Скопје, 23 октомври 2012 (МИА) - Во рамки на одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба денеска во Музејот на македонската борба – Скопје е промовирана Mонографијата за Музејот на македонската борба  за државност и самостојност – „Музеј на ВМРО“ и „Музеј на жртвите на комунистичкиот режим“.

- Преку промоцијата на монографијата се навраќаме на богатото револуционерно и политичко минато на македонскиот народ, на неговата духовна сила во остварувањето на државотворните цели. Повторно со аргументи го потврдуваме и историскиот континуитет на употребата на нашето древно име, Македонија, истакна во обраќањето на промоцијата министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Монографското издание отпечатено на македонски и на англиски јазик, чии автори се професорите Виолета Ачкоска и Зоран Тодоровски, нуди патување низ сите 13 одделенија на Музејот. Читателот може да се потсети и да ужива во највпечатливите експонати, но и да го разбере македонското траење, борбата за државност и жртвите што ги дал нашиот народ за самостојна, суверена и демократска Република Македонија.

Во првиот дел е прикажано создавањето на Музејот, а вториот е посветен на актуелната музејска поставка.

- Монографијата на најавтентичен начин ја отсликува убавината и богатата содржина на музејската поставка, нејзината историска и уметничка вредност, нагласи Канческа-Милевска.

Според неа, Музејот на македонската броба е институција од непроценлива важност за нашата историја и култура, место каде што младите генерации ќе се едуцираат за негување на историските традиции, за љубов кон татковината и нејзиното минато.

На промоцијата присуствуваат претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски,  претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, министри во Владата, пратеници, претставници од локалната самоуправа и други високи гости.

Во рамки на промоцијата на Mонографијата е отворена филателистичка изложба „Писма до Македонија“ од колекцијата на директорот на Музејот Бранислав Светозаревиќ.

Како што посочи министерката за култура, станува збор за исклучително вредна збирка коверти и писма собирана во изминатите две децении.

Вкупно се изложени околу двеста писма и поштенски картички испраќани во последните 110 години, од 1903  до денес, а потекнуваат од преку 90 земји во светот каде што се школувале македонските студенти, економската и политичката имиграција. Низ изложбата може да се проследи не само историјата на нашите иселеници, туку и македонската политичка историја со сите промени и процеси на Балканот во 20 век. мч/скс/15:34