Странскиот фактор сигурно ги трие рацете од задоволство. Успеаја да го разбијат македонското национално ткиво, што не е ништо ново. Убедија дел од политичката јавност дека разнебитувањето не е разнебитување   
   
  
Една шега, за разговорот меѓу двајца пријатели, завршува со восклик на едниот: „Па, добро, за кого ти навиваш? За мене или за лавот?“ Кај нас нема дилеми: најгласни се тие што се со душманите.

1. Со уводник, на 27 јуни, престижниот „Дневник“ е категорично против референдум и повикува на – капитулација! Бараат:... „ако капитулацијата и донесе на земјата повисока вредност, членство во НАТО и во ЕУ, развој, безбедност, стабилност и подобра иднина, (политичките елити) нека од името на овие придобивки ја потпишат“! Со други зборови – батали ја нацијата, важен е „ќарот“. Замислете, каква задоцнета „мудрост“? Ова да им текнало на партизаните, во почетокот на Втората светска војна, кај ќе ни беше крајот? Којзнае што ќе добиевме од фашистите? Можеби веднаш ќе ни создадеа „македонска држава“? (Како во Хрватска!). Ќе ги зафркневме Бугарите и можеби, еднаш за секогаш, ќе го решевме „македонското национално прашање“. (Немаше сега да си играат мижитатара со нас). Ќе спасевме над 22.000 животи! Земјата немаше да ни ја разрушат... Ех, тие зевзеци комунисти, што трици јаделе, ич акал што немале? Само, не се сеќавам како тогаш, со многу право, ги нарекувале ваквите и слични „мислители“?

2. Што и како пишува неделникот „Глобус“, и да не спомнуваме. Тоа е под секое ниво, за да заслужува внимание. За нив, државата не е важна. Важно е - да падне владата.

3. Во „Фокус“ од 23 март, поранешниот премиер Георгиевски, пишува: „...Крсте Мисирков го потенцира словенскиот карактер на новата македонска нација, која што тој предлага да се роди“! Не објаснува само кому (му) предлага? Деновиве, во јуни, на некоја телевизија, тој целосно ги отворил картите и „аргументирано“ тврдел дека Македонци – нема!

Новинарот, се разбира, не се сетил да го праша: да не била големината на Мисирков што ги артикулирал вековните сознанија, чувства, искуства, аспирации... на многу, многу, многу бројните, кои сметале дека се Македонци? Не го потсетил дека поинаку не можело да биде. Не му спомнал дека луѓето, и покрај бескрупулозните пропаганди, притисоци, присвојувања, игнорирања, миење на мозоците, малтретирања (блиски до геноцид)... многу добро знаеле дека се - Македонци. Иако, неоспорно е дека дел од македонскиот народ бил отуѓен и асимилиран. Благодарение на вакви „експерти“, како Георгиевски.

4. Деновиве, со закани дека ќе ја руши државава, од сите страни нé бомбардира Мендух Тачи. На една од телевизиите гостуваше и Невзат Халили. И тој отворено се залага за рушење на уставниот поредок на земјава. Додека во други земји таквите одат во затвор, кај нас се на телевизија.

5. Кога авторот на овие редови се „дрзна“ да потсети на некои свои веќе објавени размисли за можниот излез од тунелот, „лавовските навивачи“, фрлија дрвја и камења (божем) врз него. Целта беше друга. „Дневник“ на 16 јуни објави бомбастичен, ама бесмислен наслов (на речиси петтина страница): „Пробниот балон на советникот на Иванов ни ја руши позицијата“! Текстот, кој нема врска со насловот, ако навистина претендирал да биде аналитичен и аргументиран, требало да објасни која позиција се руши и како? Ако се мислело на таа - за капитулација, која ја обелоденија по 11 дена, тогаш насловот е – точен! Таквата позиција треба неодложно, со сите средства и сили – да се руши.

6. Истиот „Дневник“, на 6 јуни, цела страница посвети на интервју со еден од најважните дипломати акредитирани во Скопје. Во антрфиле го издвои неговото отворено барање: „земјата треба да најде име за да почне да се движи кон натамошна целосна интеграција“! Ова, нормално, не руши никаква наша позиција. Особено не таа за капитулација. Напротив. Затоа, никој не реагираше.

7. Што мислите, ако панданот на дипломатот во Скопје, кој е на служба во Атина, јавно ја повикаше Грција да ја прифати реалноста на постоење на издвоена македонска нација (што е неоспорен факт), што ќе се случеше? Ако од некакви (поважни) причини не беше протеран, сам ќе посакаше да си оди. Ќе му станеше неподносливо. Кај нас не е така.

8. Затоа, не е чудо што ни прават што сакаат. Кога не можеме меѓусебе да се разбереме и договориме, како мислиме некој друг да нé сфати, поддржи? Всушност кого да поддржи, што да помогне? Двајца Македонци, три мислења. Македонец на Македонецот – волк! Како такви, воопшто не е случајно што последни на Балканот формиравме своја држава, што во поранешната федерација никогаш не станавме целосно рамноправни, што најтешко ни оди транзицијата...

Чудно е што сепак создадовме држава (браво за нашите комунисти), што во федерацијата иако малку, сепак нé есапеа, што транзицијата (сé уште?) не ја растури државата...

9. Странскиот фактор сигурно ги трие рацете од задоволство. Успеаја да го разбијат македонското национално ткиво, што не е ништо ново. Така е, (макар) последниве 120 години. Убедија дел од политичката јавност дека разнебитувањето не е разнебитување. Дека ќе ни го сменат името, ама не и идентитетот. И ќе си останеме тоа што повеќе не сме. Затоа, крајот е многу извесен. Кога противникот ќе те подели, работата е 95 проценти завршена.

10. Поради сето тоа, итна и основна задача на сите фактори е постигнување (каков било!) национален и државен консензус и одредување црвена линија, под која не смееме. Тоа е достижно ако сите ги заборават партиските интереси. Во прашање е државата. Ако веќе не е предоцна.

Авторот е поранешен амбасадор

      
Автор: Ристо Никовски

Извор: http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=7791016445&id=13&prilog=0&setIzdanie=21731