Мултимедијална изложба на „Лице в лице“ во борба против сиромаштијата (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Топли насмевки ги красат лицата на уличните продавачи на единственото улично списание „Лице в лице“, кои ги пречекуваат гостите го кафулето „Концепт 37“, на мултимедијалната изложба „Улица“, којашто се одржа синоќа. Анабела, Армандо, Ален, Неџат... со своите униформи и срдечни поздрави, прават атмосферата да биде уште потопла. Кафулето е полно, многу поддржувачи имаат уличните продавачи.

На манифестацијата „Улица“ посетителите можеа да погледнат 13 фотографии на Томислав Георгиев и на Роберт Атанасовски. Под нив, пак, можеа да се прочитаат стихови и раскази од Никола Маџиров, Ирена Јорданова, Николина Андова, Иван Шопов, Ана Голејшка, Дарко Лешоски, Биљана Стојановска и Маја Васева. Овие литературни записи пак, ги интерпретираа креативците од ИНКА, Кристина Тодороска - Петреска и Климент Попоски. Перформансот беше проследен со музика на „Мамут и Јашем“, а потоа присутните се забавуваа со диџејскиот сет на Ненад Тонкин.

Настанот е организиран во рамките на Меѓународна недела на продавачите на улични весници, која се одбележува низ 600 града во светот. На шест континенти, 140 улични весници ги поттикнуваат уличните продавачи да заработат за пристојна егзистенција и да се издигнат над животот што ги оставил на улица. Во мрежата се вклучени 28.000 продавачи што секојдневно на улиците на Скопје, Белград, Загреб, Милано, Глазгов, Манчестер, Кејптаун, Мелбурн ги продаваат овие изданија и се борат против сиромаштијата во која се нашле.

 

09.02.2014 год.