СТАРИОТ ЛЕШОЧКИ МАНАСТИР ЗА ИТНА КОНЗЕРВАЦИЈА
Митот за закопано богатство го докрајчува "Свети Атанасиј"
"Дивите копачи бараат злато, накит, вредни предмети, но не обрнуваат внимание на фактот дека нема ништо од тоа во ваквите манастирски светилишта, каде што живеело монашко братство. Единственото богатство на мо


 
Северно, на нецел километар над денешниот лешочки манастир "Свети Атанасиј", среде габрова и дабова шума, на шарпланинска падинка се наоѓа еден речиси целосно разурнат манастирски комплекс, посветен на светецот Атанасиј. Според поновите истражувања на археологот Петар Миљковиќ-Пепек, овој верски објект е граден меѓу 1321 до 1331 година. Лешочани го нарекуваат и стар манастир, бидејќи е претходник на денешниот "Свети Атанасиј" во Лешок.
Во стариот манастир "Свети Атанасиј" повеќе не се вршат богослужби. Тој е споменик на културата кој државата го заштитила со закон, но само на хартија. Во конфликтот во 2001 година, припадниците на ОНА поставиле митралеско гнездо во објектот. На очите на светците од зачуваниот фрескоживопис доцртувале разни шари и пишувале графити. Денеска практично и нема фрескоживопис, освен на неколку места, и тоа во делови. Живописот од првата фаза припаѓа на високиот стил на палеологовското сликарство. Тоа може да се распознае на облеката на светителите, полна со растителни мотиви, арабески и бои, кои со својот отворен колорит им даваат особена монументалност на ликовите. Моделирањето е многу фино. Вториот слој на живописот е производ на месната македонска школа на зографи и и припаѓа на таканаречената фаза на монашкото сликарство, со употреба на темни тонови, за да се подвлече аскетскиот живот на претставените светители.
Манастирот, без оглед што бил навистина мал според димензиите, бил многу значаен за Полог. Бил епископски центар каде се школувале свештеници. Стариот манастир "Свети Атанасиј" бил седиште на првиот полошки епископ Јоаникие. Тој, како негов ктитор, започнал да го возобновува врз темелите на постариот христијански храм. Околу црквата Јоаникие изградил ќелии за монасите со што се формирал манастирски комплекс. Во него се пронајдени три епископски саркофази, еден осамен гроб и уште две други гробници укажуваат дека во овој комплекс се водел богат, активен монашки живот. Стариот манастир "Свети Атанасиј" опстојувал, без голем пречки, до средината или до крајот на 17 век. По овој период, престојот на монасите станал несигурен поради многуте арамиски зулуми. Затоа тие и го напуштале манастирот. Во годините што следувале месното население секогаш доаѓало за црковно-народниот празник Атанасовден да запали свеќи и да се помоли за здравје на урнатините од храмот. Во 1927 година рускиот монах Теодорит, ги раскопал остатоците на стариот манастир - "Свети Атанасиј" од земјените наслојки. Но надворешните sидови се оставени до ден-денешен, на еден метар во земјата.
"Побожното поклоништво кон светоста, но и разните сказни за закопано богатство во урнатините, бил мотивот што го навел Теодорит да ги извади остатоците од храмот од пазувите на земјата", е запишано од д-р Р. Груиќ во Гласникот на Скопското научно друштво од 1932 година, во обемниот извештај за тоа што се било пронајдено при тогашните раскопувања на локалитетот. Во внатрешноста на црквата бил пронајден мермерен иконостас во целост, од пет столба, со капители со извајани човечки и животински глави и хоризонтална греда. Биле откриени и архијерејскиот трон и чесната трпеза, направени од мермер или од оникс. Подот бил од правоаголни плочи, изделкани од тој материјал, со sвезда под кубето на Христос Седржителот.
Приказните за наводно богатство околу овој манастир се плетат и во денешни дни, поради што тој не еднаш бил цел на вандалски копања и на доуништувања од диви копачи на археолошките локации.
"Дивите копачи бараат злато, накит, вредни предмети, но не обрнуваат внимание на фактот дека нема ништо од тоа во ваквите манастирски светилишта, каде што живеело монашко братство. Единственото богатство на монасите од овој стар манастир била нивната духовност", нагласува прота Димитрија Крстевски, сегашен старешина на лешочкиот манастир "Свети Атанасиј". Според експертите од Музејот на Македонија, дивите копачи во повеќе наврати го имаат уништувано овој верски објект, кој е уникатен по тоа што е прв сакрален објект во Македонија, во кој се применети елементите на романичката пластика. "Богатството што се наоѓа во него е само неговата архитектонска конструкција со приморско-дубровнички и византиско-старомакедонски елементи при градбата. Во Македонија има само неколку манастири како овој со розета: старомакедонскиот симбол - 16-кракото сонце, вградено во него", истакнуваат експертите од Музејот на Македонија.
Но, за жал, археолошката мафија во изминативе години успеала да ги искорне и плочите со изгравираното 16-крако сонце, кои се наоѓаа на подот, точно во средината на манастирот. На тоа место сега зјае само земја. Пред неколку години претставници на Обвинителството предупредуваа на сериозните индикации дека, можеби, и во тетовскиот регион постои разработена грчка врска, која ги препродава украдените археолошки богатства на Македонија преку границата. Но, таквите сомневања останаа без евентуална потврда низ една истражна постапка. Веројатно икогаш нема да се дознае каде завршија прецизно вајаните плочи од оникс и од мермер со симболот на сонцето од манастирот над Лешок.
Свето Тоевски

***

Три месеци казна за дивите копачи

Петмина тетовци, диви копачи, беа фатени на дело во февруари лани, со метален детектор со сонда, со ултравиолетова ламба и со алат за копање, во дворот на стариот манастир "Свети Атанасиј". Во овој прв и засега единствен ваков судски процес во Тетовскиот суд, иако не нашле ништо вредно, во јануари годинава на тројца од нив им беа изречени казни од по само три месеци затвор, а двајца беа осудени да платат по илјада евра. Петтемина не одговараа за оштетување или за уништување на културно наследство, иако манастирот како комплекс во целина е под заштита на законот од страна на државата.

***

Заштита на манастирот - догодина

На почетокот од наредната седмица започнуваат нови сондажни археолошки истражувања на локацијата на која се наоѓа стариот манастир. Стручните лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје ќе ги извршуваат истражувањата до првата декада на годинашниов јули, со сонди, на различна длабочина во земјените наноси. Тие се дел од програмата за работа во 2008 година и се финансирани од Министерството за култура. "Врз основа на резултатите од овие истражувања, од оние вршени во 1981 година од археологот Живоин Винчиќ, како и врз основа на другата расположлива пишана литература, треба да се добијат поблиски податоци за автентичноста на градбата, за трите фази на архитектурата и за друго. Проект за конзервација на манастирскиот комплекс ќе се реализира во 2009 година", ни изјави Василка Калеова, археолог и виш конзерватор од Националниот конзерваторски центар, која ќе биде раководителка на стручниот тим.
С.Т.