(Од архивата на Дневник)

Датум: 29.07.2013, 15:48

ВО „СВ. ЃОРЃИ“, СТАРО НАГОРИЧИНО

Откачен покрив три месеци е закана за фреските од 14 век
Staro.Nagoricane.crkva.jpg

Директорка на кумановскиот музеј испратила три официјални писма до Националниот конзерваторски центар дека имаат дојава за оштетувањата на покривот на црквата, но досега никој не одговорил

Дел од покривот на црквата „Св. Ѓорѓи“ од 14 век во кумановското село Старо Нагоричино е откачен, па ако дождот навлезе во ѕидовите, голема штета може да се направи на фрескоживописот на еден од најубавите средновековни споменици на културата во Македонија, велат жителите на селото и вработените во кумановскиот музеј. Тие тврдат дека неколкупати официјално го известувале надлежниот Национален конзерваторски центар да интервенира, но оттаму нема никаква реакција. Од Центарот велат дека се информирани за случајот, а деновиве ќе почне санацијата на објектот.

Станува збор за минимално оштетување, кое може да предизвика сериозни последици. Далибор Серафимовиќ, жител на Старо Нагоричино и домар на црквата, вели дека неколкупати јавувале во Музејот во Kуманово, а тие реагирале до надлежните.

- Веќе два месеца е ваква состојбата. Ниту дошле да видат каква е состојбата ниту се интересираат. Ова е катастрофа. Ако почнеш нешто да работиш, сите доаѓаат да те стопираат. Не смееме сами да интервенираме. А кога треба да дојдат да наместат, никаде ги нема. Водата с` уште не е навлезена во црквата, но ако летово е врнежливо, ако пробие внатре, ќе биде многу потешко и поскапо за санација - вели Серафимовиќ.

Мора да има надзор

Анита Цветановска е директорка на кумановскиот музеј од 9 мај годинава. Досега испратила три официјални писма до Националниот конзерваторски центар дека имаат дојава за оштетувањата на покривот на црквата, да излезат на терен и да извршат увид.

- Првото писмо е пратено кон крајот на мај. До сега немаме никаков одговор - вели Цветановска.

Цветанка Хаџи-Пецова, архитект од Националниот конзерваторски центар, вели дека се информирани за ситуацијата. Тие деновиве контактираат со вработените во кумановскиот музеј да се реши проблемот.

- На покривот на црквата треба да се врати оловната плоча. Со оглед на тоа што ниту луѓето од селото ниту од кумановскиот музеј не се надлежни да интервенираат, баравме начин со заеднички сили да се заврши работата. Деновиве стручно лице од нашата институција ќе појде таму да ја надгледува работата на мајсторот што ќе го поправи покривот. Таква е процедурата, мора да има наш надзор - вели Хаџи-Пецова.

Таа додава дека во законски рок од пет до седум дена одговарале на сите писма од кумановскиот музеј. Според Хаџи-Пецова, дополнителен проблем е што не располагаат со интервентен фонд за вакви работи.

- Верувајте, има многу цркви на кои треба да се интервенира на овој начин. Поради значењето на „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричино, се разбира дека овој споменик ќе има приоритет - вели таа.

Една од најубавите цркви на Балканот

Габриела Митевска, кустос во музејот во Kуманово, вели дека црквата „Св. Ѓорѓи“ ја изградил кралот Стефан Урош Втори Милутин (1282-1321) во 1313 година.

- Според живописот на старата врата, таа е живописана е во 1317 година од познатите солунски зографи Михајло и Евтихиј. Живописот е прекрасен, како и градбата. По начинот на градење се препознава дека првично е изградена во 11 век, од Роман Четврти Диоген (1067-1071). Таа е трикорабна со пет осумстрани куполи. Апсидата на источната страна е од 11 век и е полукружна, а петостраната е доградена во 14 век. Ова е еден од најважните споменици на културата од 14 век не само поради архитектурата туку и поради живописот од 14 век. Треба да се одржува. Атмосферските влијанија во никој случај не треба да допрат до живописот - вели Митевска.

Црквата последен пат е конзервирана во осумдесеттите години. Овој храм е еден од најубавите не само во Македонија туку и на Балканот.

Туристите одушевени, но нема тоалет

Далибор Серафимовиќ е роден во Старо Нагоричино и живее на 10 метри од црквата. Вели дека порано немало голема посетеност на црквата. Веќе три-четири години ја одржува. Искосена е тревата во дворот и сосема уредно изгледа.

- Сето тоа го правам без надомест. И реков дека до крајот на животот нема да се откажам. Нема тоалет, а тоа е најголем проблем за туристите. Странските туристи се одушевени од фрескоживописот. Формиравме и црковен одбор, седуммина сме во него, гледаме да ја туркаме работата. Човек од САД донесе вода во дворот. Има најосновни услови, но многу работи треба да се средат - вели Серафимовиќ.

Весна И. Илиевска