Светска војна за доминација со оружјето „човекови права“


   
Земја како Еквадор, која главно живее од извоз на нафта и на банани, не може самата да игра голема политичка игра со САД, да ги провоцира со штитење на луѓето што Американците ги бараат. Според експертите, зад сето тоа стојат и Русија и Кина. Политичкиот азил е честа алатка што се користи за суптилна борба на провокации меѓу големите сили, особено во мегапопуларните случаи, какви што несомнено се Сноуден, Асанж и други    
    
   
Еквадор стана главна престолнина на политичките азиланти од САД

СЛАВНИТЕ АЗИЛАНТИ СЕ ИГРАЧКИ ВО РАЦЕТЕ НА АМЕРИКА, РУСИЈА И КИНА

Зошто токму Еквадор? Многу анализи излегоа во изминативе два дена за тоа зошто американскиот агент Едвард Сноуден, откако откри како САД ги шпионирале своите граѓани и странците, сега најверојатно ќе добие азил во Еквадор, исто како и Џулијан Асанж, кого го нарекуваат негов ментор. Асанж веќе една година е во еквадорската амбасада во Лондон, бидејќи не може да излезе од неа, но Сноуден веројатно нема да мора да седи во затворен простор туку ќе може да ужива на Андите, во тропските шуми, на еквадорските плажи, па дури и на островите Галапагос.

Но што е толку посебно за оваа јужноамериканска земја, која ги привлекува луѓето што им се огрешиле на САД откривајќи му на светот информации што Американците не сакале да бидат откриени? Зошто го избираат токму Еквадор? Тука западните медиуми го изведуваат најочигледниот и наједноставен заклучок - популистичкиот претседател Рафаел Кореа.

Тој ја води земјата од 2006 година и е познат по своите антиамерикански ставови. Според магазинот „Слејт“, на пример, иако Кореа не е остар како што беше Чавез, сепак тој ги користи обвинувањата кон САД за да си ја засили популарноста дома и да го оттргне вниманието од забелешките дека токму во Еквадор има слабо почитување на правата и на слободите. Згора на тоа, Еквадор имал мошне лабав договор за екстрадиција со САД.

ПОЛИТИЧКИОТ АЗИЛ Е ПОСТАР ОД ХУМАНИТАРНИОТ

Но земја како Еквадор, која главно живее од извоз на нафта и на банани, не може самата да игра голема политичка игра со САД, да ги провоцира со штитење на луѓето што Американците ги бараат. Според српскиот професор Предраг Симиќ, зад сето тоа стојат и Русија и Кина. Политичкиот азил, заклучува професорот, е честа алатка што се користи за суптилна борба на провокации меѓу големите сили, особено во мегапопуларните случаи, какви што несомнено се Сноуден, Асанж и други.

- Дури и кога намерата на државите е да ги заштитат борците за човекови права, тие ја провоцираат земјата што ги бара поради прекршување на законите. Ако се земе предвид дека политички азил му се доделува некому ако се смета дека во неговата држава не се почитуваат основните човекови права, тогаш тој чин самиот по себе е доволно јасна порака. Во случајот со Сноуден е интересно како Пекинг и Москва го искористија моментот да му вратат на Вашингтон за сите критики што ги трпеа од САД на оваа тема. Среќна околност беше што тој се наоѓаше во Хонгконг, кој иако е под Кина, сепак, е автономна област, па потоа беше препратен во Москва, но Русите не сакаа да отидат предалеку и самите да му дадат азил туку ги искористија своите врски со Латинска Америка. Сето тоа е суптилна политичка игра - објаснува Симиќ.

Но дали тоа ги прави човековите права и луѓето што се борат за нив само алатка, инструмент во оваа борба? Хрватскиот аналитичар Игор Табак потврдува дека целите на азилот биле политички многу порано пред да станат и хуманитарни.

- Работата е спротивна. Всушност, практиката да се дава политички азил поради издавање државни тајни е многу постара од оваа варијанта со човековите права. Тие дојдоа во фокусот на јавноста неодамна, но азил се доделувал од многу, многу порано - објаснува Табак.

ДОКАЗ ДЕКА НИКАДЕ НЕМА ЦЕЛОСНА ДЕМОКРАТИЈА

Сепак, иако се појавил како метод на политичка борба, азилот денес придоби хуманитарен карактер. Барем декларативно, тој служи за заштита на луѓето што се борат против властите на своите земји за подобри демократски услови, слободи и човекови права на својот народ. Но таков азил добиваат и луѓе од западните, развиени демократии. Асанж е Австралиец, а Сноуден Американец. Според ова, велат аналитичарите, може да се заклучи дека ниедна земја сѐ уште не го исполнила идеалот на демократијата и слободата, штом некој е принуден да избега од неа, макар и во држави со полоша политичка состојба.
- Не е ништо ново да се каже дека ниедна држава не постигнала целосна демократија и човекова слобода. Ова потсетува на времето кога Американци добиваа азил во Шведска поради одбивањето да учествуваат во војната во Виетнам. Значи, и земјите со поразвиена демократија имаат проблеми. Во конкретниот случај, Сноуден е само окото, центарот на ураганот што се врти околу него, а со кој се прекршуваат односите меѓу најмоќните држави во светот. Русија и Кина во случајов не штедат ништо за да ѝ дадат до знаење на Америка дека не е баш толку совршена колку што се претставува - смета Симиќ.

