Целосно е потврдено дека монашкиот живот во пештерните испосници под манастирот датира од деветтиот век и е современик на Светоклиментовата школа во Охрид


Во манастирот Зрзе, Прилепско, продолжуваат археолошките истражувања во пештерните испосници.


Како што изјави Бранко Ристески, археолог и директор на Институтот за старословенска култура, кој го предводи истражувачкиот тим, целосно е потврдено дека монашкиот живот во пештерните испосници под манастирот датира од деветтиот век и е современик на Светоклиментовата школа во Охрид. Во моментов се утврдува обемот на локалитетот.


- Во тек е третата фаза на археолошките истражувања кои почнаа во април. Откако утврдивме со сигурност дека монашкиот живот датира од деветтиот век, сега работиме на утврдување на обемот на наоѓалиштето. Ги регистрираме предметите, ја создаваме целосната слика за монашките испосници, црквата, работилниците во кои се создавале и лиеле предметите за работа, вели Ристески.
Тој најави дека по куса пауза во август, работите ќе продолжат и во септември.


Досега Министерството за култура има издвоено еден и пол милион денари за истражувањата. Во почетокот на истражувањата во април археолозите од Прилепскиот музеј констатираа дека во пештерските отвори на бигорната карпа над која се извишува манастирот Зрзе се остатоците од некогашните монашки испосници, од пештерската црква од 12 век и од работилниците со предмети што се изработувале.
Во план е да се направи кружна туристичка патека што ќе ги поврзува испосниците под манастирот Зрзе, со реконструкција на секој видлив доказ.


Владиката Климент за пештерната црква од 12 век


- Голем предизвик е да се возобнови пештерната црква во подножјето на карпите во кои на катови била издигната монашката заедница. Намерата е во пештерната црква од 12 век да има црковна служба, да можеме да се помолиме заедно за благосостојба на целиот свет, најави Владиката Климент.

 

 

 

Извор: Вечер