Венко Андоновски

Новогодишна поштенска картичка упатена до еден крвен пријател на Македонија

Ова е моја последна колумна во оваа година. Не чувствувам никаква потреба да ја посветам на некаков политички проблем, ниту на некоја личност од политиката, иако тоа се очекува, оти сите предновогодишни колумни се од типот „личност на годината“ или „настан на годината“. Притоа, се мисли, главно, на личности и настани/гафови од политиката. Не чувствувам таква потреба не само затоа што колумната се објавува на денот кога старото си заминува и кога веруваме дека, во согласност со цикличната обнова на универзумот - новото ќе го замени исцрпеното, здравото - болното, доброто - лошото, туку пред се' затоа што сум хронично ПРЕТЕПАН. Претепан од политички ступидарии и суети, од виртуелни реалности, од еден посебен тип медиумски фашизам на рекламата, од слабоумна и бледокрвна (или ако сакате бледоумна и слабокрвна) опозиција, од целосно паднато етичко ниво на комуникација, од целосно паднати критериуми на вредност во образованието, јавниот знаковен сообраќај, медиумите, од целосното урнисување на добриот вкус во севкупната општествена семиотика, од... па зошто да не – и од самиот себе и јаловите напори да попувам и да продавам етика во време во кое златникот е единствениот естетски идеал, а насилството - единствен легализиран етички принцип.

Во такви услови, носам мешавина од чувства: напати ми се чини дека оваа година е најлошата во низата последни кои ги именуваме како транзициони. (Каков „трики“ термин, скован од идеологијата за да не' ИЗЛАЖЕ: па, и самото физичко време е транзиција, нашите животи се транзиција од матката до гробот, вселената е во постојана транзиција; каква е оваа посебна транзиција кон која треба да имаме посебно разбирање?) Напати, пак, ми се чини дека Никола Груевски и неговата екипа, сепак, постигнуваат нешто: барем се обидуваат да не ги испуштат уздите на колата што одамна е тргната надолу. „Остај колата, глеј уздите“ е нивното формалистичко мото на промени; „Ако и нив ги загубиме, колата нема никогаш да се врати“. Понекогаш ми се чини дека и власта и опозицијата вложуваат натчовечки напори да не' доближат до европските стандарди, дека навистина САКААТ, ама и тие и народот не знаат БАШ КАКО, затоа што сме многу паднати во писменоста, општата култура, оптимизмот; ОТЕПАНИ сме, а сакаме. Тоа е како да ти се спие по ужасно повеќегодишно кулучење, а Европа ти пушта убав филм и те кани во киносала. Ти сакаш да го гледаш, ама заспиваш бре брате, и толку. Каков филм, каков секс, каков трилер: умор си е умор, глад си е глад. Затоа, не се сомневам дека сите САКАМЕ; но, далеку сме од тоа да МОЖЕМЕ. Еден познат семиотичар тврдеше дека целосното исполнување на еден наративен серијал подразбира: САКА – ЗНАЕ КАКО – МОЖЕ (ИМА МОЌ) – ПРАВИ. Ние правиме (носиме закони по европски терк, казнуваме по европски терк) без оние две етапи: ЗНАЕ КАКО и МОЖЕ. Кај нас серијалот е: САКА – ПРАВИ. И токму затоа што во серијалот недостигаат „ЗНАЕ КАКО“ и „МОЖЕ“, се случува народот да НЕ ЗНАЕ дека носењето пиштол или користењето пиротехника е кривично дело; а кога ќе го казнат, НЕ МОЖЕ да плати, оти нема таков стандард каков што бара казната. Во нормални држави казната се приспособува кон стандардот, а не обратно.

 

И така: мешавина од чувства. Толку САКАМ, ама гледам дека и јас НЕ ЗНАМ како. Како да се помират срамно закрвените „леви“ и „десни“, како соседот да престане да плука на улица, како политичарите да станат елита во ноблес оближ, како народот да се едуцира да мие раце и да користи кондоми, како да се убедат Грците дека Македонија не е територијален терорист, како да се отворат работни места кога сите странци бегаат од нас... Сите? Па, не сосема сите.

Есента, сосема тивко, онака како што и си дојде, еден чесен и достоинствен Хрват си ги спакува куферите и го напушти Скопје. Неговото име е Мирко Кралев. Го напушти Скопје по четири поминати години во Македонија, како советник за култура во Амбасадата на Република Хрватска. Не успеав ни да се поздравам со него: патував надвор кога тој заминуваше.

За мене, деновиве кога сите прават анкети на тема „личност на годината“, токму господин Кралев е таа личност. Ниеден од нашите не ме воодушеви.

Откако дојде, направи триесетина проекти за културна соработка меѓу Македонија и Хрватска: почна со изложба посветена на Ловро фон Матачиќ (основоположник на денешната МОБ), ги испрати Драмски и МНТ на гостувања во Хрватска, ја донесе „Гавела“ по децении во Скопје, ја испрати и промовираше Калиопи во Хрватска, ги обнови контактите меѓу повеќе културни друштва меѓу двете земји, основа друштво на видни Македонци кои студирале во Хрватска... Списокот нема крај. И самиот артист по крв и душа, нормално, предност им даде на театрите. Се воодушевуваше од нашите режисери (посебно од Александар Поповски), беше пријател со нашите театарски ветерани (Љубиша Георгиевски, Мето Јовановски, Димитар Станковски), но направи се' за промоција на една средна и една млада генерација наши актери во Хрватска. Приватно, не ги поднесуваше сите оние кои и' го оспоруваа на Македонија идентитетот. Беше наш, Македонец: како од наша крв и наше крвно писмо да беше направен. Убеден сум дека имаше замешано прсти (честопати дејствуваше и по лични канали и „врски“ за да не' промовира во Хрватска) и во оној антологиски наслов што осамна во тамошните медиуми откако гостуваше Драмски со две претстави: „Со што ги хранат македонските глумци штом играат олку добро?“

 

Мирко го знаеше одговорот: со залче македонска светлина. Знам дека тешко му падна заминувањето, иако и неговиот Сплит е светлосен град. Знам дека би се вратил во секое време, оти како што велеше: „Не знам зошто, ама го сакам овој народ“. И затоа вечерва му ја испраќам оваа поштенска картичка од колумна, со многу благодарност. Македонија има пријатели. Македонија има луѓе што ја сакаат барем еднакво колку и ние. Дури, понекогаш и повеќе од некои од нас. Нека ти е среќно летото Господово 2009, драг Мирко! Колку да знаеш дека не сме те заборавиле. Оти ти беше со нас четири тешки години. И сакаше да останеш уште, во време кога многумина си бегаат од овде!

(Авторот е професор на Филолошки факултет)

Извор: Утрински весник

 

Посети: {moshits}