Наши некогашни студенти предаваат на Државниот универзитет во Аризона, на универзитетите во Јужна Каролина и во Ричмонд, САД, на универзитетот „Kалмерс“ во Шведска и на други универзитети во светот, вели Станковски   
    
  
Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ)

Светски познатите компании „Гугл“, „Мајкрософт“, „Волво“, „Филипс“ и „Сименс“ се само дел од претпријатијата во кои работат Македонци, а некои од нив имаат изградено и успешна кариера и работат на некои од менаџерските позиции. Нивниот ангажман претставува гордост за Факултетот за електротехника и информациски технологии, а деканот Миле Станковски посочува дека ретко кој дипломиран студент има тешкотии при вработување.

- Речиси не постои компанија во која нема електроинженер. Пред сѐ во компании од енергетскиот сектор (ЕЛЕМ, МЕПСО и „ЕВН-Македонија“), телекомуникациите („Телеком“, „Те-мобајл“, „Оне“, „Вип“, „Неотел“...), компаниите во индустријата („Макстил“, „Џонсон Мети“, „Џонсон контролс“, „Кемет електроник“, „Силмак“, „Бучим“, „Цементарница Усје“, „Пивара Скопје“, „Микросам“...), ИТ-секторот („Сивус“, АСЕКО, „Неоком“...) или во јавни институции, како и мали и средни претпријатија. Доколку споменеме некоја позната светска компанија, тогаш и во неа има барем еден инженер што дипломирал на ФЕИТ. Голем број колеги работат во ИБМ, „Гугл“ „Мајкрософт“, „Интел“, „Дојче телеком“, „Боинг“, „Волво“, „Филипс“, „Сименс“ и други. Вратите на овие компании се отворени и за нашите почетници, а некои колеги имаат изградено успешни кариери и работат на врвни менаџерски позиции. За обележување е дека дипломите се признаени и прифатени во светот, што е резултат на квалитетот на знаење што го стекнуваат тука. Исто така голем број кадри што дипломирале тука се врвни научници низ светот. Некои од нив работат во истражувачките институти на големите компании, а не е за занемарување и бројот на професори на светските универзитети што дипломирале на ФЕИТ. Наши некогашни студенти предаваат на Државниот универзитет во Аризона; на универзитетите во Јужна Каролина и во Ричмонд, САД; на универзитетот „Kалмерс“ во Шведска; на универзитетите во Алборг, Данска; во Делфт, Холандија; во Ланкастер, Велика Британија, и други. Голем број студенти се на магистерски и докторски студии на најпознатите европски и американски универзитети и без проблем добиваат стипендии. Стотина студенти во овој период се на докторски студии и постдокторски престои на познатите универзитети низ Европа, Америка и Јапонија.

Што им нуди ФЕИТ на студентите покрај редовните предавања? Какви мерки преземате по завршувањето на студиите за студентите полесно да се вработат?
- Нудиме интересни и содржински студиски програми со кои комплетно се креира инженерскиот профил. Ова се постигнува со интерактивна настава, континуирана проверка на добиените знаења и со интензивни лабораториски вежби во современи лаборатории. Во рамките на наставата за голем број предмети се организира теренска настава во соодветни компании од државата и регионот. Се организираат предавања од истакнати експерти, како и предавања на актуелни теми. Во согласност со Законот за високо образование и долгогодишната традиција, факултетот организира најмалку едномесечна практика за сите студенти. Имаме меморандуми за соработка со над сто компании од државата со вклучена студентска практика. Бидејќи спектарот на компании во кои се вработуваат инженери од профилите на ФЕИТ е голем, се обезбедува практика за сите студенти. Со ова студентите, покрај солидни теоретски знаења, се стекнуваат и со практични вештини и се подготвени по дипломирањето да се вклучат во производствените процеси. Практиката е придобивка и за студентите и за компаниите. Компаниите имаат можност за рана регрутација на кадри, а студентите добиваат визија за своето идно вработување. Честопати студентите по дипломирањето се вработуваат во компанијата во која оделе на практика.
Би сакал да нагласам дека постојано ги осовременуваме нашите студиски програми, па покрај следење на светските трендови, секогаш се консултираме и со компаниите за нивните потреби за инженерски кадар. Минатата година (2012/2013) почнавме со нови седум студиски програми на прв циклус - додипломски студии, а оваа година (2013/2014) ќе почнеме со 19 нови студиски програми на втор циклус - магистерски студии.

Колкава е сигурноста по завршување на студиите, дипломираните инженери да најдат работа во областа што ја изучувале?
- Најголем дел студенти што завршиле на ФЕИТ работат во областа што ја избрале. Со оглед на тоа што Македонија е мал пазар и не сите компании имаат потреба за нови вработувања, инженерите што ги креираме на ФЕИТ се со релативно широк профил и можат да најдат работа во соодветна компанија во релативно краток период по дипломирањето. На факултетот постои алумни-организација во која се следи напредокот на кариерата на дипломираните. Поранешните студенти се редовно присутни на различни настани организирани од факултетот, а соработката продолжува и во рамките на компаниите во кои работат.

Каква е научноистражувачката работа на вашиот факултет и дали во неа се вклучени студентите?
- ФЕИТ има голем број научноистражувачки проекти на кои се работело и се работи. Проектите главно се финансираат од европските фондови (рамковните програми, интелигентна енергија и други), од НАТО (програмата „Наука за мир“) или од друг странски извор, а одреден број од Министерството за образование и наука, иако овие средства се многу ограничени. Во изминатиот период од сопствени средства финансиравме 33 научноистражувачки проекти во чии рамки се изработија голем број магистерски и докторски тези. Од овие проекти произлегоа и голем број трудови што беа презентирани на конференции и објавени во светските списанија, од кои добар дел беа списанија со фактор на влијание. Главно, научноистражувачките проекти вклучуваат студенти од магистерски и докторски студии, но има случаи кога добрите студенти од додипломските студии се вклучени во некој научноистражувачки проект.

Се прават ли истражувања во областите на обновливите извори на енергија и како може ФЕИТ да придонесе во овој сегмент?
- ФЕИТ ги негува сите области на електроенергетиката. Во последните години ставаме посебен акцент на обновливите извори на енергии и енергетската ефикасност, како на научноистражувачко така и на апликативно и образовно поле. Следејќи ги светските трендови од пред една година, имаме нови студии на прв циклус од областите на електроенергетиката и обновливите извори на енергија, а од оваа година почнуваме со две програми на магистерски студии од овие области. Нашите професори и соработници активно се вклучени, како експерти, во големите енергетски проекти на национално и на меѓународно ниво. Тие, исто така, даваат посебен придонес и во креирањето на политиките на земјата за енергетиката, енергетската ефикасност и ОИЕ преку учество во изработката на националните стратегиски документи и закони.
На факултетот во тек е проект за изградба на центар за обновливи извори на енергија во чии рамките ќе се изградат фотоволтаична централа, ветерна централа и термосоларна централа. Овој центар, во прв ред, ќе биде наменет за лабораториски вежби на студентите од овие области, а ќе биде користен и за научноистражувачка работа - за истражувања во рамките на магистерски и докторски тези. Исто така, нашите научни работници ќе ги вршат своите истражувања во рамките на научноистражувачките проекти што се работат на ФЕИТ.
   
    
Автор: Петранка Талеска    Фотографија: Дарко Андоновски 

 Извор: Нова Македонија