ЕВРИОНТЕГРАЦИЈАТА И ПРИНЦИПИТЕ

 

Испаѓа дека ќе не' примат во ЕУ не затоа што конечно ги прифативме европските стандарди, вредности и слично, туку од страв од Русите. Уште полошо. Зад таа промена на расположението има непристојно присвојување. Тие не не' даваат за да не не' земат Русите


По посетата на претседателот на Русија, Владимир Путин, на Бугарија во минатата недела, многу работи на овој простор (а можеби и глобално) ќе се забрзаат. Европските весници кренаа и прашина и паника откако ја „провалија“ целта на посетата. Русија повторно влегува во Источна Европа, но сега преку енергетската политика (нафта, гас и атоми). Претседателот Путин имаше и писмено обраќање до бугарската јавност на цела страница во весникот „24 часа“. Самото тоа кажува колку била важна за Русија посетата на Путин. Се разбира, словенските души не можат без идеолошкото и без националната романтика. Путин во обраќањето ги нагласи блискоста на рускиот и на бугарскиот народ и делото на светите Кирил и Методиј како главни точки на поврзаност.  Меѓутоа, за нас е интересна индиректната порака што ја испрати посетата на Путин: „Македонија што поскоро во НАТО, инаку...“. Надворешната политика на Русија може да го забрза влегувањето во ЕУ на сите земји од Балкан. Само поради Русите и нивната се' поагресивна надворешна политика.

Евроинтеграцијата на регионот може да се случи многу, многу побрзо отколку што досега предвидувавме. Од една причина. Европа „цвика“. Русите доаѓаат.

Излегува дека ќе не' примат во ЕУ не затоа што конечно ги прифативме европските стандарди, вредности и слично, туку од страв од Русите. Уште полошо. Зад таа промена на расположението има непристојно присвојување. Тие не не' даваат за да не не' земат Русите.

Ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Нешто друго зад ова е нашата тема. Нечесноста и надменоста на ЕУ спрема целиот регион што многупати сме ги почувствувале. За тоа мора да се каже нешто.

Либералниот конзервативизам (и за надворешната политика на либералниот конзервативизам) како што го формулира лидерот на конзервативната партија на Велика Британија, Дејвид Камерун, има јасен став: ако се пренесуваат вредности надвор од Европа и од САД, тоа подразбира одговорност и тоа мора да се прави на начин што е конзистентен и чесен.

Ако добро го читаме Камерун, тоа што ЕУ го прави со овој регион (и Македонија) мора да се гледа како морална мисија. А таа подразбира морални методи. Како што вели Камерун: „Ако Запад сака да им помогне на другите земји, тоа мора да го направиме од позиција на изворен морален авторитет“. И тоа за Камерун значи постојано да се бара и да се нуди легитимација на она што се прави. Тој, исто така, вели: „се бориме за принципи на цивилизацијата“ и „не смееме да замижиме пред ексцесите на нашите сојузници“.

Што значи ова за нас? Едноставно, големиот ексцес со ФИРОМ, со ембаргото од страна на Грција, и да не редиме, не може да се толерира. Тоа значи дека ако зборуваме за принципи на цивилизацијата, тогаш никој не може да му го одземе правото на македонскиот народ да има своја историја или археолошките артефакти да ги поставува кај што сака.

Може ли да се зборува за тоа дека Грците се раководат од „екстремно етничка дефиниција на националната припадност“? Може. За грчката држава во неа нема други, само Грци.

Може ли да се каже дека Грците ги сметаат Хелените за „протодржавен тоталитет“ на грчката нација? Може. Нивниот став е дека во антиката сите биле Грци и сето културно наследство им припаѓа на денешните Грци.

Непријатно е чувството кога ќе видите дека „екстремно етничка дефиниција на националната припадност“ и „протодржавен тоталитет“ се формулации што се користат кога се зборува за национал-социјалистичкиот режим во Германија. Читајте ги Дан Динер, Хелмут Дубиел, Брун-Ото Бриде.

Од наша позиција, ако зборуваме за принципи, зборуваме за принципи што важат општо, а не само за Блискиот Исток, и не само што се однесуваат на заканата на тероризмот.

Камерун се повикува на Вилијам Гледстоун, еден од најголемите премиери на Велика Британија која вели дека „надворешната политика на Англија мора секогаш да биде инспирирана со љубов за слобода“. Ние велиме: ова мора да биде позиција на ЕУ. А Гледстоун е човекот што уште пред повеќе од сто години предупредува на империјалниот хибрис и меѓународната ароганција на западните земји. Хибрис и ароганција - сме го виделе многупати од луѓето од Брисел и нашите соседи.

Хибрис - грчки збор. За Англичаните значи претерана гордост и самоувереност и непочитување на темелните морални закони.

Во античка Грција хибрис значи многу повеќе. Значи физичко измачување, понижување, недолично славење победа. Најпознат пример на хибрис е кога Ахил го влече телото на убиениот Хектор пред ѕидините на Троја.

Но, хибрис е и кога мислиш дека ништо не може да тргне на лошо (Тукидид). И хибрис е причината за трагичниот крај на многу антички јунаци. Аристотел во „Реторика“ вака го дефинира хибрис:

Да го посрамиш другиот не од некоја предострожност или поради нешто што порано ти се случило, туку за лична сатисфакција. Хибрис е кога лошо и недолично се однесуваш спрема другите и мислиш дека така твојата супериорност е уште поголема (Ве потсетува ова на некој?).

Во енциклопедијата „Британика“ стои дека во класична Атина хибрис бил еден од најголемите гревови (дури и злосторство).

Ние во Македонија имаме многу причини да го сметаме за грев хибрисот на ЕУ. Меѓутоа, мислам дека старата Европа се' помалку ќе си го дозволува луксузот на хибрис. И не е само Русија таа што се спротивставува на европскиот хибрис (со својата ароганција). Тука се и Кина и Индија. Во Индија многу бизнисмени (милионери) со економскиот раст сакаат буквално да ја „намачкаат“ Европа. А покрај Кина и Индија има и други. Да не ги заборавиме земјите како Казахстан што имаат еднакво висок економски раст.

А што се однесува до Дејвид Камерун и либералниот конзервативизам - респект!


Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)

 

Посети:{moshits}