И Табак се согласува дека е мошне јасно оти никаде нема целосна слобода и демократија, па ни во најдемократските држави.
- Целосната демократија, слободата и човековите права се идеали кон кои се стремиме, но прашање е дали воопшто можат да се достигнат. Секоја држава си има своја граница до која може да ги почитува правата, без да си ја загрози безбедноста. Над таа граница тие веќе не се почитуваат. Тоа што го направи Сноуден, на пример, би било казниво во секоја држава - заклучува тој.

--------------------------------------------------------------------------------
Москва тврди дека Сноуден не влегол на руска територија

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров остро ги отфрли критиките на САД дека Русија стои зад исчезнувањето на поранешниот американски агент Едвард Сноуден, кого Вашингтон го бара поради разоткривањето на големиот шпионски скандал.

- Сноуден, технички, не ни беше на територијата на Русија. Русија нема никаква врска со неговите планови за патување околу светот - истакна Лавров, на тој начин демантирајќи каква било вмешаност во случајот „Сноуден“.

На бившиот агент на американската Агенција за национална безбедност (НСА) му се губи секаква трага откако завчера беше објавено дека со авион од Хонгконг пристигнал на московскиот аеродром „Шереметјево“. Сноуден наводно требало да се качи на авион за кубанската престолнина Хавана, од каде што ќе го продолжи патот кон Еквадор, каде што побара политички азил.
--------------------------------------------------------------------------------
Американци во Шведска наместо во Виетнам

Во 1960-тите години, Шведска како неутрална земја беше многу популарна дестинација за Американците што сакаа да ја избегнат обврската да служат војска и да бидат испратени да војуваат во Виетнам. Десетици илјади побарале азил во оваа земја. Се верува дека откако завршила војната, повеќето се вратиле во САД, но добар дел останале и се интегрирале во шведското општество.

--------------------------------------------------------------------------------
Познати случаи на политички азил

Џулијан Асанж

Австралискиот хакер и основач на Викиликс престојува во еквадорската амбасада во Лондон, откако доби азил од оваа земја. Технички е невозможно да ја напушти амбасадата без да стапне на британска почва, каде што би бил уапсен и екстрадиран во Шведска за да му се суди за сексуален напад. Азилот го доби бидејќи еквадорските власти се сомневаат дека би бил екстрадиран во САД каде што не би добил фер судење во врска со случајот „Викиликс“.

Александар Литвиненко

Рускиот агент во 1998 година ги обвини властите и тајните служби на својата држава дека се поврзани со мафијашките структури и дека коваат план да ги ликвидираат неподобните, меѓу кои и бизнисменот Борис Березовски. Во 2000 година бил одбиен за азил во САД, но во 2001 година добил азил во Велика Британија. Во 2006 година беше отруен со радиоактивен полониум и почина по неколку недели.

Асата Шакур

Тетка на убиениот рапер Тупак Шакур. Од 1980-тите живее во Куба, откако претходно била членка на Црната ослободителна армија во САД и била осудена на доживотен затвор за учество во убиство на американски војник. Вооружена група упаднала во затворот и ја ослободила, по што таа ја напуштила земјата.

Александар Коњаникин

Во Русија е обвинет за проневера на осум милиони долари. Заедно со сопругата беа уапсени во Вашингтон во 1996 година, но во 1999 година ги убедиле американските имиграциски судови дека се барани од политички причини и добиле азил.

Никсон Морено

Во Венецуела е баран за напад и силување полицајка, што наводно се случило среде масовни протести во 2006 година. Тој е студентски активист, кој добил азил од Ватикан од хуманитарни причини.

Јозеф Минценти

Унгарскиот католички свештеник бил уапсен од комунистичките унгарски власти уште во 1940-тите години, поради противењето на нивните методи. По ослободувањето во 1956 година, побарал азил и 15 години живеел во американската амбасада во Будимпешта. Потоа ја напуштил земјата и починал во 1975 година, а во 1991 година неговите останки биле вратени во Унгарија.

Филип Ејџи

Агент на ЦИА, кој напишал книга во која објавува имиња на колеги што наводно малтретирале левичари во Латинска Америка. Не било подигнато обвинение против него во САД, но му бил поништен пасошот. Емигрирал во Куба, каде што живеел до својата смрт во 2008 година.

Чезаре Батисти

Поранешен член на италијанската екстремна левица, обвинет за четири убиства во 1970-тите години. Се криел во Франција, Мексико и во Бразил, каде што бил уапсен во 2007 година. По четири години во затвор, бразилскиот суд донел одлука да му се дозволи да остане во земјата.

--------------------------------------------------------------------------------
   
    
Автор: Гоце Трпковски  - Нова Македонија