Недела, 19 Октомври 2014 15:27
Е-пошта Печати PDF

026_otvaranje_640x400

По повеќе од 30 години, Република Македонија со новиот Археолошки музеј доби најсовремен музејски простор за соодветно чување и презентација на богатото движно културно наследство кое е потврда на милениумскиот цивилизациски континуитет на нашите простори ...

039aa_otvaranje

Премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред присутните, меѓу кои и претседателот Ѓорге Иванов, министри, пратеници, претставници на академската заедница и други гости, истакна дека археологијата во Македонија долго време била запоставена се до 2006 година кога ваквите процеси беа видно изменети како резултат на сериозните вложувања на Владата во капитални истражувања. Груевски подвлече дека Археолошкиот музеј, кој е еден од највпечатливите, најсодржајните и најубави музеи во современа Република Македонија, ќе претставува и нова значајна понуда во делот на туризмот на земјата. Тој најави дека инвестициите во културата ќе продолжат, а следен во низата владини проекти во областа го посочи отворањето на постојаната поставка посветена на прогонетите од егејскиот дел на Македонија, како и новиот дел на Етнолошкиот музеј во рамките на комплексот „Македонско село“.

011_otvaranje

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска подвлече дека овој музеј е аргументирано сведоштво за нашата историја, за нашиот милениумски развој и оттука, Археолошкиот музеј на Македонија е мошне значајна инвестиција за нашата држава гледано од историски, културолошки, образовен и туристички аспект.

036_otvaranje

-Новиот Археолошки музеј е музеј на 21 век. Современите технологии, анимациите, амбиенталната музика, ликовните дела со имагинативна реконструкција на определени периоди од развојот на цивилизацијата на наша почва и другите содржини овозможуваат посетителот да направи свое сопствено археолошко истражување. Современиот начин на презентација во Музејот, уверена сум дека ќе овозможи секој граѓанин на нашата држава, но и странски посетител, длабоко да го осознае богатото културно наследство на Македонија и да научи многу повеќе за нашето културно минато. Музејските содржини ќе бидат особена провокација за младите генерации, кои од овој музеј во иднина ќе црпат чувство на припадност и почит кон сопствените корени - посочи Канческа-Милевска.029_otvaranje

Директорката на Археолошкиот музеј, Весела Честоева, истакна дека во создавањето на приказната раскажана преку поставката активно учествуваа стручните оддели при Музејот, како и заводите и музеите во РМ и Управата за заштита на културното наследство.

029_otvaranje

Новиот Археолошки музеј, кој е капитален проект на Владата на Република Македонија и на Министерството за култура, е монументален објект на вкупна површина од 6000 квадратни метри, и е пандан на најсовремените европски археолошки музејски институции. Во музејот е прикажано богатото културно наследство на Македонија со повеќе од 6000 експонати, селектирани од богатиот фундус на археолошкото богатство на нашата држава. Изложбената поставка содржи пет постојани музејски колекции, меѓу кои: нумизматичката збирка од над 2000 монети од античкото Пајонско кралство до доцносредновековната епоха; лапидариумот со репрезентативните примероци на античката камена скулптура; праисториската археолошка збирка со артефакти од палеолитското, неолитското и металното време; античката збирка на археолошки наоди со изложбени експонати од раната антика, македонско-хеленистичкиот период, римската епоха и доцно-античките времиња и збирката на археолошки артефакти од средновековниот период, надополнета со примероци од материјалната култура на османлиското време.

024_otvaranje

Секој посетител на новиот Археолошки музеј ќе има неповторлива можност да ги види на едно место: култниот керамички артефакт со претстава на Големата мајка од Тумбата кај Маџари, комплетната реконструкција на „гробот на свештеничката“ од локалитетот Марвинци, минијатурната танчарска фигура на тетовската Менада, вазата Хидрија од 4 век пр. н.е, македонскиот штит од 3 век пр. н.е. од локалитетот Бонче, златниот накит и златните гулабици од охридскиот регион од раната антика и од македонско-хеленистичкиот период, атрактивната Срамежлива Венера пронајдена на античко Скупи, реконструктивната копија на ритуалната кочија од римскиот период пронајдена во Делчево, стаклената чаша дијатрета од античкиот период, мозаици и реконструирани објекти од ранохристијанскиот период, бронзениот накит од Комани-круе културата од Св. Еразмо кај Охрид од периодот 7-8 век, комплетната колекција на уникатните теракотни икони од Виничкото кале и многуброен археолошки материјал од средниот век. Во музејот е изложена и единствената копија од раскошниот саркофаг на кој се прикажани воените подвизи на Александар Македонски.

032_otvaranje

030_otvaranje

 06_otvaranje

Извор:

 http://www.kultura.gov.mk/index.php/odnosi-so-javnost/novosti/1715-noviot-arheoloski-muzej-na-makedonija-otvoren-za-posetitelite