Она што е откриено со првите две фази од истражувањата комплетно ги менува улогата и местото на Македонија во културата и религијата во средновековниот период на Балканот, вели д-р Бранислав Ристески, археолог и раководител на истражувањата во манастирскиот комплекс Зрзе, Прилепско.
- Третата фаза од истражувањата ги опфаќа ископувањата во јужниот, северниот и североисточниот сегмент од монашкиот комплекс и уредување на просторот заради негово приближување на јавноста, како и подготовка на теренот за ископувањата в година. Благодарение на големото разбирање на Министерството за култура, за манастирскиот комплекс Зрзе беа одделени дополнителни средства за истражувањата. Во двете претходни фази на истражувањата се откриени уникатни сознанија за животот на овој простор од неолитот до 19 век. Но, сите откритија паѓаат во сенка по сознанијата што ги добивме за постоењето на монашкиот комплекс. Тие се уникатни, единствени сознанија по своите хронолошки вредности. Се работи за комплекс што датира од втората половина од 9 век, кој опстојувал до 15 век, со неколку фази на монашки живот. Ваков локалитет досега не е познат на овие простори. Тоа упатува на размисла дека Зрзе бил центар на монаштвото на Балканот - раскажува Ристески.
Тој објаснува дека досега со археолошките истражувања е откриена и неолитска населба со континуитет на живот од бронзено време, сите фази од раната антика до 6 век, работилници за метал, како и фазата за користењето на природната карпа од 9 до 18 век.
- Во карпата пронајдовме значајни артефакти. Во пештерата се пронајдени предмети од неолитско бронзено доба. Другите артефакти - фрескодекоративен дел се од црквата, други од работилницата, од згурата покривните плочи на објектите, црепна. Раноантички и средновековни наоди. Монашката населба е исклучителна, со строга урбанизација на просторот, економија на просторот, комуникација. Природните форми се надоградени. Ретко каде има комплетно нови решенија од аспект на архитектурата. Сè е изведено на највисоко организациско и техничко ниво. Кај откриената работилница за изработка на метали видлива е високата контрола на термичките процеси, кои и ден денес е тешко да се воспостават на такво ниво - вели Ристески.
Илија Ристески, архитект од прилепскиот музеј, по откривањето на сознанијата изјави дека станува збор за исклучително значаен архитектонски комплекс.
- Архитектонскиот изглед во целина земено ги следи археолошките истражувања. Станува збор за неуедначени, неисти решенија. Има објекти со различна катност, објекти со преградни ѕидови, од леска премачкувани со кал. Има ѕидови изработени од кршен камен. Во основата на целата конструкција е решението на дрвената конструкција од дрвени столбови на која се доврзуваат сите архитектонски елементи. Подовите се камени плочи поставени некаде врз варов малтер, некаде врз минер подлога, некаде набиена земја, а некаде рамна карпа за поставување на објектите. Покривот е од камени плочи и шкрилци - објаснува архитектот Ристески.
Епископот Климент предочувајќи ѝ ги овие сознанија на јавноста пред неколку месеци изјави дека според материјалните докази станува збор за една високоразвиена монашка свест, која го применувала монашкото правило „ора ет лабора“ - молитва и работа.
- Откривме пештерска црква во која освен Христовиот анаграм, на кој е видлив знакот на чесниот животворен крст, имаме натпис во кој зографот, средновековен, во вид на молитва напишал: Спомни си господе на чедата твои Доброслав и Драгослав, кои науката ги препознава како зографи што сликале во манастирот и во пештерската црква. Како монашка заедница во 21 век треба да бидеме достојни на она што ни е оставено во наследство, кое како културен слој полека си доаѓа на виделина. Ако монасите - испосници порано твореле, тоа е апел за монасите денес, исто така да бидат креативни, дејствителни. Преку молитвата монасите оставале вредни уметнички дела, затоа нè вдахнуваат и нè повикуваат да твориме и да бидеме дејствителни како и тие. Зрзе навистина во себе не содржи локална, регионална, туку универзална димензија и многу се радувам што таа димензија е видлива. Ние треба да сториме напор да станат достапни за секој добар намерник што сака да го посети манастирот - рече епископот Климент.
Манастирскиот комплекс во сегашниот изглед би требало да го бараме некаде во средината на 14 век, односно во времето на царот Душан.
Податоците за егзистирањата на манастирот се наоѓаат во текстот на фресконатписот што се наоѓа над јужниот влез однадвор, кој потекнува од околу 1400 година. Според овој натпис, манастирот бил подигнат од монахот Герман.Последната обнова на манастирот била во 19 век. Денешниот црковен комплекс, уреден под будното око на епископот Климент, се состои од храмот „Св. Преображение“ црквата „Св. Петар и Павле“ надворешната припрата на задната страна и дел од градбата на јужната страна од црквата. Јужно од црквата е подигната камбанаријата.
Монасите со гордост раскажуваат дека тука некогаш се наоѓала иконата на света Богородица Пелагонитиса. Денес иконата се чува во македонскиот музеј.Манастирот Зрзе во три наврати бил епископско седиште. Историјата се повторува на секои три века. Сега за него се грижи епископот Климент.
Нова Македонија