ПРВИ ИСКОПУВАЊА ВО МАНАСТИРСКИОТ КОМПЛЕКС НАД ПРИЛЕП

Светлана Ристеска
Ивана Васева

Големиот монашки комплекс сместен под сегашниот манастир Зрзе крие исклучително вредни наоди, велат од археолошко-архитектонскиот тим, кој веќе две недели работи на ископувања на локалитетот. - На локалитетот има наоди од праисторијата, бронзеното време, енеолитот, од раната и од доцната антика, од средниот век и од отоманскиот период. Артефактите откриени изминатите две недели се од голема важност, но домаќинот на манастирот, владиката Климент, изрази желба деталите да и ги соопшти на јавноста за Велигден и тоа да биде негов празничен подарок - вели археологот Бранко Ристески од Прилеп, раководител на проектот. Манастирскиот комплекс во Зрзе, изграден во 14 век од монахот по име Герман, во времето на владеење на цар Душан, за првпат е предмет на археолошки истражувања. Според Ристески, пишаните извори за комплексот, кои потекнуваат од 14 до 19 век, го потврдуваат значењето на овој простор, кој константно бил населен од праисторијата до денес. Остатоците од некогашните градби укажуваат на тоа дека комплексот бил многу поголем во минатото и содржел низа други станбени и економски згради. Целиот простор бил обѕидан во еден утврден систем со високи и масивни ѕидини и со одбранбени кули. - Комплексното истражување, кое почна неодамна, а кое го опфаќа не само манастирскиот имот туку и неговата околина, има за цел да го дефинира значењето на овој центар во македонски и во балкански рамки. За жал, тој досега воопшто не беше истражуван - вели Ристески. Манастирскиот комплекс Зрзе се наоѓа на 25 километри од Прилеп. Него го чинат храмот „Свето преображение“ (14 век) , храмот „Светите Петар и Павле“ (од 17 век), кулата на камбанаријата, монашките конаци и помошни објекти. Византологот Елизабета Димитрова, поздравувајќи ги археолошките зафати во Зрзе, вели дека овој манастирски центар е исклучително вреден од културно-историски аспект. Црквата „Св. преображение“ со својот фрескоживопис има големи иконографски вредности, кои оставиле влијание врз целата поствизантиска традиција. - Во Зрзе се родило последното најзначајно македонско зографско ателје, во стручниот свет познато како „Ателјето на митрополит Јован Зограф и на Макарије“. Претпоставувам дека дел од откритијата ќе ја расветлат историјата на ова ателје - вели Димитрова. Археолошкиот проект ќе се реализира во две фази. Тој е финансиски поддржан од Министерството за култура. За првата фаза од истражувањата, Министерството одделило околу 250.000 денари. Манастирот сега е седиште на епископот хераклејски Климент и на монашкото братство.

„Св. Преображение“ крие ремек-дела на средновековниот иконопис

Црквата „Св. преображение“ во Зрзе има ретки икони и фрески, кои влегуваат во сите енциклопедиски избори на светскиот иконопис. Една од нив е иконата „Исус Христос“, изработена во 1393 година од зографот Митрополит Јован, а другата, „Богородица Пелагонитиса“, дело на зографот јеромонах Макарие, изработена во 1422 година, едно од најфасцинантните дела од средновековниот период. - Иконите, од стилско-иконографски аспект се исклучително вредни примери на нашата средновековна традиција. Едната е монументална, а другата е повеќе лирска и суптилна. Тие се создадени на крајот од средновековната епоха и докажуваат колку е силен и издржлив континуитетот на византиската традиција кај нас - додава Димитрова.

Извор: Време