--------------------------------------------------------------------------------

Скопје, 27 февруари (МИА) - Под мотото „Македонија, македонски, Македонци“ вечерва на плоштадот „Пела“ во Скопје се одржа мирен собир против промената на уставното име на Република Македонија и за заштита на македонскиот национален и културен идентитет.

Протестот почна со интонирање на македонската државна химна. Пред насобраните граѓани се обратија студенти - членови на „Младите знаат“, кои заедно со група интелектуалци беа организатори на собирот.

- Никој не смее да се дрзне да го предаде овој народ, оваа земја, името Македонија. Оваа земја се викала, се вика и ќе се вика Македонија. Оваа генерација нема право да се откажува од вековното име Македонија, беа главните пораки од протестот на плоштадот „Пела“.

На учесниците на собирот им се обратија актерот Тони Михајловски и музичките ѕвезди Тамара Тодевска и Ламбе Алабакоски.

Протестот мина во мирна атмосфера, без никакви инциденти. Поголемиот дел од учесниците носеа македонски државни знамиња и транспаренти за зачувување на уставното име.

Причина за собирот, како што велат организаторите се „досегашните поразителни резултати од преговорите со Метју Нимиц“. Според нив, нема ништо порадикално од обидот за преговарање за промена на идентитетот на една нација.

Тие се  оградија од какви било провокации и евентуални уфрлени провокатори кои би сакале да го сменат карактерот на собирот. Посочија дека одговорноста за можни инциденти ќе ја понесат политичарите кои го иницирале прашањето и го наметнале проблемот.

Министерството за внатрешни работи ги презеде сите потребни мерки. Засилно полициско обезбедување имаше пред Канцеларијата за врски на Грција во Скопје. Како превентива забрането беше одвивањето на сообраќајот на улицата пред Канцеларијата.

Апел за одржување мирен и достоинствен протест, без насилства и инциденти упатија Македонската православна црква и политичките партии.

Сличен собир во организација на „Младите знаат“ беше одржан и минатата недела во Скопје. Сенка на мирниот протест на плоштадот „Македонија“ тогаш фрлија дел од учесниците кои предизвикаа инциденти пред  грчката амбасада во Скопје. са/дма/20:19


+++

М како Македонија
Влатко Ѓорчев

За името е малку да се напишат илјадници страници. Но, некогаш е излишно. Доволен е еден збор - Македонија. Оваа земја е Македонија, а ние сме Македонци. Ништо повеќе и ништо помалку.
Тешко е да се напише нешто ново за името. Се работи за чувство и идентитет. Напишани се стотици колумни, страници, докторати и текстови. Македонските аргументи се основани, правилно втемелени и праведни. Се работи за чувството на цел еден народ. Ова го засега целиот наш народ. Името ги засега сите наши граѓани, македонскиот народ и Македонците од дијаспората. Од горе, нашата дебата со Грците ја набљудуваат нашите предци, затоа што и тие биле Македонци. Резултатот се однесува на идните поколенија, затоа што и тие ќе бидат Македонци.
Затоа, овој момент е важен. Јавноста е заинтересирана, народот е вознемирен. Вестите се гледаат како во 2001 година, форумите се преполни со дискусии, циркулираат е-маилови. Се јавуваат нашите од светот. Сите исчекуваат.
Правдата е на нашата страна. Некои велат дека таму каде што има сила, нема правдина. Грција е поголема и посилна. И многу побогата. Но, нивните аргументи не држат. Ќе бидеме упорни. Тука сме биле, тука сме и тука ќе бидеме. Сме имале и поголеми предизвици. Сме имале и потешки моменти. Но, сме издржале.
Лично сметам дека не се работи за билатерален спор, туку за унилатерален спор. Унилатерално оспорување на нашето право да се наречеме онака како што се чувствуваме. Еднострана неразумност. Еднострани опструкции. Еднострано ембарго. Еднострано оспорување на нашето основно право.
Овој месец нашиот државен врв покажа сенс дека за ова прашање може, мора и треба да се изгради заеднички став. Се одржаа повеќе консултации и средби. Заеднички се градеа ставовите меѓу позицијата, и опозицијата. Малите и големите партии. Левицата и десницата. Владата и невладиниот сектор. Народот и јавноста. Читателите и новинарите. Премиерот и претседателот. Кохабитацијата добро функционираше.
Затоа, кога еден народ е сплотен, обединет и сложен, најдобро може да ги промовира своите ставови и да го брани своите интереси. Потребна ни е мудрост и истрајност. Работливост, кога странците ги запознаваме со нашето минато и сегашност. Илјадници наши граѓани преку интернат ги кажуваат нашите аргументи. Нивната енергија и ентузијазам се поради тоа што ја сакаат својата држава. Поминуваат часови во дискусии и не се штедат себеси кога треба да ја кажат вистината.
Повеќе нема дилеми. Ние ги исполнуваме условите за членство во НАТО. Точка. Крај. Енде. Тоа е вистината. Единствениот проблем и приговор го има Грција. НАТО земјите не треба да дозволат каприцот и неразумната политика на една Влада да ги нарушат интересите на целата организација и да го загрозат концептот на проширување на НАТО.
Името не е, и не треба да биде услов за НАТО. Ние ги постигнавме НАТО - критериумите, а нашите сојузници тоа го увидоа. АРМ веќе функционира како НАТО Армија, секаде каде што е распоредена. Истовремено, со својата индиферентност кон мисиите на НАТО, Грција како членка на Алијансата демонстрира однос кој не е солидарен. Околу 4 отсто од нашите војници се во НАТО мисиите во странство, а кај грчката Армија тој процент е помалку од еден отсто.
Затоа, ригидните ставови на грчката влада треба да бидат оценети како неконструктивни, а НАТО да донесе исправна одлука за членство на Македонија во Алијансата. Тоа го заслужуваме и тоа ќе биде стратешки исправна одлука на Алијансата. Истовремено, Македонија треба да продолжи да ги афирмира своите аргументи за нашето име. Имаме сплотеност кај народот. Правдата е на нашата страна. Македонија постоела и ќе постои. Засекогаш.

Авторот е пратеник