Програмата на Топлиот културен бран, како и изминатите години ќе се реализира во два циклуса,  во периодот од 20 до 31 јули и во периодот  од 20 до 31 август

Оваа година, во летниот период, граѓаните ќе може да проследат голем број на интересни содржини, драмски претстави, концертни изведби, настапи и перформанси на културно-уметничките друштва, изложби, зачинети со харизматичноста на младите и реномираните музички групи, блескавите македонски поп ѕвезди и се разбира програма за најмладите конзументи на културата. Програмата на Топлиот културен бран, како и изминатите години ќе се реализира во два циклуса,  во периодот од 20 до 31 јули и во периодот  од 20 до 31 август и тоа во  општините Центар, Охрид, Демир Хисар, Дојран, Ресен, Виница, Свети Николе, Вевчани, Гевгелија, Валандово, Берово, Неготино, Радовиш, Делчево, Битола, Кичево, општина Маврово и Ростуше, Крива Паланка, Тетово, општина Кривогаштани, Општина Пробиштип, Македонски Брод, Општина Брвеница, Крушево и Кавадарци.

-Сигурна сум дека граѓаните ќе  уживаат во динамична, атрактивна и квалитетна културна програма, која ќе биде провокација и за посетителите од регионот, истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска на денешната  прес-конференција. Таа пред новинарите подвлече дека манифестацијата „Топол културен бран“ е силен импулс во поттикнувањето на локалниот културен развој во нашата држава и унапредувањето  на соработката на општините со националните институции, авторите и репродуктивните уметници.