ВЕРУВАЊЕТО КАЈ нас ЗАВИСИ И ОД ПРИМАЊАТА

Богатите помалку се молат

Наспроти сознанието што проистекло од истражувањето на „Галуп интернешнел“, во МПЦ-ОА наведуваат дека тие не би можеле да го потврдат бидејќи не знаат во каква материјална состојба се нивните верници

Побогатите македонски граѓани му се молат на Господ поретко од граѓаните кои се во послаба материјална положба. Истото важи и за оние граѓани што се пообразовани од другите.

Ваквите сознанија произлегле од неодамна објавената анкета на „Галуп интернешнел“ која, како што е познато, покажала дека македонските граѓани се најрелигиозни во Европа.

Сознанието дека овој слој граѓани се помалку религиозни од другите се дозна откако биле споредени податоците за материјалните примања на граѓаните и нивните одговори за тоа каков однос имаат кон религијата и кон нејзиното практикување.

Ѓорѓи Kимов, директорот на „Брима Галуп“, кој го спроведуваше истражувањето, ни рече дека информацијата се наметнала од резултатите од истражувањето.

- Таквиот заклучок од истражувањето е изведен откако беа споредени примањата на луѓето кои беа анкетирани во минатата година. Тоа ми звучи и логично - ни рече тој.

Сознанието дека побогатите граѓани на некој начин се помалку религиозни произлегло и за граѓаните во останатите европски земји што учествувале во анкетата, која опфатила околу 52 илјади лица во 57 земји во светот. Главното прашање што било поставено гласело „Без оглед на тоа дали одите на места за богослужба или не, дали за себе сметате дека сте религиозна, нерелигиозна личност или сте убеден атеист“.

Од друга страна, едно неодамнешно истражување на Институтот за демократија покажало дека само 31 процент од нашите граѓани редовно ја практикуваат религијата, додека мнозинство до околу 60 проценти од граѓаните изјавиле дека тоа го прават само на големи празници или еднаш месечно.

Во Македонската православна црква не можеа да ни одговорат дали на нивните редовни богослужби повеќе присуствуваат верниците со пониски материјални можности или оние кои се побогати.

- Тоа не може да се каже како општа оценка. Ние не знаеме кој човек во каква материјална состојба е - вели владиката Тимотеј, синодски портпарол.

И повардарскиот владика Агатангел наведува дека редовното одење во црква не е доволен аргумент да се каже дали некој граѓанин е добар верник или не.

- Верувањето во Бога е работа на човечка интима. Не значи дека ако некој човек не се моли на Господ во црква дека тоа не го прави и дома. Може и оној верник што доаѓа во црква, откако ќе излезе од неа да не постапува онака како што бара христијанството и обратно. Сето тоа е индивидуално и зависи од луѓето. Тоа се однесува и на прашањето колку на нашите служби доаѓаат поимотните граѓани. Јас сум задоволен од тоа колку луѓе доаѓаат на службите во нашата епархија. Доаѓаат луѓе од сите слоеви, и млади и постари, мислам дека се зголемува бројот на верниците - наведува г. Агатангел.

Тој додава дека долготрајните литургии се причина зошто некои граѓани не доаѓаат редовно во црквите.

- На пример, една литургија трае од 7.30 до 10.30 часот, а кога е некој голем празник и до 12.30 часот. А луѓето стојат и тоа на некој начин им паѓа тешко. Свесен сум за тоа, но такви се нашите канони и не можеме да ги менуваме бидејќи тоа е спротивно на нашето учење - потенцира овој владика.

Гуштеров: Работа на интима

Бизнисмените Ристо Гуштеров и Трифун Kостовски изминативе години беа најпознати личности од македонската бизнис-заедница кои издвоиле значителни финансиски средства со кои ги финансирале изградбите на црквите во Радовиш и во Скопје. Неодамна и бизнисменот Ванчо Чифлиганец реши да донира во изградбата на црквата во скопската општина Аеродром, а тоа го направи и фирмата „Скопски пазар“.

Ристо Гуштеров ни рече дека и тој смета дека би било тешко да се каже дали побогатите македонски граѓани се помалку религиозни.

- Тоа е работа на човечката интима, бидејќи вербата во Бога е работа на секој поединец. Јас одам редовно на служба во црква секогаш кога сум во можност - наведува тој.

Бранко ЃорЃевски- Дневник