Крушево, 19 мај 2012 (МИА) - По една година и без малку еден месец од отворањето, од кога имала над сто педесет илјади посетители, Спомен-куќата на Тоше во Крушево доби и монографија во која се опишани и богато илустрирани нејзините содржини и фазите од изградбата на овој импресивен објект.

Редакцијата која за шест месеци ја состави публикацијата си поставила задача таа да биде патоказ кон овој објект, кој е посветен на големиоит уметник и човек Тоше Проески.

Монографијата ќе може да се купи само во Спомен-куќата каде што денеска ја промовираше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Таа истакна дека изданието е синопсис на сите заложби, идеи и емоции вложени во изградбата на објектот кој е материјализација на личноста и делото на Тоше. - Спомен домот стана ново духовно прибежиште за сите почитувачи на ликот и делото на Тоше. Посетителите кои имаа желба да го осознаат изворот од кој тој ја црпеше својата енергија или да се запознаат со сите запишани размислувања или животни филозофии што го водеа во животот, го опишаа Спомен-домот како место во кое спомените на Тоше се највредни и најприсутни... Придонесот на Тоше Проески во новата културна историја на Република Македонија е импозантен, обврзувачки и инспиративен за сите, а Спомен-домот кој го изградивме е гест на скромна благодарност од сите граѓани на нашата држава, истакна министерката за култура.

Уредникот на книгата Огнен Неделковски рече дека било тешко да се состави монографија која ќе успее да одговори на задачата да се создаде дело соодветно на грандиозноста на објектот и на величината на Тоше.

- Богат и таинствен, раскошен и достоинствен, близок и далечен, длабок и недофатлив - таков е целиот опус на Тоше Проески, а таква е и оваа монографија. Taa има задача да ги потсетува сите кои ја посетиле Спомен-куќата за се она што можеле и не можеле да видат, а од друга страна треба да предизвика љубопитство кај некој кој случајно ќе се најде на овие страници, да дојде во Крушево и да го почувствува местото кадешто се вкрстуваат сите светови на Тоше, рече Неделковски.

Монографијата содржи краток осврт на историјата на Република Македонија, приказ на најзначајните карактеристики на Крушево, биографијата на Тоше, а понатаму во неа се претставени архитектонските карактеристики на Спомен-куќата и деловите од музејската поставка. Значаен дел од изданието е посветено на фановите, а монографијата е заокружена со наградата која овој објект ја доби минатата година за најдобро архитектонско дело на Меѓународниот фестивал за архитектура во Барселона.

Дејан Секуловски, еден од авторите на Спомен-куќата, истакна дека секој нов објект е предизвик за архитектите, но дека овој за нив бил обврска и чест.

- Оваа градба е повеќе од објект кој и служи на својата функција. Таа е објект создаден од емоции, а не да предизвика емоции. Му подаривме на нашиот Тоше паметник кој е само мал дел од она што тој ни го подари нам во својот живот. Се надеваме дека тоа што го гледате внатре и чувството на спокојство, хармонија и инспирација е потврда дека сме го дале најдоброто од себе со една едниствена цел никогаш да не го заборавиме Тоше, рече Секуловски.

Спомен-куќата на Тоше беше отворена на 25 април минатата година. Проектот во ноември на фестивалот во Барселона ја доби наградата „People’s choicе Аward“ за најдобро идејно решение во конкуренција од 704 објекти од светот. Спомен-куќата лани ја освои и голема годишна награда за архитектура од Асоцијацијата на архитекти на Република Македонија.

Промоцијата на монографијата беше збогатена со настанот на детскиот хор „Ѕвончиња” од Битола кои изведоа песни од Тоше, а ученици од ОСУ „Наум Наумовски–Борче” од Крушево имаат рецитал за Тоше. Настапи и младата виолинистка Ева Богоевска која во чест на Тоше го изведе делото „Варијации“ од Живоин Глишиќ, со кое овој месец освои прво место на фестивалот „Сан Ремо Јуниор“ во Италија. хс/бак/12:35