Како што тргнале работите, ексклузивните наоди на античката Хераклеја повеќе ќе ги има во витрините на Музејот во Битола отколку на локалитетот. Овој споменик на културата од прва категорија, познат во светските археолошките мапи како репрезентативен Музеј на отворено го подрамнија багери за да може таму да се гради кафетерија. Сето тоа, благодарение на „стратегијата“ на директорот на битолскиот Завод и музеј, кој оценил дека со кафетеријата ќе привлекува туристи, а тие од таму ќе фрлале поглед врз импознатните мозаици.  Не е првпат некој да си поигрува со овој археолошки локалитет.  Преклани беше изнајмен како простор за свадба, а за таа услуга веселите сватови требаше да платат само симболична сума, колку да се купи еден климатизер за потребите на Заводот. Така реши директорот.  Откако се „разлади“ Заводот, сега директорот решил да го „разубавува“ локалитетот по примерот на римскиот Колосеум и Партенон во Атина, во кои туристите имале место за одмор и за кафе-релаксација.  Сите што биле на тие места знаат дека еден археолошки локалитет е толку вреден колку што е зачувана неговата автентичност. Придружните објекти - кафетерии и продавници се градат надвор од локалитетот.  Не врз него. Никој врз слоевите на вековите не става водоводни цевки, не мести ламинати и плочки...  Народите што ги заштитуваат својата историја и култура од негрижа и од заборав имаат огромно културно наследство, со кое се легитимираат пред светот. Ние, пак, врз тоа наследството градиме кафетерии, небаре тие ќе сведочат за нашата историја и култура.  Хераклеја е редок музеј со богат археолошки наод - репрезент на античкиот период на ова поднебје. Театарот од Римско време, епископската резиденција од ранохристијанско време, градската чешма од времето на Јустинијан го потврдија како споменик од универзално значење.  Ова е апел за властите во културата - ако не можат доволно да ја заштитат Хераклеја, нека се трудат барем да не ја оштетат.

Лилјана Грџо Дамовска
 

Друго

ЕКСПЕРТИТЕ ВОЗНЕМИРЕНИ ОД УНИШТУВАЊЕТО НА ЛОКАЛИТЕТОТ

Хераклејските мозаици најблескави на Медитеранот