Датум: 29.10.2013, 22:07

 ЗДОДЕВНА НАСТАВА, НЕПОСЛУШНИ СТУДЕНТИ

На предавања пишуваат пораки и ставаат лајкови

Мартин е студент на Правниот факултет во Скопје, кој наместо внимателно да го слуша предавањето на професорот, со очите одвреме-навреме погледнува под клупата и ги проверува најновите вести на социјалните мрежи на својот мобилен телефон. Тој признава дека редовно користи мобилен за време на настава и оти ретко кој студент може да му одолее на телефонот и 45 минути да не ја провери електронската пошта или да не напише порака.

- Има професори кои навистина се трудат да ги направат интересни предавањата, па користат презентации, претставуваат примери од секојдневието поврзани со материјалот. Но, има многу што сметаат дека с` што треба да направат е да ни држат лекции, а ние само да слушаме. На таквите часови сурфаме или пишуваме пораки - признава Мартин.

Студентите од САД шампиони во користење мобилен

Македонските студенти, практично, не се разликуваат премногу од своите колеги од Америка.

Резултатите од анализата на американскиот професор Барни Мекој покажале дека околу 90 отсто од американските студенти наместо да го слушаат предавањето на професорот си играат со телефонот. Најголем дел од нив праќаат СМС, проверуваат новости на социјалните мрежи, електронска пошта, па дури и ги проверуваат информациите на професорот.

Студентот Марко Дарков, кој студира европски интеграции на Битолскиот универзитет ни раскажа дека сите професори се трудат да ги направат интересни предавањата и оти има интерактивна настава. Но тој и неговите колеги сепак понекогаш користат мобилен телефон во текот на часовите.

- Тоа го правам само кога ми е важно, но се разбира не им пречам на другите, ниту тоа влијае на часот - вели Дарков.

Неговиот пријател, кој учи на Високата медицинска школа во Битола, ни раскажа дека на часови со колегите се забавуваат со мобилните уреди.

- Дури се случува некој да одговори на повик. Редовно си пишуваме пораки, проверуваме имејл. Не може сто отсто да сме сконцентрирани на наставата. Тоа го правиме кога професорот не н` гледа, најчесто под клупа - вели тој.

Студентот Борјан Петковски од Економскиот факултет во Скопје вели дека ниту еден професор не може да исконтролира 500 студенти што го слушаат предавањето и оти секогаш има некој што гледа во мобилниот телефон.

- Овој семестар слушам три предмети. Двајца професори се супер, се трудат да н` анимираат повеќе, а еден само предава, ние слушаме. Kористам мобилен најчесто кај тој професор, но само кога има потреба, кога чекам важна порака или повик - вели Петковски.

Авторитетот ја води наставата

Универзитетските професори сметаат дека високото образование не е основно и оти тие не можат и не треба постојано да ги анимираат студентите за да бидат внимателни при наставата. Според нив, студентите се определиле за висока наука и затоа треба посериозно да ги следат часовите.

Професорката Лилјана Kолева Гудева од Штипскиот универзитет вели дека со оглед на тоа што е невозможно да се стават блокатори за технички уреди во секоја предавална, се случува студент да користи мобилен телефон на предавање или полагање испит.

- Се користат и слушалки, некои се јавуваат ако им ѕвони, но с` зависи од тоа како професорот ќе го изменаџира часот. Треба да се почитуваат регулативите. Но треба и ние да сме попустливи. Се работи за млади луѓе, на кои, ако немаат лоша намера и ако нивното однесување не му штети на часот, понекогаш треба да им се излезе во пресрет - вели Kолева Гудева.

Професорката Гордана Билбиловска од Економскиот факултет во Скопје вели дека авторитетот на професорот игра голема улога во тоа како се одвива наставата.

- Додека предавам, сите студенти слушаат. Знам и да прекинам со наставата, да поставам прашање, да продискутираме за одредена тема или настан, за да им биде интересно и секако да им го задржам вниманието. На полагање испит се случувало студент да користи мобилен телефон и да чека одговор на прашање, но за нив следува дисциплинска постапка. Kористење мобилен е строго забрането - вели Билбиловска.

Милена Атанасоска Манасиева

Технологијата во функција на наставата

Професор Људмил Спасов од Филолошкиот факултет, пак, технологијата ја ставил во функција на наставата. Вели дека испити се држат во простории со блокатори, а кога има настава, не забележал дека студенти масовно користат телефон.

- Со паметната табла што ја користам веќе три години правиме вежби, користиме интернет, решаваме задачи, што ја прави наставата интересна. Студентите не се досадуваат и се сконцентрирани на наставата - вели Спасов.

 Извор: Дневник

 

Друго: 

 МПЦ ќе им забрани на свештениците да користат Facebook

  МПЦ ќе им забрани на свештениците да користат Facebook