Колумна

Да побараме промена на косовското знаме зашто претставува силување на „европската историја“, а лебди и заканата од шесте ѕвезди, кои други пет држави ќе влезат во „Косовска унија“?, Косово да си го смени името зашто има такво село во Македонија, Нимиц да биде назначен за медијатор...ова е само хипотетички перформанс за да предочиме со какви грчки „аргументи“ се соочени граѓаните на Република Македонија


По прогласувањето на независноста на „Република Косово“, и усвојувањето на новото знаме со шесте „ЕУ-ѕвездички“, на нашата дипломатија и' се пружа историска шанса за ефектен уметнички перформанс. Имено, пред признавањето на независноста на „приштинците“, Република Македонија може јавно да побара исполнување на следниве услови:
1) Промена на новото знаме на т.н. „Република Косово“ затоа што усвојувањето на симболите на ЕУ (сината боја со жолти ѕвездички) претставува не само манифестна кражба на културното наследство на ЕУ и „силување на европската историја“, туку и отворена закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на секоја земја-членка на ЕУ (вклучувајќи ги тука и кандидатите). Имајќи предвид дека секоја од ѕвездичките на ЕУ-знамето означува посебна држава, останува заканувачки да лебди прашањето: Кои други пет држави ќе влезат во состав на новата „Косовска унија“?

2) Промена на името на новата држава, затоа што каква било употреба на зборот Косово е израз на територијални претензии кон Република Македонија, имајќи предвид дека името „Косово“ е географско име на населено место во Република Македонија (село во Порече). Се' додека не се разреши спорот околу името на нашиот северен сосед, бараме во ОН да се користи привремената референца „Поранешна Југословенска Покраина Косово и Метохија“, а како медијатор во спорот да биде назначен лично господинот Метју Нимиц. Малку и тие да уживаат во „фините“ предлози на финиот г. Нимиц и во некрофилската привремена референца.

3) Во Уставот на „приштинците“ да се внесат посебни одредби дека новата република нема територијални претензии кон соседните држави и дека нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

(Интересно ќе биде да се гледа сеир како на овие трагикомични одредби ќе реагира официјална Србија).

4) Да се преименува приштинскиот плоштад Мајка Тереза и да се оневозможи каква било натамошна злоупотреба на ликот и делото на „македонската ќерка“ Гонџа Бојаџиу - Мајка Тереза, како симбол на мирот и сожителството во Македонија.

5) Во процесот на преговарање за меѓународно прифатливо име за нашиот северен сосед, да се има предвид дека изразите „Албанци“ и „Косовари“ се неприфатливи идентитетски ознаки, затоа што го загрозуваат идентитетот ем на граѓаните на Република Македонија кои се идентификуваат како етнички Албанци, ем на жителите на македонското село „Косово“ кои се идентификуваат како „Косовари“. Исто така, не е прифатлива ниту употребата на изразите „косовски/косовска“, кои се составен дел од нашата историска традиција („Првата македонско-косовска ударна бригада“).

Ако новата држава не ги прифати сите горенаведени услови заради зачувување на мирољубивите и добрососедски односи во регионот, Република Македонија да се закани со воведување економска блокада кон „приштинците“ и со попречување на приемот на новата држава во сите меѓународни организации.

***

Знам, ќе се согласите, горенаведените услови се апсурдни, бизарни, трагикомични, навредливи, а понудените аргументи се крајно неосновани и неуверливи. Верувам, исто како што огромното мнозинство граѓани на Република Македонија се чувствуваат навредени и онеправдани од грчките уценувачки услови и „аргументи“, исто така би се чувствувале и мнозинството граѓани на новата Република Косово доколку беа соочени со такви пречки од Република Македонија.  Се разбира, целта на предложениот концептуален перформанс не беше да се навреди достоинството на мнозинството граѓани од нашиот северен сосед што деновиве активно испишуваат нови страници од турбулентната балканска историја. Целта беше да се предочи трагикомичноста на грчката „аргументативна“ реторика. Сепак, колку и да изгледаат нелогични и неспоиви со здравиот разум и реалната политика, хипотетичните услови и аргументи го сугерираат и следново прашање: Ако аналогни услови, поткрепени со не помалку апсурдни „аргументи“, можеа да и' бидат поставени како пречка на Република Македонија во процесот на нејзиното меѓународно признавање и интегрирање, зошто тогаш слични услови не и' беа поставени и на најмладата европска држава? Во моментов не ми текнува попаметен одговор од стихот на популарната македонска песна - „Неправда, да тоа е неправда...“. Слично чувство на неправда ме заплисна и кога пред некој ден присуствував на прославата на независноста на Косово, организирана пред споменикот на Скендер-бег во Скопје. На прославата, и на околните улички, покрај знамето на Скендер-бег се вееја и знамињата на САД, ЕУ како и на повеќе други европски држави за кои се знаеше дека ќе го признаат Косово. Но, не забележав ниту едно државно знаме, ниту пак знамиња на другите припадници на заедниците што живеат во Република Македонија.И по прославата на независноста на Косово, како и по неофицијалната прослава на Денот на албанското знаме, останува заканувачки да лебди прашањето: Ако знамето на Скендер-бег „не го загрозува веењето на другите знамиња во Македонија“ (како што укажа Меџити), зошто тогаш на прославата не се вееше ниту државното знаме ниту пак другите знамиња на припадниците на заедниците што живеат во Република Македонија? Зошто дел од граѓаните на Република Македонија, покрај знамето со кое ја симболизираат припадноста кон својата етничка заедница, не го веат и знамето на сопствената држава?

Во еден миг помислив: „Што ќе се случеше ако на прославата пред Скендер-бег дојдев со македонското државно знаме“? Ех, тие хипотези...

Жарко Трајаноски

Посети:{moshits}