Во Европа се случува најбрзата демографска промена забележана досега во човековата историја. Бројот на европските муслимани се удвојува на секои 17 години. Со ваквата демографска експлозија, се очекува муслиманите да бидат доминантна популација во Европа за околу четири децении. Во 2050 година, наместо римокатоличката вероисповед, во Европа доминантен ќе биде исламот. Италија, Германија, Белгија и другите држави, ќе останат само топоними, слично како денешната црква „Св. Софија“ во Истанбул


Општествениот либерализам, кој во повеќе бранови го преплави западниот свет, почнувајќи со т.н. сексуална револуција... почна со суптилната промоција на промискуитетот како поголема вредност од семејството. Погрешното глорификување на перверзијата како нормален феномен, како и релативизацијата на семејството како најстара и најхумана човекова институција, доведе до демографска автодеструкција, која веќе зазема застрашувачки размери. Имено, доминантно христијанските земји, последниве четири децении беа оптоварени со филозофско-социјални авантуризми чија заедничка агенда беше „крајот на светот“ и неброените начини како истиот да се спаси. Па така, покрај појавата на еден куп општествени потсистеми (миксови помеѓу капитализмот и социјализмот) се појавија и цели сурии од невладини организации, организации за заштита на реките, морињата, океаните, мочуриштата, белите мечки, фоките, пингвините, дрвјата, планктоните, пеперутките и што ли уште не. Луѓето се заплашуваат со цели арсенали од спинувани информации и релативно плитки научни истражувања. Па така, освен масовната глад од библиски размери, луѓето најнапред беа заплашувани со нова ледана доба, па со кисели дождови, па со недостаток од пивка вода... денес е во мода глобалното затоплување, а за некоја година можеби и нешто друго. Наспроти ваквите предвидувања (најчесто неточни), во светот се случија огромни промени од друг аспект.

Во истите четири децении, муслиманската популација во светски рамки се зголеми од 17 отсто во 1968 година, на 32 отсто во 2008. Во исто време христијанската популација од 41 отсто во 1968 година се намали на 37 отсто во 2008. Ваквата демографска промена е највидливата глобална промена која денес може да се забележи. И најважно од се', таа продолжува и понатаму.

Според американскиот аналитичар Марк Штајн, еден од најдобро упатените кога се во прашање глобалните демографски движења, во Европа се случува најбрзата демографска промена забележана досега во човековата историја. Бројот на европските муслимани се удвојува на секои 17 години. Со ваквата демографска експлозија, се очекува муслиманите да бидат доминантна популација во Европа за околу четири децении. Во 2050 година, наместо римокатоличката вероисповед, во Европа доминантен ќе биде исламот. Италија, Германија, Белгија и другите држави, ќе останат само топоними, слично како денешната црква „Св. Софија“ во Истанбул.

 На ова Штајн цинично ќе додаде дека континентот повеќе нема да се вика Европа, туку Еурабија. Можеби цинично, но сосема реално. Денешната Европска Унија, со своите супердарежливи социјални пакети и масовна социјална прераспределба на богатството, упорно се труди да им ги реши сите можни проблеми на своите граѓани. Контраефектот не е само бегството на капиталот на Далечниот Исток и зголемената невработеност. Европската економска агенда, со својот социјален предзнак, од европските граѓани создава луѓе што се' почесто бараат скратување на работното време, како и многу други поволности без воопшто да ги заработат. Крајниот исход е се' помрзливи луѓе, емотивно и социјално незрели индивидуи, неспособни за подигнување на семејство. Се' помалиот наталитет во Унијата е резултат токму на ваквите случувања.

Се разбира, Македонија воопшто не е исклучок од овие европски тенденции. Демографските промени, кои ни се општопознати не би ги повторувал во оваа пригода, меѓутоа би сакал истите да ги дополнам со одредени леснодостапни информации. Само посетете ја интернет-страницата на Републичкиот завод за статистика и погледнете ги бројките за само една година, на пример 2008. Побарајте ја разликата меѓу новородените и починатите во Охрид, Битола, Прилеп, Штип, Велес, Крива Паланка, Демир Капија, Струмица, Радовиш, Гевгелија, Богданци или во кое било друго место со доминантно македонско население. Општиот впечаток е дека во сите овие места разликата помеѓу починатите и новородените е 50, 60, 100 или 200 лица во корист на починатите. Има ли нормален човек што не сака да прекине ваквата тенденција?
Промената на системот на вредности кај просечниот човек сигурно не е лесен процес, а особено не општото прифаќање на идејата за повеќе деца. Но таквата промена еднаш мора да почне. Ние мора да бидеме свесни дека идните пензионери ќе бидат посигурни ако има што повеќе работници кои плаќаат пензиско осигурување. Економски најпродуктивните луѓе се токму оние чија главна цел во животот е подигнувањето на многубројното семејство. Значи зголемениот наталитет не е само позитивна промена на цифри, туку и битен предуслов за економски и севкупен општествен просперитет. Дека демографскиот пресврт е сепак можен, докажуваат примерите со Ирска, САД, Израел како и со уште неколку други земји претежно од Јужна Америка.

Но, додека тоа не се случи кај нас, последното нешто што ни е потребно се исмевањето и карикирањето на идејата за зголемување на наталитетот. Навистина сме поднебје што дава духовити мислители и досетливи медиумски ѕвезди (пружам рака на таквиот талент), но да се земе збор кога е во прашање наталитетот, особено на една вака мала нација, мора најнапред сериозно да се проучат некои навистина значајни и не многу убави статистики. Само длабокото и промислено дејствување во овој правец, може да не' донесе до објективен заеднички заклучок, од кој корист би имале сите ние. За спротивно... не би сакал да размислувам.

Виктор Трифуновски