познатиот локалитет бил еден од центрите на римското царство

Форумот во Стоби е ретка импозантна градба, каква што имало само во Рим, Помпеја,Херкуланум и во уште неколку градови на Империјата

 

Објекти како Римскиот форум во Стоби во првите векови од новата ера имало само во Рим, Помпеја, Херкуланум и уште во неколку градови во Римската империја. Објектот зафаќал површина од околу 1.000 квадратни метри, бил висок околу 15 метри и имал кат над приземјето. Овие податоци, до кои деновиве дојдоа археолозите што го истражуваат Форумот, за неколку скалила го издигнуваат значењето на Стоби и третманот што го имал градот во рамките на најголемата империја во новата ера. Истражувачите за „Дневник“ ексклузивно ги претставуваат новите откритија. Дури размислуваат за ревидирање на вистинската намена на импозантната градба. Наидовме на нова ситуација. Го пронајдовме горниот дел од ѕидот што како домино се урнал и паднал врз друг објект. Ѕидот е целосно зачуван, но во хоризонтална положба. Тоа значи дека Стоби бил многу значаен и богат град уште во раноцарскиот период. Олку импозантна градба не можело да биде подигната на кое било место. Тоа е својствено само за големите антички центри - вели археологот Мила Шурбаноска, раководител на проектот „Археолошка и туристичка валоризација на римскиот град Стоби“, во чии рамки се одвиваат ископувањата.

ЕКСКЛУЗИВНА, ЛУКСУЗНА ГРАДБА

Истражувачите се на терен веќе еден месец. За триесетина дена сосема го открија влезот на објектот. Од внатрешната страна се гледаат две импозантни апсиди, прекрасно зачувани, изработени од камен и тули врзани со малтер. Во секоја апсида имало по две ниши, засведени со арки. Меѓу апсидите била портата.Археолозите шеста година го истражуваат објектот. Досега претпоставуваа дека ѕидовите биле високи 5 метри. Новата „ситуација“ ги изненади. Велат дека најважно од се' е што може да се направи целосна реконструкција на објектот. Археологот Антонио Јакимовски вели дека внатрешните ѕидови биле обложени со мермер во повеќе бои што ги краселе ѕидовите и им давале монументален изглед.Тоа ни дава апсолутно право да го сместиме објектот меѓу најзначајните римски градби во светски рамки. Ретко среќаваме олку ексклузивни градби - вели Јакимовски.Објектот е долг 43, а широк 22,5 метра. Јасно се гледаат двата реда од арки и столбовите од нишите, познати како пиластри. Археолозите велат дека изградбата на Форумот почнала кон крајот на 1 век. Објектот бил уништен во пожар во 3 век. Тогаш биле искршени на парчиња сите прекрасни, луксузно изработени скулптури што ги краселе нишите. Во 4 век во Форумот бил изграден помал објект. Таму археолозите лани открија околу 80 гробови од крајот на 4 и почетокот на 5 век. Врз тој објект се урнал новооткриениот ѕид. Археолозите претпоставуваат дека тоа се случило за време на големиот земјотрес во 518 година, што ја зафатил Македонија.Јакимовски вели дека се' уште пронаоѓаат делови од скулптури. Досега објектот даде десетици ексклузивни наоди што не се среќаваат на кој било археолошки локалитет. Еден од нив е мермерната глава од скулптура, обложена со тенки листови од злато.

ОТКРИЕНИ ДЕЛОВИ ОД ПОЗЛАТЕНИ ЧИНИИ

Во минатиот месец археолозите продолжија да откриваат мермерни релјефни капители и плочи.Пронајдовме преден дел од животно (копитар) изработено од мермер. Бидејќи во опожарувањето биле искршени сите скулптури, тешко е да „фатиме“ некој атрибут за да им дадеме значење на скулптурите. Веројатно и животното стоело во некоја од нишите. Деновиве пронајдовме и делови од плитка чинија премачкани со злато. Деловите многу потсетуваат на керамичките чинии специфични за 1 и 2 век - вели Шурбаноска. Археолошките истражувања ги финансира Министерството за надворешни работи на Италија, во рамките на проектот што го спроведуваат невладината организација ЧИСС од Палермо и Музејот на Македонија. Покрај Шурбаноска и Јакимовски, во тимот се вклучени и Катарина Касапинова, археолог-документатор, Костадин Саздов, архитект, фотографот Мирослав Димовски и Петар Ризов, препаратор. Во акцијата се вклучени триесетина работници. Археолошките истражувања ќе траат до јули. Истражувачите велат дека најдобро би било да се ослободат и надворешните ѕидови, за да може да се види и почувствува монументалноста на објектот. Планирано е да се направи реконструкција на една од нишите за да може да се види колку била луксузна градбата. Во работата ќе бидат вклучени експерти од Италија и од Националниот конзерваторски центар на Република Македонија. Во лапидариумот на локалитетот веќе е направена импровизирана реконструкција.

Весна Ивановска-Дневник
Фото:Маја Златевска