верска заедница, која е на ред за пречек на гостите. Последниот состанок бил во кабинетот на г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква-ОА.

Претходно домаќин бил реисот Сулејман Реџепи, првиот човек на Исламската верска заедница. Познавачите сметаат дека ваквата одлука на верските заедници е за поздравување, а се надеваат дека тоа ќе им донесе и единствена стратегија, со која заеднички ќе настапат пред државните институции.

Верските заедници конечно решија да се здружат и заеднички да настапат во барањата што ги засегаат.
Секако дека сето ова ќе има влијание и врз верниците, коментираат експертите за верски прашања.

Од Комисијата за верски заедници не се запознаени со деталите од агендата на состаноците меѓу петте верски заедници во земјата, но очекуваат заклучоците да бидат испратени на разгледување во комисијата.

Од МПЦ велат дека состаноците се одвиваат само меѓу поглаварите на петте верски заедници. Сепак, главно, се разговарало за проблемите и за барањата што ги засегаат верските заедници.

- Тие ги прецизираат барањата. Сепак, ова е првпат верските заедници да настапат со заедничка стратегија - објаснуваат извори од МПЦ-ОА.

Права на верските работници

Придонесите за пензиско и за здравствено осигурување, односно социјалниот елемент на свештениците, се клучните проблеми со кои се соочуваат црковните работници, не само во МПЦ-ОА туку и во другите верски заедници.

Некои претставници на верските заедници велат дека мора да се регулираат правата на верските работници, како и на работата и статусот на петте верски заедници наведени во Уставот.

Барањата на верските заедници до крајот на месецов ќе се достават до државните институции, кои треба да дадат зелено светло за нивна конечна реализација.

- Први се изјасниле од МПЦ и од ИВЗ, кои бараат за регулирање на здравственото и пензиското осигурување на верските работници, како и воведување на верскиот данок - коментираат од ИВЗ.
Сѐ уште не се прецизирани датумите на средба со помалите верски заедници, како Евангелско-методистичката црква и Еврејската заедница.

Нема епилог на барањето за изградба на црква во Тетово

Давањето одобрение за градба на нова црква во Тетово како прашање ќе се дискутира понатаму. Ова е одговорот на градоначалничката на општината Тетово, Теута Арифи, на новинарско прашање по втората средба со митрополитот на тетовско-гостиварската епархија г. Јосиф. Двајцата се сретнаа во зградата на општината, со што се воспоставува практика на редовна комуникација откако во јануари градоначалничката го посети владиката во седиштето на епархијата.
- Во однос на прашањето за продолжување со градење на новите православни гробишта и изградба на капела ние како општина имаме преземено обврска што ќе се спроведе како дел од годишната програма за работа. Како што реков и порано во однос на стабилизацијата и фискалната функција тоа се прашања по кои можеме да покажеме резултати, додека другите прашања ќе ги дискутираме понатаму - истакна Теута Арифи.
Владиката Јосиф посочи дека доаѓа во возвратна посета, која треба да прерасне во редовна комуникација, чија цел е хармонизација на односите.
Иницијативниот одбор за изградба на нова црква во Тетово ја поттикна идејата во 2006 година, а сѐ уште нема добиено одобрение за градба.                                                     
А.С. _ Нова Македонија