Играчките се предизвик за детето да влезе во игра, во која со возбуда ќе искусува новини што ќе ги задоволуваат неговите моментни потреби во развојот, не исклучувајќи ја фрустрацијата, но и чувството на сигурност, волја, самодоверба и љубопитност

 

Веќе е многу јасна значајноста на играчките во развојот на децата. До тој степен што на секое упатство на играчките пишува што стимулираат тие и, секако, за која возраст се наменети.

Возраста за која се наменети е важна и добро е да се придржувате до назнаката. Не значи дека го стимулирате развојот ако за помало дете купите играчка што треба да ја има по две години. Покрај тоа што таа играчка може да биде физичка закана за детето (наместо предизвик), поради малите делови што може да се проголтаат или несоодветната тежина, исто така, може да предизвика фрустрации и да развива негативни емоции и отпори прво кон играчката, а потоа и кон играњето (експериментирањето) воопшто.
Запомнете, играчките се за развивање на амбициите на децата, а не за остварување на оние на родителите.

Во другиот дел од упатствата за играчките, кој се однесува на аспектите во развојот на детето, она што е поочигледно е стимулирањето на когнитивниот и телесниот развој (интелигенција, моторички вештини, визуелна перцепција итн.). Овие се несомнено многу важни аспекти затоа што тие го поддржуваат детето повеќе и подобро да комуницира со средината. Но не се единствени.

ЕМОТИВЕН РАЗВОЈ

Еднакво важно е играчката да го следи и емотивниот развој на детето. Преку односите меѓу родителите и преку играта детето го развива својот емотивен капацитет. Чувствата се многу посуптилни и помалку очигледен е нивниот развој на помала возраст, кога умот (мислењето) и телото многу поочигледно се развиваат. Тоа што не е толку очигледен овој развој, не значи дека е побавен или помалку значаен. Напротив, важен е и брзо се одвива.

За да го поддржиме нашето дете во тој развој треба да го побараме детето во нас, да ни помогне. Присетете се што (или која играчка) за вас значела многу и ви носи убави емоции кога ќе се присетите на неа. Можеби била искината кукла, метално топче или дрвена лажица со која сте ги правеле магичните јадења за сите да бидат среќни...

Во првата година играчката за бебето, покрај стимулации со бои, звуци и текстура, добро би било да носи и стабилност, да не е непредвидлива, нестабилна и да не е посилна од детето, односно да може да манипулира со неа.

Понатаму низ развојот, во втората и третата година, добро е да се внесуваат играчки што ќе имаат поголема цврстина и појасни форми, кои ќе му помагаат на детето да ги прифаќа полесно границите, редот и правилата. Важна е и имагинацијата. Не им нудете многу „готови“ играчки. Дозволете вашето дете да ги дооформи со својата фантазија работилниците, кујните, куќите...

Полека воведувајте ги групните игри или игрите во кои детето самостојно треба нешто да заврши по некој редослед (по третата година до предучилишна и во рана училишна возраст).

ИЗБОР И АФИНИТЕТИ

Откако детето ќе влезе во група со врсници и ќе го почне периодот на социјализација, по извесно време ќе развие потреба да го изгради статусот во неа. Внимателно треба да се развива чувството на самодоверба, успешност и корисност. Играчки со кои ќе може да има бесконечно многу обиди за грешки и успеси, игри што може да ги доведе докрај, самостојно, истакнување ситуации во кои е успешно, како и ситуации во кои губи, но има надеж, ситуации во кои без негова помош не може нешто да се заврши...
Играчките се предизвик за детето да влезе во игра, во која со возбуда ќе искусува новини што ќе ги задоволуваат неговите моментни потреби во развојот, не исклучувајќи ја фрустрацијата, но и чувството на сигурност, волја, самодоверба и љубопитност.

Не мора сите особини да ги стимулира една играчка, затоа направете избор за детето да може да најде што му треба. На тој начин детето не само што ќе се развива среќно туку ќе ги пројави и неговите вистински, автентични афинитети, кои, секако, родителот треба да ги види и да одлучи дали и како да ги поддржи. Кога избирате играчка за детето, свртете се кон себе и видете ја вашата омилена играчка што сте ја имале на таа возраст и чувствата што таа ви ги дала, а вие сте ги развивале (или не) низ животот.

Извор: Нова Македонија