Делата на Шекспир и Вордсворт се подобри од енергетските пијалоци кога станува збор за работата на мозокот и се подобра терапија од книгите за самопомош, велат истражувачите.

 

 


Научници, психолози и англиски академци на универзитетот во Ливерпул откриле дека читањето на делата на класичните писатели има позитивен ефект на мозокот, го задржува вниманието на читателот и поттикнува одразување на сопствениот живот. Со користење на скенери, тие ја набљудувале активноста на мозокот на волонтери додека читале дела од Вилијам Шекспир, Вилијам Вордсворт, Т.С. Елиот и други. Потоа ги „превеле“ текстовите на поедноставен, модерен јазик и повторно ги набљудувале мозоците на читателите додека ги читале зборовите.

 


Резултатите покажале дека прозата и поезијата која претставувала поголем предизвик предизвикува многу поголема електронска активност во мозокот отколку „средените“ верзии. Научниците можеле да го набљудуваат мозокот како реагирал на секој збор и да забележуваат како се „осветлувал“ кога читателите стигнувале до необични зборови, изненадувачки фрази или тешки структури на реченици.

 

 

 

 


Ова „осветлување“ на мозокот трае подолго од првата електрична искра и го поттикнува мозокот на понатамошно читање. Истражувањето, исто така, открило дека поезијата ја зголемува активноста на десната хемисфера од мозокот, делот кој е одговорен за автобиографската меморија, што му помага на читателот да се одрази на своите искуства кои имаат некаква врска со она што го прочитале. Академиците изјавиле дека ова значи дека класиците биле многу покорисни од било која книга за самопомош.

 


„Истражувањето ја покажува моќта на литературата да „маневрира“ помеѓу менталните патеки, да креира нови мисли, форми и врски“, изјави Филип Дејвис, професор по англиски јазик кој работел на истражувањето.

 

 

 

 


Во првиот дел од истражувањето, била набљудувана мозочната активност на 30 волонтери додека читале делови од драми напишани од Шекспир, вклучувајќи ги „Отело“ и „Магбет“, и повторно додека ги читале текстовите парафразирани во поедноставна форма. Додека ги читале едноставните текстови, електричната активност во мозокот била на нормално ниво. Но, кога го читале оригиналниот Шекспир, нивоата на активност „скокнале“ поради неговото користење на зборови кои се непознати за читателите. Следната фаза од истражувањето вклучува барање начин на кој поезијата може да обезбеди терапевтска помош со читање на делата од најпознатите поети/поетеси.