Охрид, 8 декември (МИА) – Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска во локалитетот Градиште на југоисточниот брег на Охридското Езеро свечено го отвори Музејот на вода, прв објект од тој вид во овој дел на Европа.

- Овој проект заедно со министерката за култура, Елизабета Канчевска-Милевска, археологот Паско Кузман, и останатите владини институции заеднички го подготвувавме подолг период. Музејот на вода е реконструкција на едно време, од железното и бронзеното доба, една реконструкција на живеалиште од тој период какво што нема во регионот, еден нов магнет за туристите кои ја посетуваат не само Македонија, туку и соседните земји. Место кое ќе биде инспирација за ахреолозите и за историчарите и за уживање на гостите, рече премиерот Груевски.

Тој додаде дека проектот ќе продолжи и понатаму да се доработува, со втората фаза во чии рамки во наредните две години ќе бидат доизградени 16 куќарки над водата.

Директорот на Управата за заштита на културното богатство, Паско Кузман, рече дека Музејот на вода е една силна туристичка дестинација во која гостите ќе можат да патуваат низ времето, од словенството, преку римското време се до праисторијата, во крајот на железното и почетокот на бронзеното време.

- Обезбедени се бројни и драгоцени археолошки и научни податоци, значајни за почетоците на функционирањето на етногенезите, за почетоците на формирањето и препознавањето на племињата во етничка смисла. Во периодот од кога датира наколната населба, во тоа време живееле Бригите, најстарото племе познато на балканските простори, а кои најмногу ги имало во Македонија. Токму во тој период, меѓу 1.200 и 700 година пред нашата ера тие заминале во Мала Азија каде и ја формирале државата Фригија, што е мошне важно бидејќи ние сме на одреден начин етнички поврзани со нив, истакна Кузман.

Тој додаде дека римскиот каструм односно военото утврдување, бил отпочнат со изградба некаде во вториот век пред нашата ера.

За ислучителноста на Музејот на вода во Заливот на коските, Кузман рече дека таа може да се види од тоа што над самата вода на Охридското Езеро е презентиран дел од праисториската наколна населба, што само по себе е реткост.

Министерот за култура Елизабета Канчевска-Милевска од своја страна за Музејот на вода изјави дека се работи за исклучителен проект од висока културна, историска и туристичка вредност.

- Се надевам дека тој ќе биде голема туристичка атракција, имајќи ги предвид големиот број туристи што доаѓаат во летниот период во Охрид, и со оглед на тоа што Охрид и Охридското Езеро се наоѓаат на најелитната листа на УНЕСКО за заштита на природните и цивилизациски вредности. Самиот музеј има голема вредност, и самиот проект е од големо значење за Македонија, но и во пошироки рамки, истакна таа.

На јужното крајбрежје на полуостровот Градиште во Заливот на коските веќе се издига праисториска палафитна (наколна) населба која, според истражувањата, своевремено се простирала на површина од околу 8.500 метри квадратни. Станува збор за автентична реконструкција на дел од наколната населба, идентична врз остатоците од подводниот археолошки локалитет „Плоча Миќов град“, со хронолошка припадност некаде на крајот на бронзеното и почетокот на железното време, меѓу 1200 и 700 година пред нашата ера..

Паралелно со изградбата на наколната населба и Музејот на вода, на ридот над Заливот на коските е реконструирано и Градиштето - военото утврдување од римско време, т.н. каструм. Ѕидовите на утврдувањето што некогаш ја штитело Римската империја од непријателите, повторно се издигаат високо на ридот кај Градиште. 

Римската тврдина со патека е поврзана со наколната населба во Заливот на коските, така што туристите и гостите ќе имаат несекојдневна можност да патуваат низ времето, од античкото до праисториското и обратно. На истата локација ќе биде изградена и нуркачка база, со две простории, наменети пред се за сместување на опрема за нуркање. За полесна пристапност до целиот музејски комплекс ќе биде изградена и посебна патека од римски плочи, што ќе се спојува со магистралниот пат Охрид - Свети Наум. аб/ев/16:04