Да си ги бараме назад нашите оригинали

 

Постојат цели студии, монографии, научни истражувања за Требеништа. Имаме стартни позиции, конкретни научни и историски показатели дека тоа ни припаѓа нам и дека потекнува од овие простори. Ситуацијата е сосема чиста, вели инспектор од МВР

Наместо да бараме копии од македонското археолошко богатство, кое денес се наоѓа во музеите во Белград и во Софија, Македонија треба да почне процес за реституција на овие предмети, вели инспектор од Министерството за внатрешни работи, експерт за културно наследство. Прашањето се наметна откако српскиот министер за култура Предраг Марковиќ викендов на нашата министерка ~ врачи специјализирана музејска копија од Златна маска од 6 и 5 век пред новата ера, пронајдена пред стотина години кај охридското село Требеништа, а денес се чува во Народниот музеј во Белград.

Интернет-порталите деновиве беа преплавени со коментари дека дома треба да се вратат оригиналите. До крајот на годинава, кога треба да биде отворен новиот Археолошки музеј во Скопје, треба да пристигнат уште две копии на артефакти од Требеништа - на кратерот, кој е во Белград, и на Златна маска денес изложена во Софија.

Ниту една реституција досега

Македонија преку Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура пред една и пол година од Србија и од Бугарија да дозволат изработка на професионални, музејски копии од неколку артефакти пронајдени во Требеништа.

Наспроти ставовите на многу заштитувачи на културното наследство дека Македонија никогаш нема да си ги добие предметите назад, инспекторот од МВР вели дека не треба да очекуваме веднаш да ни бидат вратени.

- Но, според сите меѓународни конвенции имаме легитимно право да си ги бараме назад. Има цели студии, монографии, научни истражувања за Требеништа. Имаме стартни позиции, конкретни научни и историски показатели дека тоа ни припаѓа нам и дека потекнува од овие простори. Ситуацијата е сосема чиста. Наспроти тоа е случајот со кратерот од Kорешница, кој денес е во приватна колекција во Њујорк. Сите зборуваат за реституција, а немаме ниту еден доказ дека е пронајден овде - вели инспекторот.

Од своето осамостојување (веќе две децении) Македонија не повела ниту еден процес за враќање на одлеаното културно богатство, иако ги имаме потпишано речиси сите меѓународни конвенции во кои се третира ова прашање. Главен аргумент на многу раководители на одговорните институции (во минатото Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, денес Управата за заштита на културното наследство) е дека Македонија не била правен субјект пред стотина години, кога бугарски, а подоцна српски екипи вршеле археолошки истражувања на Требеништа.

- Надлежните институции треба да размислуваат како да постапат, а не да се расфрлаат со изјави како не сме биле правен субјект кога било однесено богатството од Требеништа, па сега немаме можност ниту право да го враќаме назад. Секогаш има шанса. Ни Египет ни Грција не биле правни субјекти кога им се крадело културното наследство, но поведуваат иницијативи за да го вратат. Во крајна линија, мора да се обидеме оти сме прозвани. Kога цел свет знае дека се од нашето поднебје, кога науката веќе го докажала и потврдила и самите земји не кријат дека тоа е од Македонија, зошто да не се потрудиме и да поведеме постапка за реституција на тоа културно наследство - вели инспекторот.

Различни држави, различни ставови

Тој додава дека не е лесен процес - клучна е добрата волја на соседните држави, но некогаш мора да се почне. Треба да се има предвид и регионалниот политички контекст и подготвеноста на нашите институции да обезбедат факти и издржано досие за секој артефакт.

Бугарската војска ги истражувала требенишките некрополи во 1918 година, а меѓу 1930 и 1934 година таму работел и српскиот археолог Никола Вулиќ. Денес 258 предмети се чуваат во Археолошкиот музеј во Софија, 187 во Народниот музеј во Белград и 380 во Заводот и музеј во Охрид.

Прашањето за реституција пред две и пол години го коментираа тогашните министри за култура на Македонија и на Србија, Kанческа-Милевска и Небојша Бадриќ. Нашиот став беше дека реституцијата е значајно прашање за двете земји. Брадиќ избегна конкретен одговор политизирајќи дека реституцијата е глобален, повеќенасочен проблем кој отвора многу прашања.

Инспекторот кој зборува за заштитата на културното наследство вели дека културната политика во регионот мора да се следи. Можеби Македонија ќе треба да направи нешто за возврат, но не треба да отстапи од реституцијата.

- Ние пред јавноста мора да покажеме дека сме заинтересирани да го заштитиме тоа што е наше. Ни Грција не била правен субјект кога мермерите од Партенон биле однесени во Англија, па поминаа децении откако побараа Британскиот музеј да им ги врати - дециден е инспекторот.

Барање за враќање на маските имало уште од времето на Народна Југославија

По Втората светска војна, кога била формирана Федеративна Народна Република Југославија, Македонија барала од Србија да ги врати маските, но имало голем отпор. Во 1947 година со Бугарија бил потпишан мировен договор, но не била потпишана никаква спогодба за реституција на културните богатства. До 1954 година до бугарските власти редовно биле поднесувани официјални барања за реституција на културното наследство од Македонија. Сите останале без ефект. Оттогаш тоа прашање не е иницирано.

Весна И. Илиевска

Извор: Дневник