Струмица

Откриените наоди од досегашните археолошки ископувања на локалитетот Цареви Кули што ги спроведува Завод и музеј Струмица не само што ги надминаа очекувањата на струмичките археолози и ги збогатија активностите на манифестацијата "Струмичко културно лето", туку потврдија и дека на овие простори постоела цивилизација и култура стара околу 7.000 години. Потврда за ова е и откривањето на фрагменти од праисториска населба која, според археолозите, датира дури од првата половина на петтиот милениум пред нашата ера.

- Откриените женски фигури со големина од 10 до 15 см, потоа графитната слика на керамика која досега не е откриена на ниту еден археолошки локалитет од ваков тип кај нас, како и некои други елементи од најраниот енеолит, кај археолозите предизвикаа изненадување, но и задоволство бидејќи пронајдените артефакти претставуваат вистинска реткост на балканските простори. Во целата населба се појавуваат упади од македонско-хеленистичкиот, античкиот и средновековниот период, што сведочи дека во и околу тврдината на Струмица имало живот и присуство на разни култури во еден мошне растеглив временски континуитет од праисторијата до доцниот Среден век, вели Славица Тасева, директор на Заводот и Музеј во Струмица.

Според Зоран Рујак, раководител на археолошките истражувања на локалитетот Цареви Кули, струмичките археолози биле изненадени и од откривањето остатоци од црква на овој локалитет која според фреско-декорацијата датира од 13 век. Ова, бездруго, го потврдува фактот дека во овој период Струмица била еден од главните христијански центри во Македонија.


Македонија/миа МКД: Вредно археолошкло откритие на локалитетот Плаошник во Охрид
--------------------------------------------------------------------------------

Охрид, 24 јули (МИА) - При последните ископувања спроведени деновиве на археолошкиот локалитет Плаошник во Охрид откриен е гроб на покојничка од висок општествен ранг од железното време. Се проценува дека откритието датира од осмиот - седмиот век пред нашата ера и станува збор за оставнина на Енгеланите, кои во тоа време ја населувале западна Македонија.

Гробницата се разликува од сличните откритија пронајдени на археолошките локалитети во источниот дел на Македонија по бројноста на зачуваните артефакти. Телото на покојничката било закопано со бронзена лентеста дијадема поставена на главата на починатата, потоа бронзен појас со трилисни украсни додатоци, масивни бронзени белегзии и други украси. аб/паг/10:46


Тетово
 
ЛОКАЛИТЕТИТЕ ОД ПОНОВО ВРЕМЕ НЕ СЕ ИНТЕРЕСНИ ЗА ЈАВНОСТА
Двесте години старото Тетовско кале крие извонреден архитект
Локалитетот Тетовско кале е еден од највредните примери на археологијата од поново време, еден историско-археолошки период кој кај нас е занемаруван и со тоа наоѓалиштата се препуштени на забот на времето, вели Ирена Колиштрковска- Настева, археолог и дел од големата екипа која деновиве работи на теренот на Калето. - Јавноста е навикната под поимот археологија да подразбира наоди од постари времиња, ископувања од праисторијата или од антиката, ама, сепак, постои дел од археологијата која се занимава и со не толку далечното минато, како османлискиот период. И додека целиот свет ја третира и се грижи за помладата археологија, ние овој сегмент го оставаме на негрижа - додава Колиштрковска-Настева. Калето во Тетово е тврдина која се градела цели 20 години кон крајот на 18 век (1795 година). Почнал да го гради Реџеп-паша, а продолжил неговиот син Абдурахман-паша. Сепак, тврдината не била довршена и со тоа локалитетот останал отворен и изложен на пропаѓање. Калето е на надморска височина од 803 метри и во минатото, се до 2001 година, важело како рекреативен дел од градот. - Кога почнавме да ископуваме, локалитетот беше од три до пет метри закопан во земја и ѓубриште. А неговата убава местоположба со прекрасен поглед од Шар Планина е опеана во нашите народни песни, меѓу музичкото наследство песна има напишано и македонскиот композитор Тодор Скаловски. Калето има и голема традиција како место за одмор и празнување на тетовци и голема штета е да се остави на забот на времето - вели Колиштрковска-Настева. Годинешниве летни археолошки истражувања, кои почнаа кон крајот на март а завршија пред неколку дена, но ќе продолжат по едномесечна пауза, на 18 август, дадоа извонредни резултати. Еден од нив е исклучително надарениот архитект и градител на ѕидините на тврдината и на повеќето објекти во рамките на Калето, чие име останува непознато во археолошкиот свет. - Активно истражуваме во архивите во Скопје и во Истанбул за да го дознаеме името на архитектот. Тој бил голем познавач на ѕидарската техника и занаетчиство. Сите ѕидови од тврдината се градени со клесан камен со еднакви површини. Има и ѕидови кои се дебели и до три метри и кои се направени со исклучителна термичка заштита - додава Колиштрковска-Настева. Љуљета Абази-Палоши, виш кустос од Народниот музеј од Тетово и раководителка на истражувањата, вели дека во рамките на оваа истражувачка кампања се работело на 20 хектари земја и биле отворени осум огромни сонди. Пронајдени се повеќе објекти од османлискиот период меѓу нив и повеќе сараи со нивни придружни објекти. Тие се со големина од 15 до 20 метри во ширина. На Калето до денес се зачувани сводесто изведени површини направени од големи камени блокови, скалесто обликувани на објект сочинет од кујна и трпезарија. А и повеќе отвори, тунели кои воделе кон одредени места надвор од градот и кои биле направени од безбедносни причини за Реџеп-паша се лоцирани на Кале. - Ги откривме и јужните бедеми на Калето со што се добива и целосниот облик на ѕидините на тврдината. Досега овој дел од ѕидините не беше откриен - додава Абази-Палоши. На локалитетот годинава работеа 200 лица од стручни археолошки и технички тимови од Македонија, Албанија и од Косово. Истражувањата, но и конзерваторските и реставраторските работи, е предвидено да траат до 2012 година.

Постари наоди, после август


Иако имаше навестувања во јавноста дека во рамките на истражувањата на Калето во Тетово може да се очекува и археолошка ризница со неолитски културен стратум, како и наоди од раната антика, сепак се уште до наоди од постарите историски периоди не се наишло. Како што напоменува археологот Љуљета Абази-Палоши, има индиции за такви артефакти, но на нивното евентуално откривање ќе се работи по паузата од средината на август.
- Ние направивме неколку пробни сонди внатре во Калето, но во нив ништо не откривме. По едномесечниот одмор, ќе работиме надвор од ѕидините на Калето, каде што се надеваме дека ќе откриеме наоди што датираат од пред нашата ера - додава Абази-Палоши.