На храмот во Курбиново од 12 век ќе работат врвни експерти


Верскиот храм "Св. Ѓорѓи" е прогласен за споменик на културата уште од 1952 година. Изграден е во 1191 година (12 век), што се гледа од натписот над олтарот. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро зачувани од тој период. Сегмент на фреската на светецот архангел Гаврил Ангелот од Курбиново" се наѓа и на задната страна на банкнотата од 50 денари


Црквата "Св. Ѓорѓи" во преспанското село Курбиново, која потекнува од 12 век ќе биде заштитена од понатамошно пропаѓање, а на нејзината реконструкција и конзервација ќе работат врвни македонски експерти. Овој македонски храм препознатлив по својот извонреден живопис, претставува врвно остварување на источно-христијанската култура.

Црквата Св. Ѓорѓи" со претстојната реконструкција ќе биде во целост заштитена во внатрешниот и надворешниот дел, за што ќе бидат применети современи техники и методи. Целта е лузните кои останале врз црквата да бидат што помали и понезабележливи, со што спомениците ќе ги предадеме на идните генерации во подобра состојба", велат од НУ Завод и Музеј-Битола.

Оттаму посочуваат дека нејзините оштетувања се евидентни, а од земјотрес особено била нарушена статиката на објектот, поради што е неопходна итна санација. Во текот на оваа година ќе се направи конструктивно зајакнување на архитектурата, ќе се промени покривот на црквата и ќе се исчисти и конзервира фрескоживописот. За целосна реализација на овој значаен проект обезбедени се шест милиони денари.

Верскиот храм Св. Ѓорѓи" е прогласен за споменик на културата уште од 1952 година. Изграден е во 1191 година (12 век), што се гледа од натписот над олтарот. Фреските се едни од најубавите, најоригиналните и во целост најдобро зачувани од тој период. Сегмент на фреската на светецот архангел Гаврил Ангелот од Курбиново" се наѓа и на задната страна на банкнотата од 50 денари.

Годинава нејзината реконструкција и конзервација ќе биде еден од врвните приоритети на Министерството за култура и НУ Завод и Музеј-Битола.

(Д.Т.) -Вечер