TViTer654

Светители и грешници на новото време

„Гилеад не го интересираат  децата. Гилеад го интересира  моќта. Традиционалните вредности, старомодниот начин на живот, домашниот леб, сето тоа се заднини и одвлекување на вниманието.“ (Командант Лоренс, „Приказната на слугинката“, сезона 4)

Јас сум пасиониран гледач на серијата „Приказната на слугинката“. И покрај негативните критики што ги доби веќе по првата сезона, серијата не само што не ги губи обожавателите, туку станува еден вид културен феномен чии ликови, нивните костими и сценографија, од моментот кога се појавија на екраните, стануваат еден вид симбол на бунт против разни репресивни закони, кои неминовно, под превезот на заштита на хуманизмот, се наметнуваат низ светот.
            Критичарите велат дека серијата можела да заврши по првата сезона. Сите останати, сметаат тие, се само комерцијално продолжување на агонијата на главниот лик во измислената тоталитарна држава Гилеад, од која таа веќе имаше шанса да избега уште во првата сезона. Сепак, големата естетика и симболика на серијата, која јасно се влева од светот на уметноста кон оваа наша тажна реалност, недвосмислено се спротивставува на критиката и нè вовлекува лице в лице со фактот дека не можеме да избегаме од злото. Тоа се враќа без разлика колку пати му „стоиме на глава, а тоа и понатаму не гризе за петата“. Што не значи дека треба да престанеме да се бориме.
             Не сакам да го продолжувам текстот со прераскажување на серијата и романот на Маргарет Атвуд, врз основа на чии мотиви е создаден, но заради читливост на следните редови, само накратко ќе кажам дека „Приказната на слугинката“ е историја за утописката држава Гилеад, создадена на територијата на САД, репресивен систем, насилна идеологија која ја наоѓа својата основа во фанатичната религиозност (се однесува на јудео-христијанството, и преку самото име на државата, која го пронаоѓа своjот пандан во Библијата и преку паралели со библиски фигури чии имиња се дадени на одредени групи; „Марта“, „Језавела“ ).
           Државата ја темели својата идеологија на највисоката цел за зачувување на човечкиот род во време кога жените масовно страдаат од стерилитет ширум планетата. Се разбира, како и во секој репресивен систем, од моментот на неговото основање, жителите се делат на подобни и неподобни, кои станале такви преку вршење на грев во некое време од своето минато против едно од правилата на ригидниот верски морал, кој е поставен на местото на државните закони („Фантизмот има религиозни извори, но лесно се префрла во националната и политичката сфера“ - Н. Берѓаев”), со што станува подреден на подобните и избраните за да им служи. Жените се најекспонирани и поради нивната природна особеност да раѓаат и поради вековната послушност кон нивните сопрузи, која сè уште се негува во фанатичните религиозни групи.
             Приказната за Џун, затворена во Гилеад и претворена во слугинка која треба да им даде потомство на своите неплодни господари преку бизарен чин на зачнување, навистина можеше да заврши по првата сезона. Иако имаше можност да избега со детето во раце, Гилеад сè уште постои, неговата морничава организација не завршува со бегството на една жртва чија траума по монструозното религиозно-тоталитарно мачење останува и бегството од неа не ја решава. Секако, серијата, како и секој комерцијален проект од ваков тип, го става акцентот на тензичноста, со враќање на главниот лик на истите вилици од почетокот, скандализирање на гледачите, но психолошкиот поттекст на трауматизираниот главен лик кој продолжува и по напуштањето на Гилеад, создава силна основа за продолжување на приказната. Бидејќи не постојат конвенционални методи на терапија (како што се гледа во подоцнежните сезони) кои можат да го преработат тоа што останува. А остануваат стравот и омразата.
Но, омразата може да се манифестира на различни начини. Во серијата ѕверската суровост е прикажана во безброј нијанси, но и волјата за живот (која исто така има врска и со омразата, желбата за одмазда или исправање на неправдата) благодарение на која жртвите продолжуваат понатаму.
             Во четвртата сезона, веќе омразена од критичарите, Џун го напушта Гилеад, но траумата, омразата кон угнетувачите и гневот, поради нејзината ќерка која сè уште е затворена во Гилеад, прават да нема никакво чувство на слобода. Таа оди на еден вид групна терапија специјализирана за траумите на жртвите од Гилеад, каде што тие учат да живеат, да продолжат понатаму, но таа не успева или едноставно не сака. Во еден одлучувачки момент таа дури изјавува дека „омразата треба да се легализира“. И навистина, омразата е само емоција, како и секоја друга, која културолошки имаме потреба да ја закопаме, плашејќи се што се таа може да произведе. Суштински, не само што не мора ништо да роди, туку може и да се преобрази и да ја насочи својата огромна моќ токму во својата спротивност.
