galaksija.jpgЗа еден обичен научен работник, кој одамна престанал суетно да се задлабочува во мислите над вечните прашања, новите резултати, коишто се појавиле во последниве дваесетина години, изгледаат сосема неочекувани. И таа неочекуваност за многумина се покажала како мошне непријатна.

Се работи за тоа дека новата ситуација во науката го става човекот пред природен избор. Или ќе ги прифати заклучоците на здравиот разум, заедно со неизбежните последици што произлегуваат од таквите заклучоци  да живее според Божјите заповеди и да ја исполнува Неговата добра волја, или ќе заклучи дека не се случило ништо изненадувачко, и ќе чека некакви дополнителни уточнувања коишто, можеби, ќе ја вратат изгубената доверба во науката. Но, во стварноста се случува нешто што не може да се објасни разумно. 
 
Денес во највисоките научни кругови се смета дека традиционалната научна метода е исцрпена, и доколку науката сака да оди понатаму во спознавањето на природата, ќе мора да користи други „канали“ за прибирање информации, позајмени од источната окултна мистика. Се создава крајно многузначна ситуација. Науката, којашто денес е во својата зрела возраст, со помош на рационалната метода на спознавање насобрала огромна маса системски, фундаментални знаења за природата. Долгата, чесна и макотрпна работа на поколенија научници почнала да дава добри плодови. И токму сега, кога од улогата на противник  улога што ì е наметната однадвор и којашто ì е неприродна  науката го возобновува своето вистинско лице на верна ќерка и најблиска помошничка на верата: во неа се одвива процес на свесно откажување од рационалната логика. Последната се заменува со теозофија, односно со нејзината матна ирационалност и со нејзините болни фантазии коишто зад себе немаат никаква реална основа.

Тука би било умесно да се кажат неколку збора за деструктивната улога на т.н. Бриселска научна школа, на чело со И. Пригожин. Нејзината основна теза има отворен богоборечки карактер: „Хаосот е причина за редот, и тој во себе содржи својства на организирачки принцип.“ Или, со други зборови, „хаосот го создава редот“ без каква и да е надвоершна помош. Овој светогледен постулат се базира на погрешна интерпретација на одредени физички експерименти, чија лажност неодамна била убедливо докажана од страна на група теоретичари под раководство на С. И. Јаковленко, д-р по физичко-математички науки.

Навистина, „за суд дојде (Господ) во овој свет, за да прогледаат слепите, а оние што гледаат, да станат слепи“  (Јован 9:39). Но, да ги оставиме последниве да ги „погребуваат своите мртовци“ (Матеј 8:22).


ЧУДЕСНОТО „РАЃАЊЕ“ НА ВСЕЛЕНАТА И НЕЈЗИНАТА ЧУДЕСНА ПРИРОДА

Претставата за материјата како неуништива категорија, во 20 век е изложена на ригорозно преиспитување. Атомите, од кои се состојат сите тела, се наоѓаат, во споредба на сопствените димензии, на големи растојанија еден од друг. Од друга страна, и самите атоми се состојат практично од празен простор. Атомското јадро зазема само еден трилионити дел од волуменот на атомот, Останатиот простор на атомот е опфатен со електронски облак, за чии носители (електроните) може само условно да се каже дека имаат некаков волумен. Така, материјата попрво може да се замисли како малечки супстанцијални островца во еден огромен океан од празен простор, одошто како тврда твар, каква што ја восприемаме преку нашите сетила. А и природата на тие островца – елементарни честички – излегува од рамките на обичната здрава смисла. Според современите сознанија, елементарните честички треба да се разгледуваат како непостојани згустоци на енергија, коишто на чудесен начин истовремено имаат и корпускуларни и бранови својства: од гледна точка на современата физика, статус на физичка реалност може да има само одредена севкупност на честички, разгледувани како енергетска средина, при што ниту еден дел од таа средина нема целосна независност од целината и од сето друго што е надвор од таа средина. На тој начин, не може да се замисли дека Вселената се состои од некакви првични „конститутивни“ единки, коишто можат да постојат одделно и независно едни од други. Светот е замислен и создаден како единствен џиновски шарен ќилим, при што неговите „конци“ не може да постојат одделно од целината, туку нивното постоење има смисла само ако се вткаени во ткивото на Вселената, во рамките на сеопфатното постоење.  
 
Самото поимање на брановидното движење има во физиката апстрактен карактер. Тоа е само „движење на материјата“ – „бран на водата“. Атомите во телата не престануваат со своето вибрационо движење дури и при темтература на апсолутна нула. Невистина, сега подобро се разбираат зборовите од Светото Писмо дека Бог сите нешта ги создал од ништо. Но, и според современите научни претстави, Вселената своето постоење го започнала од апсолутен вакуум. 

