Манастирската црква посветена на светецот Атанасиј и другите објекти од комплексот се во тотално запуштена положба

 

ТЕТОВО - На објектите стари неколку векови во месноста Стар Манастир над тетовското село Лешок, завршија сондажните археолошки истражувања. Проектот и непосредниот надзор беа на Националниот конзерваторски центар, со финансиски средства на Министерството за култура. Сондажите се правени заради планирање наредни зафати за конзервација и реставрација на овој значаен споменик на историјата и културата, кој десетина години се наоѓа на листата на најзагрозени објекти што се под заштита на државата, а ништо конкретно не е преземено.

Комплексот Стар Манастир е на пониските падини на Шар Планина покрај локалниот пат што од Лешок преку Брезно води кон Три води. И манастирската црква посветена на светецот Атанасиј, но и другите објекти што го сочинувале комплексот, се во тотално запуштена положба. Црквата само што не паднала, околината е ископана од дивокопачи, двориштето со објаснати шибле и трње. Најголема штета сепак, е нанесена на какво- таквиот внатрешен дел на црквата, каде од фреските има само траги, а врз нив за време на воениот конфликт во 2001-та, се испишани најразлични текстови и цртани невкусни графити. Повеќе векови овој манастир бил собиралиште на православни верници, а особено за верскиот празник „Св. Атанасиј“. Сега овде не се вршат никакви богослужби. Оваа црква практично и е претходник на онаа во Лешок, неодамна обновена по разрешувањето во 2001-та година.

Стар Манастир се смета за еден од најстарите сакрални објекти за кого први записи се пронајдени од 1326 година. Сегашната црква е градена во периодот од 1321 до 1331 година. Според записите, јеромонахот Јоаникиј, како единствен ктитор, најнапред подигнал манастирска црква со пари што ги обезбедил со продажба на имотот на неговиот татко. Во двориштето потоа изградил ќелии, конаци и други објекти, што условило да постане седиште на Полошката епископија како духовен, управен и културен центар на 14-от век под јурисдикција на Охридската архиепископија. Бил средиште каде се школувале свештеници. Според пронајдени записи, овој комплекс неколку пати бил разурнуван, а најголеми последици имал од наездата на турските башибозуци во 1689 година. Оттогаш забележани се неколку обиди за враќање на стариот сјај - најнапред во 1927 година кога се ископувале земјените наслојки, потоа во 1932 година, кога при истражувањата во црквата бил пронајден мермерен иконостас, како и архиерејски трон и чесна трпеза, изработени од мермер. Понови делимични истражувања се вршени во 1981 година, од кога се' е оставено на забот на времето.

Според Ѓурѓица Лековска, архитект во Националниот конзерваторски центар, поодамна биле направени четири сонди од кои се добиени сознанија за длабочината на темелите на црквата, поплочувањето на околината и во објектот до нивото на подот. Веќе било утврдено дека овој руиниран црковен објект изграден е на претходна црква од шестиот век, која била еднобродна, градена со прекрасен опус на ѕидовите обработени со кршен камен. Тие ѕидови биле нивелирани со црвени тули и дебели слоеви варов малтер, но со очигледна разлика меѓу деловите на објектот од шестиот и 14-от век. „Сега имаме јасни сознанија што ќе ги вградиме во проектот заради извршување натамошни работи на конзервирање и реставрација. За оваа година ни беа одобрени средства за истражни дејствија. Тие веќе завршија. Се надеваме дека са наредната година ќе ни бидат одобрени финансии за да започнеме со изведување на работите за да го зачуваме овој значаен споменик на културата“, појаснува архитектот Ѓурѓица Лековска.

Извор: Утрински весник

Гојко Ефтоски