На археолошкиот локалитет кај скопското село Таор, родното место на големиот император Јустинијан Први, Тауресиум, кој владеел со источно римско царство од 527 до 565 година, за посетителите ќе бидат поставени табли со објаснување на неговата историја, како и на поединостите за пронајдите предмети. Според археологот Кире Ристов, кој е и раководител на истражувањата, од април кога започнаа активностите на теренот до сега, пронајдени се повеќе објекти од јавен карактер, 6 индивидуални станбени објекти, како и многу фрагменти од керамички садови и метални наоди.
-Истражувањата ќе продолжат до крајот на идниот месец, со оглед дека до тогаш имаме обезбедени средства од ресорното министерство. Целта ни е во овој период да го доведеме во состојба на јавна презентација, иако локалитетот е веќе влезен во туристичките карти на Македонија. Во тек е и решавање на имотно-правните односи бидејќи локалитетот доби јавен карактер, објаснува Ристов.

Таблите кои треба да бидат поставени од Град Скопје, ќе ги откријат пред посетителите тајните на Јустинијана Прима, град-седиште на архиепископијата на императорот .
Инаку сите откриени предмети и градби зборуваат дека во периодот на доцната антика од 5 до 10 век, населението на овие простори имало активен општествен живот. На локалитетот, пронајдени се и населби од бронзено време, од 2200 до 1800 година пр.н.е.
Инаку досега е откриен дел од бедемот кој ја обиколувал населбата, а за позначаен наод се смета и откривањето на монограмот, печат на Јустинијан Први, врз венецот од ќуп "питос".

(Д.Т.) - Вечер