ГЛОБАЛЕН ПАЗАР

Во следните 5 години, Катар во инфраструктура ќе вложи 140 милијарди долари. Да нема забуна, Катар има нешто повеќе жители од Скопје со околината (околу 900.000 до еден милион жители) и површина од 11.000 квадратни километри (не ни пола Македонија). Штипнете се ако се фатите дека фантазирате што би правеле ние во Македонија со тие пари

Реформи? Европски вредности? Може и да ги заборавиме.
Како што се движат работите на глобално ниво, реформите кај нас ќе стануваат се' повеќе работа на процена на власта и на други домашни центри на моќ, а помалку на надворешни политички фактори (од Запад). Реформите ќе стануваат се' повеќе предмет на разни тукашни притисоци (корисници на услуги, бизнис-сектор, локална власта, НВО-сектор, јавноста и медиумите).
Сменетите глобални економски и политички текови ќе ги одредуваат реформите. Политиката на рецепти и општи насоки од меѓународни организации ќе станува се' подалечна. Дури и принципот „идеолошка конвергенција, но културна дивергенција“ станува бесмислен. Инаку овој принцип е смислен на Запад по многубројните неуспеси да се наметнат реформите во земјите од некогашниот Источен блок и од Третиот свет.

Ако воопшто зборуваме за реформи, тие ќе бидат работа на на култура на менаџмент, економска образованост и храброст и интуиција. Пресилно кажано? Можеби. Ќе треба година, две да се потврди ова. Но, затоа уште денес можеме слободна да се запрашаме според кои принципи ги правиме реформите, кога овие изминати пет години светот се менува несфатливо? Кој е светот на кој му се приспособуваме. И, всушност, на кој свет му припаѓаме?

Парадигмите се менуваат на пазарите. Пред се' на пазарите на капитал. Главниот принцип е пазарот, но денес тој значи нешто сосема друго. А за тоа колку многу или колку малку државата (државите) ќе се плеткаат во пазарот, никој не се осмелува да даде готов и траен рецепт.

Во следните пет години, таканаречените државни фондови ќе располагаат со 5.000.000.000.000 американски долари. Тоа се пари што се' повеќе земји, благодарејќи на економскиот раст, извозот или продажба на нафта, ги ставаат настрана за да бидат обезбедени во иднина.

Но, кој се водечките земји на овој план? Обединетите Арапски Емирати веќе имаат 875 милијарди долари во државните фондови, Сингапур располага со 330 милијарди, Саудиска Арабија со 300. Кувајт има 250 милијарди.

Бројки ко бројки. Колку нас не' засегаат. Не е баш така. Да се сетиме на милијардата на Циле од Тајван. Цела Македонија скандираше „Џек-пот, џек-пот!!!“. Сега зборуваме за 5.000 милијарди долари на кои се чека кај ќе одат. Се работи за огромна сума пари што негде во светот ќе се инвестираат.

Кина, која можеби веќе има најголеми девизни резерви во светот (1.000 милијарди евра), неодамна формира државно инвестициско друштво со 140 милијарди евра. Парите се буквално за шопинг надвор од Кина. Не за фармерки од Солун. Ќе се купуваат комплетни електростопанства, рудници, илјадници квадратни километри земја, пристаништа...

Западните земји, западните експерти веќе се нервозни. Се чешаат, им се појавуваат тикови, поткашлуваат, ги фаќа стомак. Станува збор за една нова ситуација за која самите велат дека не можат да ја разберат. До вчера развиените земји ги маткаа и со кредити ги држеа во зависност земјите од Третиот свет. До вчера, во овие земји рачно се правеа фудбалски топки и патики за западниот свет. Од земји задолжени со кредити и земји со евтина работна сила се претворија во чудовишни богаташи и глобални инвеститори. А до вчера го исмејуваа. Саудиска Арабија со оваа цена на нафта собира 350 милијарди американски долари годишно.

Кај ќе ги насочат парите? Никој не знае. Се зборува општо за новите пазари (emerging markets) и инфраструктура.

Само внимавајте. Инфраструктура не значи баш тоа што мислиме дека значи. Повеќе значи научна фантастика. Беше наша делегација во Катар. Се прошетаа, што се вели за photo oportunity. А всушност биле во трезорот на Дедо Бајо, кој сега зборува арапски и сака да троши пари. Во следните 5 години Катар во инфраструктура ќе вложи 140 милијарди долари. Да нема забуна, Катар има нешто повеќе жители од Скопје со околината (околу 900.000 до милион жители) и површина од 11.000 квадратни километри (не ни пола Македонија). Штипнете се ако се фатите дека фантазирате што би правеле ние во Македонија со тие пари.

Но, ако се помислам, ќе кажам поинаку. Фантазирајте зашто тие пари ќе дојдат во Македонија. Без лузерски резони од типот „трошка од тоа за нас ќе биде повеќе од многу“ или дека од хир некој може да ни потфрли неколку стотици милиони долари.

Кога 1498 година Васко де Гама го откри патот до Индија, велат почнала глобализацијата. Целиот простор меѓу Европа и Индија со кој владееле Арапите почнал да губи на трговска важност. Едноставно, до Индија и Кина може да се стигне со бродови.

Моќта на Византија била врзана со економската и трговската моќ на арапскиот свет. И може да се очекува препород на овие простори (на некогашна Византија), токму поради парите на Арапите. Еве уште една бројка, па да објаснам. Обединетите Арапски Емирати инвестираат во туризам. До 2015 година во Дубаи се очекува да престојуваат 20 милиони туристи годишно (пред некоја година беа 5 милиони). Тоа значи хотели и хотели и џиновска инфраструктура.

За нас тоа може да значи голем пазар. Не само шанса за наши градежни фирми, туку шанса за сите наши производители на храна и вино. Тие туристи треба да се нахранат. Но, треба да се знае: се бара само врвен квалитет. Во секој случај јас би одел по Џим Роџерс, светски инвеститор и „гуру за суровини“. Според него, денес нема поатрактивен пазар од аграрот и аграрните суровини.

И второ, арапскиот туристички бизнис ќе се прошири на овие простори (Албанија, Македонија, Бугарија и Северна Грција). Воздушни бањи, термални бањи, планински хотели и центри за рекреација - тоа треба да бидат следните цели на Арапите кои се во туристичкиот бизнис. Изворска вода и дебели сенки на јаворови дрва - тоа го нема на островите со палми во Дубаи. Исто така, нема да ме чуди Шар Планина да стане комплекс на скијачки центри, па само со ски-лифтови од Попова Шапка да стигнеш до Маврово.

Денес да бараш инвеститори за Македонија е ко во Стара чаршија да прашаш дали има ќебапчилница. Има! Има на секој чекор.

Арапите ја открија привлечноста на глобално инвестирање. И стануваат нова економска моќ. Моќта на Византија (во една послободна форма го користам зборот) може да се врати, само поради Арапите.

Оли Рен и европски вредности? Не знам што сака да каже.

И како што стојат работите, Турција не влегува во ЕУ. Зошто би влегла.

Реформи? Европски вредности? Може и да ги заборавиме. Или е преслабо кажано?


Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)