Да запре градењето кафетерија на Хераклеја

На местото каде што се гради кафетрија било предвидено да има видиковец, од каде ќе се ужива во убавините на локалитетот

Хераклеја не е центар за разонода, па таму да се отвораат кафетерии, туку споменик на културата, бисер на антиката, значајна ризница за проучување на македонската историја. Вакви се коментарите на експертите по археологија растревожени, по информацијата дека во срцето на локалитетот се подига кафетерија. Експертите бараат од иницијаторот, битолскиот Завод и музеј, да се откаже од ваквиот чекор зашто сметаат дека ќе го обезличи локалитетот. Зелено светло за реализација на ваквиот проект дала и Управата за заштита на културното наследство. 

- Тоа не е страшно, го има секаде во светот. Не се работи за класична кафетерија, не во смисла да се служи јадење и пијалаци, туку место каде што ќе се служи кафе или чај за посетителите, кои ќе уживаат во околината. Тоа е составен дел од новиот музеј што се прави таму - рече директорот Паско Кузман. Еминентниот македонски професор по археологија, Иван Микулчиќ, оценува дека нема место за импровизации и за каков било угостителски објект во срцето на Хераклеја. - Замислете Грците на Партенон да продаваат суфлаки. Грешка е таа кафетерија зашто со тоа губи локалитетот. Убаво е битолчани да имаат таму интересна кафеана, но тоа е споменик на културата, а не центар за разонода. Вообичаено во светот кафетериите се на периферијата од локалитетите, а не во центарот. Досегашното искуство покажало дека веќе нема простор за грешки на Хераклеја зашто е нападна бетонската маса што беше додадена на театарот при реконструкцијата - вели Микулчиќ. Поранешниот министер за култура Благоја Стефановски вели дека видел значајни објекти од културата низ светот со кафетерии, но дека со нив не се нарушува амбиенталниот изглед.

- Треба да се внимава од што ќе се гради кафетеријата. Тоа мора да биде материјал што се јавува во градбите, а не друг, нетипичен за местото. Нормално е каде што има фреквенција на луѓе да се служи напиток, но да се внимава каде и кога. Тоа е пример и во француски Лувр, а сум присуствувал и на министерски средби на такви значајни културно-историски места, се служеле и коктели. Но, има режим за тоа. Не е можно во секое време некој да седне таму - вели Стефановски. Идејата за кафетерија во срцето на Хераклеја ја обелодени директорот на битолскиот Завод и музеј, Зоран Николовски. Тој се гордее со замислата битолчани да пијат кафе во стариот антички град основан од големиот македонски војсководец Филип Втори во 4 век пред новата ера. Според неговите зборови, кафетеријата ќе биде во рамките на новиот музејски салон што се гради на источната просторија од театарот. Ќе има затворен дел на три ката, каде што ќе се изложуваат предмети, ќе се одржуваат културни манифестација, но ќе има и ентериер за седнување и ќе се служат напитоци. Од таму се излегува на тераса наменета за истата каферија со прекрасен поглед, опкружена од едната страна со театарот, а од другата со мозаиците. Објектот е застаклен, поставени се моќни климатизери, а на терасата челична конструкција за редење бродски под. За ова се користи дел од парите што ги донира италијанската влада.

- Ова е една голема тераса, која ќе биде многу пријатна, бидејќи е на типично место, од каде што се гледа целиот локалитет и ќе биде пријатна за престој, за разговори и за дружење. Ќе работи преку ден и во вечерните часови - изјави Николовски. Експерти од битолскиот Завод и музеј велат дека се работи за изложбен салон, кој го проектирал познатиот полски архитект Јержиро Спендовски. „На тоа место е предвидено да има видиковец или место за одмор. Така е зацртано во проектот кој има за цел реконструкција, адаптација и ревитализација на локалитетот. Ние сме установа што треба да се грижи за културното наследство, а не да се занимаваме со угостителство“, велат од Заводот.

Жанета Здравковска

Друго

Ламинат врз Хераклеја

Хераклејските мозаици најблескави на Медитеранот