Реакција на Министерството за култура на вчерашната прес-конференција на ММИ

23 јануари 2013

Во врска со изјавите изнесени на вчерашната прес-конференција на Организацијата за колективно управување на правата на произведувачите на фонограми и уметниците-музички изведувачи „ММИ“ – Скопје, Министерството за култура  ја информира јавноста за следново:

Република Македонија, согласно со ратификуваните и прифатените меѓународни конвенции, договори и други документи, како и согласно со Уставот на РМ, е обврзана да ги гарантира правата што произлегуваат од творештвото.

Во Законот за авторското право и сродните права, како и во другите прописи од областа на културата, се инкорпорирани сите меѓународни правни регулативи со кои се обезбедува  највисок степен на заштита на авторското право и сродните права.

Авторското право е неприкосновено право кое се цени секаде во светот и сите здруженија за колективно управување во Република Македонија  кои имаат дозвола за колективно управување со авторските права се обврзани да дејствуваат во согласност со законските норми и да ги почитуваат.

Јасно потенцираме дека Министерството за култура работи и дејствува во согласност со надлежностите утврдени во Законот за авторските и сродните права и во изминатиов период со ниедно свое дејство не ја попречило работата на организациите за колективно управување. Напротив, уште еднаш нагласуваме дека Министерството за култура, во интерес на остварувањето на колективното управување, во повеќе наврати апелираше до организацијата ММИ и до корисниците да преговараат, односно договорно да ги регулираат меѓусебните права и обврски, нешто што е предвидено во самиот Закон и што мора да се почитува.

Дали нешто успешно ќе функционира, не зависи само од законските предуслови, туку и од управувачките капацитети на претставниците кои ја раководат организацијата во името на авторите, односно носителите на сродните права, а особено од ефикасната соработка со корисниците, заради изнаоѓање заеднички решенија кои ќе бидат од заемен интерес за носителите на правата, корисниците и на пошироката општествена заедница. Изјавите на извршниот директор на организацијата ММИ, г. Бодан Арсовски, дека Законот за авторско право и сродните права донесен во 2010 година не профункционирал се навистина загрижувачки бидејќи тие укажуваат дека ова здружение не ги познава доволно одредбите од овој Закон и дека очигледно не знае да ги примени законските прописи за авторското право кои во РМ имаат веќе 60-годишна традиција.

Потенцираме дека потребата за изменување на одреден Закон се согледува низ повеќе параметри и дека истата не треба да се раководи од потребите на само еден субјект.

Повторно препорачуваме здружението ММИ сериозно да се посвети на своите обврски во насока на остварување на целите за кои е основано и за што добило дозвола од Министерството за култура, а не да бара Министерството или некој друг во негово име да ги остварува надлежностите на здружението.

Министерство за култура

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки