Датум: 15.10.2012, 18:31
„Дневник“ во Нова Градишка: разговор со Д-р Тереза ГргиЌ, пет години потоа

Срцето на Тоше затрепери, па се смири

Kога мирот на тоа октомвриско утро 2007 година за жителите на Нова Градишка го прекина шокантната вест за трагичната сообраќајна несреќа на Тоше Проески, д-р Тереза Гргиќ не ни била свесна дека во болницата во која работи веќе пристигнало безживотното тело на македонската музичка легенда. Работниот ден на 16 октомври пред пет години ~ почнал вообичаено. Дошла во својата ординација во 7 ч. утрото. Го подготвила првото утринско кафе и почнала да ги анализира препаратите под микроскоп. Тишината ја прекинал телефонскиот повик од нејзиниот внук од Загреб.

- Тето, се случи страшна несреќа, загина Тоше Проески. На радио велат дека е донесен во болницата во Нова Градишка, кај тебе. Тоа е она прекрасно македонско момче, кое пее фантастично - возбудено ~ соопштил внукот.

Гласот му трепереше, се сеќава д-р Гргиќ.

- Само што го завршивме разговорот, заѕвони телефонот во ординацијата. Ме повикаа во итната медицинска помош со зборовите „имаме тело на покојник, кој настрада во сообраќајка“. Kој загина, ги прашав. Ми одговорија - Тоше Проески.

Вака цитологот д-р Тереза Гргиќ ја почнува приказната за утрото на 16 октомври пред пет години, кога била дел од тимот што ги организирал приемот, прегледот и испраќањето на телото на Тоше.

Тоше и војната

На ѕидот на нејзината ординација стои врамена фотографија од македонската легенда. Признава дека не ја познавала неговата музика. Верувала дека песната „Цреша“ ја пее Тони Цетински. Kога сфатила за кого станува збор и знаејќи колку младите го сакаат, ја почувствувала однапред тежината на моментот.

- Го погледнав телото на Тоше целата во шок. Kога болката е голема, не постојат ни солзи ни зборови. Целиот персонал беше занемен. Смртта на Тоше н` потсети на изгубените млади животи во текот на војната. Чувствуваме тага како за свое дете - раскажуваше д-р Гргиќ.

Додека лекарскиот тим ја почнувал постапката пропишана со закон, добила повик од тогашниот македонски заменик-амбасадор Стојан Руменовски.

- Човекот зборуваше и плачеше. Сфатив дека емоциите мора да се стават на свое место, да се зачува дигнитетот. Треба да се обработи многу тешка задача. И да се одржи достоинството на државата. Тоа веќе беше меѓународен случај -вели таа.

Упатувајќи се кон директорот на болницата за да го извести за случајот, забележала дека дворот на болницата, како никогаш дотогаш, е преполн со новинари, соработници и пријатели на Тоше од Хрватска, мештани и обожаватели. Била свесна дека ќе треба да работат во многу тешка и потресна атмосфера. Од нејзините колеги слушнала дека Тоше бил голем верник. Во тој миг добила идеја мисата во капелата, сместена во кругот на болницата, тој ден да му се посвети на Тоше. Сите со свеќи во рака се молеле за упокојување на душата на македонската музичка ѕвезда.

- Во тој момент ми се јави и македонскиот премиер Никола Груевски. Ме замоли целата процедура да заврши истиот ден бидејќи семејството Проески посакува телото на нивниот син да пристигне во Kрушево до крајот на денот. Во неговиот глас се чувствуваше голема тага. По извесно време ми се јави уште еднаш. Поради законската процедура, која се почитува во вакви случаи, таквото барање бараше и голем труд. За да се испрати телото истиот ден мораше за пет часа во Нова Градишка да донесеме повеќе државни институции. Успеавме - вели д-р Гргиќ.

Достоинствено збогување

Обдукцијата констатирала целебрална смрт по која срцето кратко продолжува да чука.

- Тоше воопшто не почувствувал болка. Патологот потврди дека смртта била моментна. Тој млад човек не страдал. При транспортот до болницата неговото срце кратко време работело, а потоа, за жал, престанало да чука - со тага се присетува таа.

Хеликоптерот од Македонија, кој требало да го преземе телото на Тоше не можел да слета на болничкиот хелиодром, кој веќе бил подготвен.

- Kога слушнавме колку е голем хеликоптерот, рекоа - не може овде да слета, од детонацијата ќе пукнат прозорците, ампулите, епруветите, на новородените деца ќе им пукнат ушните тапанчиња...

Д-р Гргиќ побарала друга локација за слетување на хеликоптерот.

Единствената опција бил стадионот. Пожарникарите и другите екипи се упатиле таму да најдат начин да го осветлат. Kога стигнале на самото место, сфатиле дека нема потреба од дополнително осветлување. Околу стадионот веќе имало повеќе од пет илјади луѓе со свеќи во рацете. Искористиле само една црвена ракета за да го означат местото на слетување на хеликоптерот.

- По неколку обиди слета. Kовчегот со телото ~ го предадов на Елизабета Kанческа Милевска, која тогаш ја извршуваше функцијата државен секретар. Само се погледнавме в очи. Од тага не можевме да си кажеме ништо – вели д-р Гргиќ.

Споменот за Тоше и денес жителите од Нова Градишка го негуваат достоинствено. Тоа го забележавме додека разговаравме со случајните минувачи, кои кога ќе разбереа дека сме Македонци, ни се обраќаа со: „Ви сте Тошини људи...“.

Во ресторанот на нашето преноќиште стои врамена фотографија од Тоше. Сопственикот се сети на трагичниот настан и ни рече:

- Од тој ден сите ние во Нова Градишка чувствуваме уште поголема приврзаност кон вас Македонците.

Денес, на петгодишнината од смртта на Тоше, сите жители ќе се упатат кон стадионот од каде што го испратија, а на градското радио постојано ќе се пуштаат негови песни.