Богатиот и ексклузивен наод на накит и други предмети за украсување кои се гледаат и на самата скулптура, во науката се познати како "Пајонски" или "Македонски бронзи"


Монументалната скулптура на "Пајонска свештеничка" со импозантна висина од 3,5 метри, која го претставува нашето автентично и уникатно богатство, од завчеравечер може да се види на платото пред Музејот на Македонија. Ова дело, креативен израз на академскиот скулптор Сретко Јовановски, е инспирирано од накитот кој и припаѓал на свештеничка од 8 до 7 век пред. н.е., а беше пронајден на локалитетот Лисичин Дол/Марвинци. Скулптурата беше промовирана од м-р Елизабета Канческа Милевска, министер за култура на Република Македонија, а за таа пригода пред голем број присутни, кои со интерес го проследија настанот, своја музичка изведба на окарина имаше Драган Даутовски, а беше изведен и ритуален танц по кореорафија на Рисима Рисимкин.
- Богатиот и ексклузивен наод на накит и други предмети за украсување претставува значаен дел од колекцијата на Македонски бронзи во сопственост на Музејот на Македонија, во науката познато како "Пајонски" или "Македонски бронзи". Промовирањето на скулптурата претставува уште една заложба културното богатство да се доближи до пошироката јавност преку реконструкци и визуелизации на значајни настани и личности од нашето минато, потенцираше Мери Аницин -Пејоска, директор на Музејот на Македонија.
Министерката Канческа-Милевска, пак, напомена дека скулптура е несоборлив доказ за автентичното и уникатно археолошко богатство на Македонија.
- Накитот презентиран на Пајонската свештеничка, длабоко го отсликува верувањето на народот кој тогаш живеел на овие простори, претставувајќи неизбришлив белег на автохтоната култура на македонското живеење, неуништлив артефакт за сите љубопитни за откривање на нови духовни и цивилизациски хоризонти на почвата на Република Македонија, истакна министерката Канческа-Милевска.
Инаку, уметничките реконструкции беа презентирани на повеќе изложби во Пореч-Словенија, Загреб-Хрватска, Рим-Италија, Нови Сад- Србија и на многу други места.
Од Музејот на Македонија ја истакнаа финансиската подршка на министерството И притоа потенцираа дека ќе продолжат со реконструкциите и визуелизациите на значајни настани и личности од културното-историското минато на нашата земја, како и на нивно презентирање надвор од просторните рамки на Музејот.

(Д.Т.)

Фото:Ѕ.Плавевски