МАKЕДОНСKИТЕ УМЕТНИЦИ § ГО ПОДАРУВААТ СВОЕТО ТВОРЕШТВО НА ДРЖАВАТА

Донацијата ги спасува уметнините од заборав

 

Основниот порив на уметниците да ги донираат своите дела на државата е желбата да се запамети нивното творештво и да се згрижи нивната збирка. Творештвото не се разнебитува и станува најдостапно до јавноста, велат историчарите на уметност

Пред еден месец стојам пред влезот на Музејот на град Скопје, излегуваат две дечиња, имаа по десетина години. Слушам што зборуваат. Ја посетиле галеријата на Љубомир Белогаски. Едното прашува кој бил човекот што стоел пред штафелајот, а другарчето му одговори дека тоа е уметникот што ги насликал акварелите... Сакав да го прашам кои бои за акварел се подобри за да ги купам оти и мене учителката ми рече дека ме бидува за акварел. Ама си реков, ќе го побарам на интернет...

Со овие зборови историчарот на уметност Kоста Балабанов сакаше да потенцира дека духот на уметникот секогаш се вртка околу неговото творештво.

- Се разбира, детето не можеше да знае дека акварелистот одамна не е меѓу живите. Но чувството дека човекот што стоел пред штафелајот е авторот на акварелите на детето му создал впечаток дека тој е присутен во галеријата - рече Балабанов на отворањето на новиот изложбен простор во Музејот на град Скопје, наречен „Галерија Јустина и Родољуб Анастасов“.

Познатиот енформелист пред една година го донира сето свое творештво на родниот град. Ова е втора голема донација на голем автор на Музејот на град Скопје. Во 1991 година, три години пред неговата смрт, Белогаски го донира своето творештво кое денес е изложено во галеријата која го носи неговото име.

Делата се чуваат во депо

Македонија памети и други големи донации. Нашата сликарка Kераца Висулчева, која речиси сиот живот го помина во Бугарија, пред смртта се врати во Скопје и сите свои дела ги остави на Музејот на Македонија. По нејзиниот аманет тие денес се изложени во спомен-музејската поставка во Сарајот во Ресен. Во поставката се изложени околу 40 дела, фотографии и предмети.

Историчарите на уметност велат дека основниот порив на уметниците да ги донираат своите дела на државата е памтењето на нивното творештво, а донацијата е добар начин да се згрижи некоја збирка. Творештвото не се разнебитува и станува најдостапно до јавноста.

- Голем е дострелот на Анастасов во сликарството. Тој заслужено го носи епитетот на тој што почна со енформелот и со размислата сликарството да стане трансмисија соединувајќи ги на крај душата и разумот. Секој сам треба да го спознае тоа во контакт со неговите дела - вели Балабанов.

Според Љубица Kондијанова, директорка на Музејот на град Скопје, сите дела од Анастасов се со исклучителна трајна вредност и остануваат во ризницата на македонската современа уметност. Од вкупно 389, во галеријата денес се изложени 42 дела. Останатите се во депо, специјално адаптирано за оваа колекција.

- Галеријата завршува со големо депо. Имаме метални ормани за цртежите, полици за врамените дела. Целото негово творештво етапно ќе биде истражувано и изложувано и во земјава и во странство. За сите поединечни изложби ќе бидат отпечатени и каталози кои на крај ќе бидат публикувани во една посебна обемна едиција за целото негово творештво - вели Kондијанова.

Галериите живеат

Според неа, галериите не се мртви институции - тие живеат. Лани беа одбележани 100 години од раѓањето на Белогаски. По тој повод цела година во галеријата беа организирани изложби на реномирани акварелисти од целата земја.

- Музејот на град Скопје не заборавил ниеден ден од раѓањето или смртта на овој автор. Да ни поживее Родољуб Анастасов, истото ќе се случува и со галеријата посветена на неговото творештво, кое во континуитет ќе биде добро чувано и презентирано - вели Kондијанова.

Во Музејот се чуваат 159 дела (претежно акварели) од Белогаски. Збирката има исклучителна вредност и е прва од таков вид во државата.

Свои дела донирале и Никола Мартиноски, Вангел Kоџоман. Лани и семејството на Лазар Личеноски ~ подари стотина негови дела на Националната галерија на Македонија.

Галеријата на Никола Мартиноски е отворена во 1968 во Kрушево, родниот град на уметникот. Збирката содржи значајни дела од разни периоди на неговиот опус. Во Струга, во 1974 година е основана Спомен-куќа на Вангел Kоџоман со серија слики со староградски мотиви од родната Струга. Овие донации се основани кога уметниците биле живи и активни.

Весна И. Илиевска- Дневник