             Сведоштвата од времињата на најголемите страдања и најгрозоморните инкарнации на темната страна на човечкиот род (за ова веќе пишував, ги спомнав Левинас, Франкл и хероината Светлана Алексиевич), за луѓе кои на необјаснив начин бегајќи од вилиците на смртта, им помогнале на своите угнетувачи, зборуваат во прилог на ова. Тие мразеле, но не само што не ја отелотвориле   таа емоција во деструктивен чин, туку ја трансформирале во милосрдие. Навистина, омразата е легитимно чувство што постои во светот направен од кал уште од Каин, и не постои начин да се стави забрана на емоциите. И тоа е дел од нашата мачна сложеност, единствената вистинска сцена на подвизи, и ако не постои, љубовта како нејзина секогаш посакувана спротивност, губи на својата чудесност.
Опасноста од омразата лежи и во нејзиното маскирање како правда, или уште полошо, но поблиско до оние кои љубат инстант решенија, самоодбрана, па дури и милосрдие. Тогаш, не само што нема моќ да се трансформира, туку исклучиво непрестајно се умножува. Тоа е идеолошка омраза и по правило стои зад приказната за „општото добро“. Многу едноставно и лесно запаливо, но „општото добро“ едноставно не постои. Постои само „добро“, обично, едноставно наизглед, а над него љубов.
             Во четвртата сезона, авторите на серијата им дозволуваат на Џун и на неколку избегани слугинки да ја изразат својата омраза кон еден од најважните команданти и да му се одмаздат. Но, кај Џун, како што веднаш се забележува, тоа не влева задоволство и ниту за миг не го анестетизира внатрешниот немир. Веќе во следниот момент, кога ќе има можност да му се одмазди на својот исто толку суров мачител, сопругата на командантот, таа не само што нема да го направи тоа, туку како и  претходно споменатите необјасниви херои од војната кои не се во состојба да се осветат , таа во таа примарна животинска солидарност на жена кон жена, и помага да се породи. Ја мрази Серена, и се што претставува нејзината личност од моментот кога првпат ја запознала, но она што Серена го носи во себе и што Џун го раѓа од неа, а во исто време и од самата себе, е новиот живот кој на волшебен начин го уништува се она што во неа го создал Гилеад. А животот е секогаш дар, без разлика што велат за него идеологиите на сегрегација и дискриминација заради „повисоки цели“, и нема поголемо и повисоко добро од него.
            Сега, на самиот крај од петтата сезона, контроверзниот командант и еден од идејните творци на Гилеад, кој во исто време ги спроведува но  и се гнаси од законите на сопствената земја, објаснува дека целта е постигната. Единственото место на планетата каде децата се раѓаат е Гилеад. Сите жртви биле неопходни. Она што тој не го кажува, а што е јасен поттекст на неговата искрена исповед, е дека Бог (во чие име се прави сè) не постои, и нема кој „ од камен да ги подигне децата Авраамови “. Сè е во рацете на архитектите на новата реалност.
Тоа дека Он тоа можеби едноставно не го сака, тоа веќе не може да постои како опција.
              Религиозниот фанатизам инсистира на страв од една основна причина, ако му се верува на Берѓаев (и јас му верувам долго време), бидејќи фанатиците, всушност, не веруваат во Господ. Нивниот фанатизам е пополнување на празнината која Бог ја зазема кај верниот човек, а стравот и омразата се средства за воспоставување на таа атеистичка хегемонија над сите оние кои заради својата близина со Бога остваруваат одредена слобода.
               Кога од овој фанатизам ќе се роди идеологија и нејзините учители почнуваат да нè убедуваат дека е неопходно да стенкаме под што е можно поголем товар, доброволно, во овој веќе накриво организиран свет, заради некои замислени добра, можеме да бидеме сигурни, дека веќе длабоко сме навлегле во некој реален Гилеад.
              И ако животот, таков каков што е, кој ни го дарува слободната љубов Божја и кој преку подвиг, секојдневно го раѓаме од нашите утроби, почнуваме да го презираме, да го поднесуваме со болка и одвратност, затоа што го живееме на начин како што некој друг ни го креира, уверувајќи не дека, колку и да е мачно, „баш така треба“, не постои гаранција дека оваа Нова трансформација, на која се надеваме  и која (толку долго) ја чекаме, нема да биде ниту полесна, ниту позначајна.

 


Аутографи - Стојана Валан
Извор - teologija.net


Превод – Симеон Стефковски