den.obrazovanie.jpg


Вака сублиматно може да се дефинира вчерашното излагање на премиерот Груевски по повод Денот на знаењето на Република Македонија, додавајќи ја максимата на Френсис Бекон дека знаењето само по себе е моќ


Цитирајќи ја макисмата на Френсис Бекон од 16 век, дека знаењето само по себе е моќ, премиерот Никола Груевски рече дека таа мисла е водилка на Владата во креирањето на образовната и севкупната политика во земјава.

- Разликите во знаењето и неговата применливост се главни меѓници според кои државите се делат на развиени или неразвиени, на богати или сиромашни. Во современите богати општества, главниот капитал е знаењето темелено на стекнатото искуство и квалитетното образование и воспитание, додаде Груевски на вчерашниот Ден на знаењето што го промовираше Владата во предворјето на НУБ "Св. Климент Охридски".
"Знаењето е слобода, незнаењето - ропство" и " Знаењето е основа за егзистенција и развој на една нација", запиша премиерот, на Ѕидот на знаењето поставен пред НУБ "Св. Климент Охридски". За ректорот, Ѓорѓи Мартиновски "Знаењето го движи светот".

Свои потписи ставија и повеќе министри и претставници на образовни институции, а повод беше Денот на знаењето во Македонија, што вчера го промовираше Владата.

Владата одлучила 21 февруари да го посвети на знаењето, поттикната од определбата да се изгради општество базирано на знаење, ефикасен образовен сиситем и подигнување на нивото на едукација кај македонските граѓани.

- Со овој чин, во годината која е прогласена како година на македонскиот јазик, ја акцентираме нужноста од подигање на квантумот на знаење на македонскиот граѓанин. Преку инвестирањето во знаењето на граѓаните, инвестираме во нивната способност да одговорат на предизвиците кои ги носи глобализацијата и одговорноста на едно модерно време во кое интегративните процеси во НАТО и ЕУ се приоритет. Доколку сакаме Република Македонија да биде конкурентна и да се носи со оваа нова констелација на односи, тогаш единствената наша шанса мора да биде знаењето..., потенцираше претседателот на Владата.

den.obrazovanie2.jpgТој најави над пет отсто одвојување од бруто-домашниот производ во 2008 за потребите на образованието, што е речиси за половина повеќе од 2006 година. За подобрување на квалитетот на образованието, Владата почна повеќе процеси - воведе деветгодишно основно образование и донесе закон средното да биде задолжителноо од новата учебна година, отвори нов државен универзитет во Штип и најави формирање на нов универзитет за информатички технологии. Во тек е и акцијата "Компјутер за секое дете" за информатичко едуцирање на учениците во сите основни и средни училишта во земјава.

Борче ГРОЗДАНОВ