Ако македонскиот јазик не ќе може да се нарече македонски, ако граѓаните не ќе може да се наречат Македонци,веќе и не е важно дали ќе се нарекуваме Независна, Демократска, Нова или Горна Македонија


Државниот врв е во многу деликатна ситуација. Треба да ги покаже (со години само од нас) бараната флексибилност и конструктивност, во ситуација кога рамката што ја нуди Метју Нимиц не остава елементарна можност за избор. Ако го одбие целосно, земјава ќе биде претставена како неконструктивна, а, од друга страна, не може да прифати нешто што оди кон целосно обезличување на идентитетот. Без разлика кое име е понудено и кое би можело евентуално да биде прифатливо, станува повеќе од јасно дека ова веќе не е битка за името, туку за државата...Ако македонскиот јазик не ќе може да се нарече македонски, ако граѓаните не ќе може да се наречат Македонци, веќе и не е важно дали ќе се нарекуваме Независна, Демократска, Нова или Горна Македонија.

Што да се прави во ваква ситуација? На посредникот мора да му се пренесе ставот дека Македонија може да разговара за разумен, но не и за непристоен предлог, кој задира длабоко во идентитетот на Македонците. Така ниту Грција ќе добие горд сосед како што бара Дора Бакојани, оти сосед со скршен ‘рбет никогаш не може да биде горд. Ниту регионот ќе биде стабилен ниту односите ќе бидат добрососедски. Ова најмалку е потребно во време на искричење во Србија и на кревка ситуација на Косово. И треба ли на меѓународната заедница нова нестабилност, овој пат во Македонија? Нимиц мора да ги прифати аргументите на Македонија, но и да даде објаснување за грубото излегување од надлежностите на неговиот мандат. Ако некој постојано бил конструктивен изминативе години, без сомнение тоа е Македонија. Односот на земјава кон овој предлог не смее да се гледа изолирано, туку во пакет со сите отстапки што сме ги направиле изминативе 15 години. Таа бела книга со списокот на сета досегашна македонска конструктивност треба јавно да ја презентира нашиот државен врв. Мора да и' се стави крај на приказната дека овде живеат националисти и крадци на туѓа историја. Македонските власти со силен консензус треба да ги презентираат сите аргументи, да ги образложат и да не бегаат од лична одговорност барајќи да го покријат тоа со колективна одговорност спроведена преку референдум. Тоа е не решение. Референдумот е пораз на отворена сцена и најсилната можност за манипулација. Да не бидеме наивни. Нимиц точно знае што ни предлага и не може да не е свесен колку тој предлог е скандалозен. Но, што ни вреди што којзнае којпат ќе констатираме дека во меѓународното право не важат принципи, туку моќта и капиталот? Го знаевме тоа и претходно, но не покажавме дека се бориме да си го решиме проблемот, надевајќи се лажно дека времето работи за нас.

Ова е последното искушение за Македонија. Тој што решил да не' тестира на ваков начин, треба да знае дека Македонија нема да се откаже од името, бидејќи само уште тоа и' остана. Се разбира, покрај европскиот сон, но не и замислата дека тој може да се оствари на ваков начин и по ваква цена. Време е да и' се стави крај на политичката хипокризија што владее со поканите за зачленување, со убавите фрази за европска иднина, за праведност, за принципи. Рамката на Нимиц е само рамка. Може да си штанца уште куп такви во својата фирма во Њујорк, каде што се одржаа една рунда преговори. Но, нашата држава не смее да добие работен наслов во нечија трговска фирма. Името на Република Македонија не е родено во Нимицовата канцеларија на некоја њујоршка авенија, ниту смее таму да згасне.

Катерина Блажевска

Посети:{moshits}