21 ГОДИНИ МАКЕДОНСКА ЗАЕДНИЦА ВО ХРВАТСКА

06 август 2012 година, Загерб, Хрватска - Заедницата на Македонците во Република Хрватска формирана е на 22.12.1991 година и веќе 21 години делува како етничка и национална заедница, оносно како аполитичко и непрофитно здружение. Нејзината основна дејност се состои во чување на националниот идентитет и ентитет, негување на јазикот, фолклорот, пишаниот збор, културните и природните богатства на Република Македонија, историските факти и вистината, како и одржување на тесни контакти со матичната држава и соработка со нејзините институции.  Заедницата успешно соработува со Амбасадата на Македонија во Хрватска, со Македонската Православна Црква во Хрватска како и со сите останати институции во Хрватска и Македонија.

Основна цел на членовите на Заедницата е да бидат лојални и достојни граѓани на Република Хрватска како чесни и достојни амбасадори на Република Македонија.

Во составот на Заедницата делуваат шест македонски културни друштва: МКД “ОХРИДСКИ БИСЕР“ - Загреб, МКД “БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ“ - Осиек, МКД “ИЛИНДЕН“ - Риека, МКД “МАКЕДОНИЈА“ - Сплит,  МКД “БИЛЈАНА“ - Задар,  МКД “СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ - Пула.

Програмската ориентација на Заедницата и нејзините друштва е многу амбициозна и разноврсна, а се состои од: музичко-сценски, ликовно-изложбени, книжевно-лингвистички, информативно-образовни, просветно-педагошки и историско-издавачки активности.

На ниво на Заедницата се одбележуваат поголемите значајни јубилеи и празници. Секоја година традиционално се прославува Илинден, потоа “Ден на Заедницата”, “Денови на македонската култура”, “Рацинов ден”, “Денови на браќата Миладиновци“, “Денови на Свети Кирил и Методиј”, се организираат разни изложби, промоции и уште многу други настани. Посебен успех на Заедницата е одржувањето на Летното училиште на македонскиот јазик во Рогач на Шолта, кое се одржува неколку години по ред за деца на Македонците во Хрватска, но и на Албанија, Србија, Босна и Херцеговина и Бугарија. Отворени се и работат дополнителни настави на македонски јазик за деца во училишта во Загреб, Пула, Осиек, Риека, Сплит и од 2011/2012 училишна година и во Вуковар, а започнаа со емитирање и емисиите на македонски јазик “Македонски минути” на Радио-КЛ во Сплит и “Македонски час” на Радио-057 во Задар.

Во самите македонски културни друштва формирани се различни секции: фолклорни, пејачки, инструментални, рецитаторски, спортски, детски, етно-работилници, готварски итн. Македонските културни друштва одржуваат свои самостојни културни манифестации, а настапуваат и на културни манифестации насекаде во Хрватска. Програмските активности на Заедницата се финансираат со средства од државниот буџет на Република Хрватска преку Советот за национални малцинства при Владата на Република Хрватска, со средства на ниво на градовите и жупаниите во Хрватска, како и со средства од Министерствата на Република Македонија, а и со помош на индивидуални спонзорски донации. Реализацијата на програмите се следи преку Хрватската радиотелевизија и тоа преку мултинационалната програма за националните малцинства “ПРИЗМА”, преку радио-емисиите за националните малцинства, преку дневниот печат и останатите медиуми.

 

За Преминпортал

Тодор Петров