Пишува: Јанко ИЛКОВСКИ

janko.jpg
Се почна една здодевна февруарска вечер 1998 во Канал 103, кога Горан (Горан Трајкоски), Јово и јас разговаравме што со стекнатата демократија на радиото и како да ја инкорпорираме нашата љубов кон спортот и фудбалот, а тоа да има некаков стотројкашки призвук. Се договоривме тројцата да правиме преноси и да си тераме мајтап. Јово Брамс, за жал, излезе од шемата едвај по пар дена, а јас и Готра, потпомогнати со уште неколку колеги го направивме првиот колективен мајтап на Европското Првенство - Франција 98 и не бевме свесни колку бариери и табуа сме скршиле. Останатото е историја, награди, признанија, најголем рејтинг за една радио емисија евер, во историјата на македонското радио и стотици илјади фанови кои најдоа нова забава во фудбалот, секако, ним одамна им се приклучија и жените.

Можеби најголема сатисфакција во овој самобендисан текст е фактот што пред моите преноси жените во Македонија и не следеле фудбал, ама воопшто, за денес да имаме армија навивачки и љубителки на овој спорт. Штета што фудбалот е за никаде кај нас и е предводен од најдолниот слој на криминалци и простаци инаку тие благодети, наречени женска публика, ќе ги почувствувавме благоугодно по нашите очи, на трибините на нашите стадиони. Во овие 10 години преноси од Светските и Европските првенства доживеав само убавини, прекрасни дружби, прекрасни луѓе кои ги знавме но покажаа дух каков што ни на крај памет не ни бил. Самиот проект е толку проклето напорен и повторно само фанатизмот ме турка да терам по два натпревара секој ден.

Ако видите дека секоја редакција барем по тројца се менуваат, јас искрено им благодарам на оние кои го испочитуваа мојот труд, но најглавно е дека сум ви дал нешто за возврат, дека сум ви направил да се забавувате ден повеќе, час повеќе, да смените канал ако не ви се бендисува мојот фаворит и да се вратите назад кај официјалните коментатори, но секогаш и можност пак да се сретнеме на друг натпревар. И стана ова и поголемо од мене, публиката го бара, стиска, очекува, а најголемиот дел едноставно не се ни замара дали ќе има воопшто спортски емисии од овој тип, бидејќи мора да има, така?
Е па не е така, после она што го доживеав од Стошиќка и нејзиниот хир и каприц пред самите избори со помош на кртови по државните институции и свои платеници да издејствуваат и да го принудат радиото да ја забрани програмата заради наводно кршење на права.

Смешни и тажни мигови, колку за мене уште повеќе за другата страна. Затоа годинава се откажав да правам само да немам никакви допирни точки со луѓето од таа фела, без оглед кој е на власт. Но, види, чудо на логиката се случи, она што го пенавам цела деценија, дека јас само го зголемувам рејтингот на телевизијата која го врши преносот и правам уште поголема услуга на спонзорите, Алсат и Радио Метрополис, побрзаа да ме прашаат дали имам намера да ги правам емисиите посветени на ЕУРО 2008. Се сложив дури откако го увидов позитивниот став на Алсат, дека е свесна дека со мојата радио-шоу-забавно-спортска емисија само добива. Бев, искрено, малку изненаден, не очекував дека и покрај огромната популарност на емисијата дека менталниот склоп кај нас еволуирал, дека преовладале пазарните економско-практични погледи кон нештата кај оние кои одлучуваат за вакви проекти.

Секоја чест на Метрополис бидејќи преносите ќе имаат национален карактер, но ентузијазмот ми го врати Алсат кој е прва приватна станица која ги откупи правата на ЕУРО 2008 и која искрено сака овој голем спектакл да го пренесе кај нас и тоа не само со обични преноси, туку да направи вистинска атмосфера. Мене пак толку ми треба, моите адреналински жлезди одамна немаат гумички на славините така што веќе добар дел од кортексот кај мене е во хај и таков ќе остане се до крајот на првенството. Почнуваме на 7 јуни и тераме секој ден, ИМАШ СЛИКА - ГАСИ ТОН, повторно!!! Ви благодарам за прекрасните 10 години.

Извор: Вечер 

 

 Посети:{moshits}