Вселената не постои од вечноста, туку има свој почеток во времето. Самото време, како и просторот, се појавиле истовремено со првичната материја, зашто неразделно се поврзани со неа. Процесот на „раѓањето“ на светот се опишува со научната теорија „Big Bang“ („Голема експлозија“). Веднаш треб да се каже дека овој термин не е соодветен и дека погрешно ја пренесува смислата на настанот, бидејќи набљудуваниот процес на зголемувањето на волуменот на Вселената воопшто не може да се претстави како последица на некаква експлозија. Ширењето на светот се одвива поразително рамномерно и, во прва апроксимација, е пропорцинално на растојанието меѓу две типични групи галаксии. Така, колку подалеку се наоѓаат галаксиите една од друга, толку брзината на нивното взаемно оддалечување е поголема. Ова е навистина премногу чудно својство на една обична експлозија. 

Материјата и зрачењето во Вселената, на крупен план, е распределена крајно еднородно во сите насоки. Но, експлозија не може да доведе до рамномерна распределба на материјата во целиот обем. Освен тоа, силата што дејствува на деловите од материјата, настанати при обична експлозија, е предизвикана од разликата на притисоците. Но, Вселената е сè што постои во матертијалниот свет. Надвор од  нејзините граници не постои ништо – ниту материја, ниту простор, ниту време, односно ја нема онаа „празнина“ во која таа би можела да се шири. Затоа самиот поим за разлика на притисоците е неприменлив во случајот на Вселената. Најдобар пример за разбирање на проблемот е аналогијата со детски балон кој рамномерно се шири, и на чија површина се нацртани точки коишто претставуваат галаксии. Кога балонот се шири, растојанието меѓу точките се зголемува. Притоа самите точки на површината на балонот остануваат на своите места, т.е., не се движат. Гледано така, единствено просторот меѓу галаксиите се зголемува, оддалечувајќи ги со тоа галаксиите една од друга. Но, ширењето на Вселената воопшто не влијае на одделните тела во неа. Идентичен случај е кога се шири облак од гас, при што самите молекули не го зголемуваат својот сопствен волумен.

„Големата експлозија“ имала одредена сила, „пресметана“ со неверојатна точност. Теориската анализа покажува дека, доколку во мигот на времето кој соодветствува на првата секунда на апсолутната скала на времето, кога сликата на ширењето е веќе сосема дефинирана, брзината на разлетувањето на материјата би се раликувала од реалната вредност за само 10-18 дел (во плус или во минус), тоа би имало катастрофални последици за судбината на Вселената: таа или веќе одамна би доживеала колапс, враќајќи се во почетната состојба на „материјална точка“, или нејзината материја одамна целосно би се расејала. Дали овој прецизен баланс е последица од слепа игра на случајни сили?
За целосна слика, треба да се каже нешто и за, редоследно, првата фаза на ширењето – т.н. „инфлациона“ ера, којашто траела само 10-35 секунди и којашто почнала во оној миг, која се „вклучил“ светскиот часовник на времето. Но, за тоа исклучително кратко време, од речиси апсолутно ништо, „зародишот“ на Вселената успеал да го зголеми волуменот за 10100 пати!!

Во древните времиња толкувачите на библискиот текст го споредувале свитокот на ракописот на Петокнижието на Мојсеј со Вселената. Одвиткувањето на свитокот наликува на ширењето на Вселената, а свиткувањето – на нејзино собирање. Спроед едно древно толкување на Библијата, името на „Семоќниот“ (на древноеврејски „Шедај“) се објаснува приближно вака: „Оној, Кој рекол „Доволно е“. Тоа толкување е проследено со предание според кое Вселената, кога била создадена, почнала да се шири со  огромна брзина, и во еден ми Бог ì рекол: „дај“ – т.е., „доволно е“! Можеби во тоа се содржи и моменталното и гигантско по својот размер ширење на просторот, коешто на научен јазик денес се нарекува „инфлациона“ ера на ширењето. Според таа научна концепција, понатамошното ширење продолжило, но не со таква колосална брзина, и тоа (според сценариото на „Големата експлозија“) благодарение на првичниот импулс стекнат во инфлационата ера.Температурата на Вселената почнала да се намалува, трошејќи го својот потенцијал на ширењето на светот.
Олег ПЕТРЕНКО       

Фома. Православный журнал для сомневающихся, № 1(4), 1997.

(Продолжува)

Подготви: д-р Драган Михајловиќ

Посети:{moshits}