03_dizajn-640

Работилница за дизајн и изработка на македонски мебел
Четврток, 11 Јули 2013 11:06    Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија Мариет Шуман и Александар Велиновски од „Јавна соба“ денеска ја посетија фабриката „Фејдом“ каде што е во тек втората фаза на изработка на прототипови од работилницата за дизајн и изработка на македонски мебел во рамките на проектот за развој на креативните индустрии.
010_dizajn-300

Препознавајќи ја потребата за нов, препознатлив дизајн на мебел во Македонија, „Јавна соба“, во улога на дизајн-менаџмент компанија, ја почна реализацијата на последната и сигурно најзначајна работилница од проектот „Шаблони”, кој е партнерски организиран со Амбасадата на Кралството Холандија и со Министерството за култура на Република Македонија.
Станува збор за работилница за современ македонски мебел на која учествуваат 14 креативци од Македонија кои, во соработка со производствените компании за мебел „Фејдом“ и „Дамико“, изработуваат прототипови на мебел. Работилницата ја водат Филимена Радоњанин од  фабриката „Фејдом“ и Питер ван дер Веин од Холандија, двајца дизајнери со огромно практично искуство зад себе. Сите парчиња мебел што ќе бидат изработени на оваа работнилница ќе бидат презентирани за прв пат во рамките на Неделата на дизајн во Скопје која ќе се одржи од 1 до 6 октомври во Куршумли ан, а меѓународната жири-комисија ќе избере најдобри три парчиња мебел кои понатаму ќе бидат промовирани пред македонските производители со цел да бидат откупени и да влезат во сериско производство.
Министерката за култура Канческа-Милевска во изјавата за медиумите истакна дека овој проект е поддржан од Министертвото за култура од причина што е иновативен и корисен и што целосно се вклопува во рамките на Стратегијата за развој на креативните идустрии.
- Сметам дека проектот е токму она што им е потребно на нашите креативни умови, а тоа е соработка со производителите и нивна целосна ориентација кон пазарот. Работилницата е одлична можност за младите дизајнери своите идеи да ги преточат во прототипови на мебел за чија изработка ќе бидат користени материјали од македонското поднебје, а потоа да бидат откупени од компаниите и да влезат во сериско производство. Партнерства од ваков вид се нешто што во блиска иднина ќе стане секојдневие во Македонија со помош на бизнис-заедницата и Министерството за култура. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам на компаниите „Фејдом“ и „Дамико“ кои први ја пропознаа идејата за овој проект и и понудија соработка на младата креативната заедница во земјава - рече Канческа-Милевска.
05_dizajn-640

Министерството за култура, имајќи го предвид потенцијалот на креативните индустрии, посветува големо внимание на оваа област и во оваа смисла, во изминатиот период беа реализирани неколку тематски работилници чијашто основна цел беше запознавање на јавноста со значењето на креативните индустрии, пренесување нови знаења и искуства на творците од областа, како и информирање на бизнис-секторот за можноста од партнерство меѓу културниот и деловниот сектор.
Канческа-Милевска подвлече дека заинтересираноста на граѓаните за развојот на креативните индустрии се потврдува и со големиот број пријавени проекти на Конкурсот за финансирање проекти во областа на креативните индустрии што го објави Министерството за култура, а чија цел е токму стимулацијата на индивидуалците и на групите кои се непосредно вклучени во процесот за развој на креативните индустрии.

 08_dizajn-640

 Извор: Министерство за култура на РМ